Паладино потпиша нов договор со Фиорентина

Екипата на Фиорентина и официјално соопшти дека тренерот Рафаеле Паладино ќе остане на кормилото на тимот до 2027 година. Од клубот од Фиренца информираа дека ја активирале клаузулата за продолжување на договорот со младиот стратег до 30 јуни 2027 година.

Официјализацијата на продолжената соработка доаѓа во пресрет на важниот реванш дуел од полуфиналето во Конференциската лига, каде „виолетовите“ на домашен терен ќе се обидат да ја надоместат минималната негатива од првиот натпревар против Бетис (1:2).

Фиорентина моментално се наоѓа на осмата позиција во Серија А со 59 освоени бодови, и продолжува да се бори за пласман во Европа и следната сезона.

Паладино, кој има 41 година, ја презема Фиорентина минатата година, по своето деби како тренер на Монца во периодот од 2022 до 2024 година. Под негово водство, тимот доби нова енергија и амбиција, а управата очигледно верува дека токму тој е човекот кој може да ја води Фиорентина кон нови успеси.