Добри вести за Мареска, Џексон спремен за враќање на терените

Напаѓачот на Челзи, Николас Џексон се враќа на тренинзите со соиграчите по долго отсуство поради повреда, што е одлична вест за тренерот Енцо Мареска.

Џексон нема играно од почетокот на февруари, но неговото враќање доаѓа токму навреме додека лондончани се подготвуваат за решавачката фаза од битката за место во Лигата на шампионите.

Првиот сериозен тест е лондонското дерби против Тотенхем кое ќе се одигра на 3 април. Сезонава Џексон е втор стрелец на тимот, постигнувајќи девет гола на 23 натпревари. Пред него е само Кол Палмер со 14 гола. Самиот Англичанец, сепак, се бори со повреда на мускулот што го спречи да учествува на последните натпревари на Англија. Челзи се надева дека и тој ќе биде на располагање за претстојниот важен натпревар со Тотенхем.

Без Џексон во својот состав, сините забележаа четири победи и три порази во последните седум натпревари. Лондончани во моментов се на четвртото место во поредокот со мала предност – еден бод повеќе од Манчестер Сити и два пред Њукасл и Брајтон.