Седум светски рекорди на првиот ден од пливачкиот Мундијал во Унгарија

Неверојатен старт на Светското првенство во 25-метарски базени во Будимпешта. Во текот на првиот ден беа соборени осум светски рекорди.

Самер Мекинтош ја продолжува својата сезона од соништата. По трите златни медали на Олимписките игри во Париз, 18-годишната Канаѓанка го собори светскиот рекорд на 400 слободно на СП во 25-метарски базени.

До целта и златниот медал стигна за 3:50.25 минути, а за една секунда и пет стотинки ја надмина границата од соништата која беше во сопственост на Кинеската Ли.

Мекинтош пристигна во Будимпешта како прва ѕвезда на шампионатот и тој статус уште првиот ден го оправда.

Лани Палистер (3:53,73) го зазеде второто место со рекордот во Океанија, додека трета заврши уште една Канаѓанка, Мари Софи Харви.

Расположена за соборување на рекорди е и Гречел Волш. Таа утрото го постави најдобриот планетарен резултат на 50 метри делфин со 24.03 секунди, а потоа во полуфиналето ја помести сопствената граница на 23.94 секунди. За околу шест часа Американката заработи 50.000 долари, бидејќи секој светски рекорд се наградува со 25.000 зелени банкноти.

Трендот на поместување на границите на соништата продолжи во истата дисциплина, но во машка конкуренција. Швајцарецот Ноа Понти во полуфиналето стигна до целта за 21.43 минути и го надмина претходниот личен и светски рекорд за седум стотинки.

По Понти, на ред дојде Кејт Даглас. Американката во финалето во дисциплината 200 метри мешано исплива 2:01.63 минути и го надмина една деценија стариот рекорд на славната Унгарка Катинка Хосу. Втора беше нејзината сонародничка Алекс Волш, а трета Британката Аби Вуд.

Женската штафета 4 x 100 слободно на САД го постави најдобро време во историјата. Даглас, Шекел, Беркоф и Волф ја минаа патеката за 3:25.01 минути. Во истата дисциплина златото го освои и машката штафета на САД со време на нов светски рекорд. Алекси, Хобсон, Смит и Џулијано пливаа 3:01.66 минути.