Спировски: Верувам дека сме на правиот пат

Македонскиот репрезентативен фудбал по завршувањето на Европското првенство 2020. отвора нова страница во својата историја. Под водство на новиот селектор Благоја Милевски, селекцијата ги продолжува квалификациите за пласман на Светското првенство. Нашиот најдобар национален тим ќе се обиде во овие квалификации да остане конкурентен за второто место до самиот крај.

Стефан Спировски, еден од фудбалерите во македонскиот национален тим кој остави силен впечаток на септемвриските натпревари против Ерменија, Исланд и Романија зборува за првичните впечатоци од соработката со новиот селектор и стручниот штаб, како и за важноста, тимот да биде над сѐ.

–  Впечатоците од нашата соработка со новиот селектор Благоја Милевски и стручниот штаб се повеќе од позитивни. Иако времето за подготовките пред септемвриските натпревари беше релативно кратко, имам само пофални зборови за почетокот на нашата соработка. Прв пат сме заедно, но веднаш се забележува неговата принципиелност во работата, како тренер, но и како човек, а тоа го потврдуваат и моите колеги кои веќе работеле со него. Мислам дека како тим ќе соработуваме добро во иднина.

Фудбалерот од средниот ред кој започнува нова клупска авантура во украински Мариупол вели дека за фудбалерите е многу значајно што селекторот воспоставува непосредна и блиска комуникација.

–  Навистина е значајно за мене, а верувам и за сите други, тоа што е отворен за сите во тимот. Доколку било кој од фудбалерите му се обрати за одредена ситуација, селекторот ќе биде тука за нас. Да нѐ ислуша и разговара. Да посочи на грешка или да искаже пофалба за одредена работа. На последните три натпревари покажавме како треба да се игра за националниот дрес. Можеби резултатски не ги оправдавме очекувањата на публиката, но ние знаеме дека сме на вистинскиот правец. Убедени сме дека резултатите ќе дојдат доколку продолжиме да работиме на овој начин.

Спировски истакнува дека подготовката за натпреварите е она што посебно ги прави задоволни фудбалерите во репрезентацијата, а се однесува на тактичката анализа за натпреварите, инструкциите кои ги добива секој фудбалер посебно и анализа на противникот до најситните детали.

–  Подготовката за натпреварите е различна. Ние знаеме дека секој тренер има свој методи на работа. Овој селектор и неговите соработници ни ги доловуваат и најситните детали. Се внимава и посветува внимание на секој сегмент од играта, од недостатоците и слабите страни на противникот, па сѐ до нашата поставеност. Секој од нас знае што треба да прави на било кој дел од теренот.