Јуве пак мора пред суд заради финансиски нелогичности

Градското обвинителство на Торино подготвило досие за судењето на поранешниот претседател на италијанскиот фудбалски клуб Јувентус Андреа Ањели, како и на други колеги од раководството, пренесува агенцијата АНСА. Вкупно, истрагата за финансиски неправилности и прекршоци во Јуве ќе опфати 11 лица.

Сите тие се под сомнение за прекршување на финансиското управување на најуспешниот италијански клуб. Поточно, истрагата е за фалсификувани документи за трансфери на пари, измама и зголемени суми за купување играчи, вклучувајќи го и потпишувањето на португалскиот напаѓач Кристијано Роналдо, кој играше за Јувентус од 2018 до 2021 година.

Но, тоа не е се, раководството на клубот може да биде обвинето за ширење лажни информации за финансиската состојба на гигантот од Торино, манипулирање на пазарот, давање лажни пријави за приходи за непостоечка активност, попречување на ревизорската контрола и ограничување на влезот на даночните службеници. Од клубот овие обвинувања ги дефинира како неосновани.