Стив Купер доби отказ од кормилото на Лестер Сити

Ерик Тен Хаг беше првиот, а Стив Купер е втор менаџер во Премиер лигата кој доби отказ од почетокот на оваа сезона.

Велшкиот стручњак досега беше на клупата на Лестер, но доживеа порази во последните четири кола и раководството на клубот немаше друг избор, освен да ја прекине соработката со него.

Во текот на оваа лоша серија, „лисиците“ три пати загубија во англиското првенство и еднаш во Лига купот.

Купер требаше да го смени Енцо Мареска кој во текот на летото се пресели на клупата на Челси, но не ги оправда очекувањата. За него ова е втор отказ за помалку од една година бидејќи во декември 2023 беше отпушен од Нотингем Форест.