Ангела Јанкуловска сериозно се повреди, Македонија ослабена на Европското првенство

Македонската ракометна репрезентација остана без Ангела Јанкуловска, која поради тешка повреда на коленото ќе мора подолго време да биде надвор од терените. Нејзиниот клуб, словачка Дунајска Стреда, потврди дека македонската ракометарка успешно била оперирана, но дека за неа актуелната сезона е завршена.

Јанкуловска се повреди на домашниот реванш натпревар против Салерно во рамките на ЕХФ Европскиот куп. За време на операцијата била извршена реконструкција на лигаментот што ја стабилизира чашката на коленото, по што следува долг процес на рехабилитација.

„Ангела Јанкуловска, нашиот лев бек, успешно беше оперирана на одделението за ортопедија, откако се здоби со повреда на коленото на домашниот реванш-натпревар против Салерно во рамките на ЕХФ Европскиот куп. За време на операцијата беше извршена реконструкција на лигаментот што ја стабилизира чашката на коленото. Енџи ќе го помине викендот во болница, а од понеделник ќе започне со рехабилитација и долг процес на закрепнување. За жал, по ваков тип повреди, враќањето на терените се очекува да трае од седум до девет месеци, што значи дека Енџи најрано ќе можеме повторно да ја видиме во дресот на нашиот тим следната сезона“, објави словачкиот клуб.

Повредата на Јанкуловска е сериозен удар за македонската репрезентација, која нема да може да смета на нејзините услуги на претстојното Европско првенство. Избраничките на селекторот Игор Марковиќ ги очекуваат дуелите со Норвешка, Швајцарија и Романија, а отсуството на македонскиот лев бек дополнително ќе ја отежне задачата на националниот тим.