Еурофарм Пелистер убедливо поразен во Гумерсбах

Ракометарите на Еурофарм Пелистер го претрпеа вториот пораз во групната фаза од Лигата на Европа на ЕХФ, откако на гостувањето во Германија беа надиграни од Гумерсбах со убедливи 38-28.
Македонскиот претставник сè уште ја бара првата победа во европското натпреварување. По поразот од Ла Риоха на домашен терен со 24-31 и ремито 31-31 против Вибжеже Гдањск во Полска, избраниците на Еурофарм Пелистер останаа на само еден бод.
Германскиот состав ја презеде контролата во завршницата од првото полувреме. Иако почетокот донесе релативно израмнета игра, серијата од четири последователни гола му овозможи на Гумерсбах да се одвои на 14-9 во 20. минута. На паузата домаќините имаа предност од 20-15.
Надежите на битолчани за резултатски пресврт дополнително се намалија на стартот од второто полувреме. Гумерсбах повторно направи серија од четири гола, зголемувајќи ја предноста на 26-18, со што практично го реши прашањето околу победникот.
До крајот германскиот тим продолжи да ги користи грешките на гостите, во еден момент стигна и до двоцифрена предност од 33-23, а потоа рутински го приведе натпреварот до конечните 38-28.
Еден од најзаслужните за убедливиот триумф на Гумерсбах беше Алекс Душебаев, кој постигна девет гола и забележа шест асистенции.