ФИФА го менува календарот од следната сезона

Светската фудбалска федерација (ФИФА) воведе значајна промена во фудбалскиот календар, која ќе стапи на сила од сезоната 2026/2027 и ќе влијае на паузите за националните тимови.

Тековната пауза е последна што ќе се одржи на почетокот на септември. Од 2026 година, паузите во септември и октомври ќе бидат комбинирани во еден подолг период.

Така, есента 2026 година, првата пауза за националните тимови ќе трае од 21 септември до 6 октомври. Ова значи дека нема да се играат клупски натпревари три недели. Во овој интервал, националните тимови ќе играат по четири натпревари, наместо сегашниот формат – два во септември и уште два во октомври.

Втората есенска пауза ќе остане во ноември, при што националните тимови повторно ќе играат два натпревари помеѓу 9 и 17 ноември.