Гарабаја: Во Лигата на шампионите мораме да играме перфектно шеесет минути

По двата порази по ред против ПСЖ и ГОГ Гудме, македонскиот шампион Еурофарм Пелистер го чека непредвидливо гостување кај првакот на Полска, Висла Плоцк. Дуелот кој се игра в среда од 20:45 часот на теренот на Висла го најавија тренерот Гарабаја и бекот Павле Атанасијевиќ.

Рубен Гарабаја
(тренер на Еурофарм Пелистер)

Играме со Висла Плок, тим кој постојано расте и станува многу посилен. Имаат одлична атмосфера во салата и претставуваат сериозна закана за сите ривали. Играат со висок притисок и неверојатно цврста одбрана која е добро синхронизирана и разноврсна. Мораме да бидеме фокусирани и да не правиме грешки, зашто тие веднаш ќе ја искористат таквата ситуација. Брзи се во нападот и ги казнуваат сите грешки на ривалите. Ова е Лига на шампиони, тука нема простор за импровизации. Играме против најдобрите тимови во Европа и сакаме да освојуваме бодови. Се надевам дека нема да имаме кризен период во играта, како што беше случај на натпреварот со ГОГ Гудме, кога немавме добри солуции цели 15-20 минути. Мораме да одиграме перфектно во текот на целиот натпревар, само така може да се надеваме на позитивен епилог.

Павле Атанасијевиќ
(РК Еурофарм Пелистер)

Се подготвуваме колку што можеме, имаме напорен распоред и три натпревари во само седум дена. Висла е силен противник, кој летово доведе уште подобри играчи во својот ростер, но и минатата година се претставија во одлично светло. Нивното ниво сега е уште повисоко, затоа мораме добро да ги анализираме и да се спремиме соодветно. Малку ја вративме самодовербата после победата над Охрид, таму го прикажавме нашето вистинско лице. Мечот со Вардар е во минатото, сега се фокусираме само на идните предизвици.

Мадс Хансен и Јеспер Мадсен од Данска ќе му судат на шампионот Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите на гостувањето во Плоцк.