Љубомир Спасиќ со петто место во генералниот пласман на Европските купови

Македонскиот репрезентативец во кајакарски спуст Љубомир Спасиќ забележа уште еден значаен меѓународен успех на финалето од Европските купови што се одржа на реката Ди во Ланголен, Велс, потврдувајќи го континуитетот на врвни пласмани во сениорска конкуренција. ​

Во саботните спринт-трки, Љубомир Спасиќ по првото возење го зазеде 6-тото место, а по завршувањето на второто возење финалето од Европскиот куп го заврши на 7-мото место. Со освоените бодови од финалниот натпревар, Спасиќ ја заокружи сезоната на 5-тото место во генералниот пласман на Европските купови за 2026 година, во силна конкуренција од дури 257 натпреварувачи. ​

Успешниот настап на Љубомир Спасиќ во Велс беше надополнет и со освоеното 2-ро место во тимскиот настап, каде што настапи во мешан состав заедно со натпреварувачи од Србија. Дополнително, на денешните класични трки Спасиќ се пласираше на 8-мото место, со што уште еднаш се потврдува дека македонскиот спуст константно има резултати и пласмани во најдобрите топ 10 кајакари на европски и светски натпреварувања.

​„Задоволен сум од континуитетот во текот на целата сезона и од начинот на кој го заокруживме настапот во Ланголен. Да се биде петти во генерален пласман од 257 натпреварувачи и постојано да се држи чекор со најдобрите десет во Европа и светот е голема мотивација за понатаму. Посебно ме радува и тимскиот подиум, како и успехот на помладите сили“, изјави Љубомир Спасиќ. ​

Покрај одличните резултати на Љубомир Спасиќ во сениорска конкуренција, голем успех за македонскиот кајак во Ланголен оствари и Благој Гугинов, кој е победник во генералниот пласман на Европските купови во јуниорска конкуренција. ​Следниот голем предизвик за Љубомир Спасиќ се натпреварите во Кина, кои ќе се одржат во периодот од 14 до 21 декември.