Луди цени на билетите за Мундијалот во 2026 година

Светското првенство во 2026, кое ќе се одржи во САД, Мексико и Канада, уште сега се најавува како голем спортски спектакл, но нема да можат сите кои сакаат да си дозволат да бидат на трибините.

За првпат во историјата на Мундијалот ќе учествуваат 48 репрезентации и ќе се одиграат вкупно 104 натпревари, што го прави најмасовен досега. Продажбата на билети веќе започна, а цените се рекордни. Така, пакет за осум натпревари на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси, каде ќе се одигра и финалето, чини неверојатни 73.200 долари.

ФИФА нуди и т.н. „Follow my team“ опција, билети за навивачи кои сакаат да ги следат сите мечеви на својата репрезентација. На пример, доколку некој сака да ги гледа првите четири натпревари на Шпанија, ќе треба да одвои околу 9.000 долари по лице.

Според анализата на британскиот „Атлетик“, просечната цена на билет за еден натпревар во групната фаза изнесува околу 305 долари, а се очекува овие суми значително да пораснат како што турнирот ќе преминува во елиминациските рунди.