Австралија го сруши азискиот рекорд

Репрезентацијата на Австралија во второто коло од третиот круг на азиските квалификации за Светското првенство во Катар го победи Виетнам во Ханои со 1:0.

Стрелец на единствениот погодок во 42. минута беше Рајан Грант. Виетнамците 15 минути претходно бараа пенал, бидејќи истиот играч играше со рака во шеснаесетникот, но ВАР не се сложи.

За Австралија тоа беше десетта победа по ред во квалификации за СП, а таква низа во историјата немала ниту една репрезентација која се натпреварува под Азискиот фудбалски сојуз. Австралија во 2006. година го напушти Океанскиот сојуз и се приклучи на Азискиот.

Во првиот круг беше слобона, во вториот оствари осум победи од осум натпревари во групата со Кувајт, Јордан, Непал и Кинески Тајпеј, а во третиот пред Виетнам ја совлада Кина.

Во третиот круг од квалификациите, 12 репрезентации се поделени во две групи, а по две најдобри ќе се пласираат во Катар, додека двете третопласирани ќе одат во дополнителни квалификации.