Пеп атракција на трибините, Барса загуби по продолжение од Олимпијакос

Актуелниот европски првак Олимпијакос ја забележа петтата победа во Евролигата, откако по голема драма и продолжение ја совлада Барселона на гостински терен со 105-100, во дербито од шестото коло.
Возбудливиот дуел во салата „Блауграна“ од трибините го следеше и Пеп Гвардиола, кој само два дена претходно беше присутен на натпреварот од Лигата на шампионите меѓу Манчестер Сити и ПСЖ. Шпанскиот стратег имаше можност да ужива во вистинска кошаркарска драма, во која Барселона во последните моменти се избори за продолжение со спектакуларна тројка на Џастин Робинсон.
Сепак, во дополнителните пет минути Олимпијакос покажа поголема смиреност и успеа да го скрши отпорот на каталонскиот гигант за голем триумф на гостински терен.
Со оваа победа грчкиот тим стигна до петтиот триумф во досегашниот дел од сезоната, додека Барселона по шест одиграни кола има по три победи и порази.
Во редовите на каталонскиот тим, Тајрис Мартин и Џастин Робинсон беа најрасположени за игра, постигнувајќи по 17 поени. Кај Олимпијакос, прво име беше Саша Везенков со 25 поени, а значаен придонес дадоа и Ндијае и Милер-Мекинтајер со по 17 поени.