Халанд: Челзи? Се надевам дека тоа не е вистина!

Напаѓачот на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд изјави дека вестите за негов трансфер во Челзи за 175 милиони евра се само гласини.

Германски „Скај“ претходно објави информација дека Челзи неформално понудил еден играч и пари како би проверил какви се шансите за доведување на Халанд. Лондонскиот клуб наводно беше спремен да го понуди Тами Абрахам или Калум Хадсон-Одои.

Подоцна пристигна информација дека се подготвени да понудат 175 милиони евра за Норвежанецот. Сепак, Халанд ги отфрли таквите наводи.

„Навистина немам што многу да кажам на таа тема. Имам уште три години договор со Дортмунд и уживам овде. Не се грижам премногу. Тоа се многу пари, а јас се надевам дека тоа се само гласини, бидејќи тоа е премногу за еден фудбалер.“ – вели Халанд.

Челзи е во потрага по нов напаѓач иако минатата сезона, под водство на Томас Тухел, ја освои Лигата на шампионите.