Јагуриновски се врати од Исланд и потпиша за Пролет

Македонскиот репрезентативец Томислав Јагуриновски е првото засилување на тимот на Пролет 62 за наредната сезона. За одличниот десен бек беа заинтересирани уште неколку екипи, но раководството на Пролет успеа да го убеди Јагуриновски во квалитетот на проектот планиран за наредната сезона, по што на обострано задоволство беше потпишан договор за соработка.

Јагуриновски доаѓа во Пролет од редовите на исландскиот клуб Тор, каде настапуваше во одлична форма под водство на тренерот Стевче Алушовски. Репрезентативецот, кој претходно во кариерата ги бранеше и боите на Металург и на Вардар, а сега се одлучи да настапува за Пролет.

„Презадоволни сме што успеавме да го договориме трансферот на Јагуриновски, македонски репрезентативец со кого ги потврдуваме амбициите за враќање во борбата за висок пласман за наредната сезона. Не се сомневаме дека тој ќе внесе дополнителен квалитет во нашата игра, но и енергија на теренот, нешто што го краси Јагуриновски низ неговата кариера“, изјави директорот на РК Пролет, Сашо Огњеновски.

Томислав Јагуриновски беше дел од македонската репрезентација што оствари голем успех со пласманот на СП 2022.