Холандски тренерски великан објави крај на кариерата
Гус Хидинк, еден од најголемите холандски тренери на сите времиња објави дека заминува во пензија на 74 годишна возраст.
Тој ја заврши кариерата која траеше 34 години и во текот на која по два пати ги водеше ПСВ, Валенсија, репрезентацијата на Холандија и Челзи, како и по еднаш Фенербахче, Реал, Бетис, Јужна Кореја, Австралија, Русија, Турција, Анжи, младата репрезентација на Кина и Курасао.
Најголемите успеси ги оствари со ПСВ, кој го водеше до шест шампионски титули и четири Куп трофеи, како и до Купот на европските прваци во 1988. година, што е круна на неговата кариера.
Со Холандија, успеа да стигне до четвртото место на СП 1998. година, а четири години подоцна сензационално до истиот успех стигна и со Јужна Кореја, за што доби и почесно државјанство на таа земја.
Хидинк е еден од тројцата добитници на наградата за животно дело на Холандскиот фудбалски сојуз, останатите двајца се Ринус Михелс и Јохан Кројф.