Познато е кога Ансу Фати се враќа на теренот
Барселона конечно доби добри вести во една од најлошите години во клупската историја, која кулминираше со заминувањето на Лионел Меси.
По скоро 10 месеци пауза поради повреда на коленото, наскоро на фудбалот ќе се врати Ансу Фати, откритието на Барселона во пандемиската ера и предводникот на нејзината нова генерација таленти.
Минатиот ноември, месец дена по 18. роденден, шпанскиот напаѓач роден во Гвинеја-Бисау го повреди коленото и мораше на операција на менискусот, поради која досега пропушти 47 натпревари.
Медиумите јавуваат дека Фати ќе пропушти уште еден натпревар против Кадиз, но би требало да го избегне „јубилејниот“ 50. пропуштен натпревар и да биде подготвен за натпреварот со Леванте.
Фати се приклучува на тренинзите со се поголем интензитет и во клубот се надеваат дека ќе биде подготвен веќе за викендот.