Најскапата постава која нема да настапи на ЕП 2020!

Угледниот „Трансфермаркт“ ја објави најскапата постава сочинета од фудбалери чии репрезентации нема да играат на претстојното Европско првенство, а најмногу фудбалери доаѓаат од Балканот. Европското започнува на 11. јуни и ќе трае до 11. јули, а ова натпреварување ќе го пропуштат неколку доста силни репрезентации, а некои од нив се во регионот.
Познатиот медиум кој е специјализиран за процена на вредноста на фудбалерите ја одбра најскапата постава, а составот е „тежок“ дури 496 милиони евра.
На голот се наоѓа голманот на Словенија, Јан Облак, а пред него се дефанзивците Никола Миленковиќ, Мараш Кумбула и Костас Манолас.
Средниот ред го предводи искусниот Миралем Пјаниќ, а со него во друштво е и Сандер Берге. Пред нив е сместен најдобриот играч на Србија, Сергеј Милинковиќ-Савиќ. На десно крило се наоѓа норвежанецот Мартин Едегард, додека на левата крилна позиција е уште еден српски интернационалец, Филип Костиќ.
Во нападот се младите ѕвезди на Норвешка и Србија – Ерлинг Халанд и Душан Влаховиќ.