ФИБА Евро Куп: Пополнети 12 места, остануваат уште шест
Натпреварувачкиот „костур“ во ФИБА Евро Купот станува се „поисполнет“ по одигрувањето на квалификациските турнири од ФИБА Евролигата.
Вкупно 12. екипи кои не ги поминаа квалификациите, се „преселија“ во второто, спред рангот, натпреварување на ФИБА – Еврокупот.
Опцијата да „одат понатаму“ ја прифатија Монс (Белгија), Хапоел Елијат (Израел), Кафенберг (Австрија), Лондон Лајонс (Велика Британија), Спортинг (Португалија), Бакен Беарс (Данска), Морнар (Црна Гора), Опава (Чешка), Перистери (Грција), Лејден (Холандија), Парма (Русија) Цмоки Минск (Белорусија).
Тие им се приклучија на уште 14.екипи кои имаа директен пласман во една од осумте групи од ова натпреварување.
Последни шест учесници ќе ги дадат квалификациите кои од 28. септември до 1. октомври ќе се одржат во четири града: Гронинген (Холандија), Софија (Бугарија), Краснојарск (Русија) и Парну (Естонија).
Освен четирите победници на овие турнири, место во регуларниот дел од сезоната ќе има и за уште две екипи, т.н. „среќни губитници“ од овие турнири.
Македонија има два свои претставници во овие квалификации од ФИБА Евро Купот.
На 28. септември, во Краснојарск, екипата на ТФТ ќе го игра првиот елиминациски меч од групата „Ц“ во кој за противник го има унгарскиот Натурекс Сегед.
Истиот ден, но како дел од турнирот од групата „А“ кој се игра во Гронинген, Куманово 2009 ќе го игра четвртфиналето против австриската екипа Гмунден Сванс.