Тајсон загуби на поени од јутјуберот Џејк Пол

Јутјуберот Џејк Пол го победи Мајк Тајсон (58) во професионална борба што се одржа во Далас.

Пол славеше со едногласна одлука на судиите на стадионот „Далас каубојс“ со 80:72, 79:73, 79:73.

Долгоочекуваниот спектакл пред околу 80.000 гледачи го пренесуваше „Нетфликс“, а борбата се одржа под покровителство на Атлетската комисија на Тексас.

Тајсон доста добро ја започна борбата, беше брз и агилен, но дека е човек во години се покажа на почетокот на втората рунда кога почна да го губи здивот.

Пол беше видно посвеж, поактивен во продолжението и по осум рунди од две минути славеше.

Ова беше прва професионална борба на Тајсон од јуни 2005 година, кога загуби од Кевин Мекбрајд.

Сега има биланс од 50 победи и седум порази, додека Пол има скор од 12 триумфи и еден пораз.