Лазаров: Фаворити сме со Луксембург, но да бидеме претпазливи – немаме никаков видео материјал!

Нов квалификациски циклус за ракометната репрезентација на Македонија, но иста е целта, а тоа е пласман на големо натпреварување. Македонија в среда во Скопје ќе игра против Луксембург во првиот меч од мисијата за пласман на Светско првенство 2028 година. По тој дуел, следува и гостување во Грција, а секако планот е две победи.
Селекторот Кирил Лазаров знае дека Македонија ја има фаворитската улога против Луксембург и целиот фокус сега е насочен на тој дуел.
„Имаме нов предизвик, квалификации за ЕП 2028. Имаме доста искуство со ваков тип на квалификации. Првиот ривал е Луксембург. Нема да бегаме од фаворитската улога, но секако дека ќе барам претпазливост од нашите играчи. Тие го сменија селекторот и немаме видео материјал да видиме како функционираат“, рече Лазаров, кој потенцираше дека со доаѓањето на натурализираниот Димитро Горига, националниот тим добил дополнителен квалитет.
„Дмитро доби македонско државјанство. Се работи за квалитетен играч, кој изминативе години покажа во дресот на Вардар дека имаше главна улога во освојување на шампионската улога. Сега е член на ПИК Сеген тим кој е во Топ 10 во Европа. Се надевам дека брзо ќе се вклопи во екипата, дека момците ќе го прифатат“, реферираше Лазаров.
На првиот собир секако ги немаше репрезентативците кои настапуваат во Еурофарм Пелистер и Вардар, кои вечерва играат дерби од лигашкиот дел. Лазаров потенцираше дека посакува по завршувањето на дербито сите репрезентативци да останат здрави и да може да бидат максимално подготвени за репрезентативните обврски кои ќе следуваат.