
Репрезентацијата на Македонија до 21 година ги започна подготовките за претстојните натпревари од октомврискиот циклус на квалификациите за пласман на Европското првенство 2027 година.
На 10. октомври, во рамки на третото коло, нашата селекција во Битола на стадионот „Петар Милошевски“ ќе ја пречека репрезентацијата на Ерменија, додека на 14 октомври во Тузи ќе гостува кај Црна Гора. Селекторот на нашата репрезентација, Горан Станиќ поради повреда нема да може да смета на двајца фудбалери, Мухамед Елмас од Македонија Ѓ.П. и Џезаир Авдули од Арсими.
Фудбалерот од средниот ред, Теодор Николовски верува дека тимот ќе биде максимално фокусиран на подготовките и натпреварите, смета дека концентрација во завршницата овојпат нема да недостасува.
„Не очекуваат два тешки натпревари против Ерменија и Црна Гора. Максимално сме фокусирани и подготвени за претстојните предизвици. Се надевам дека ќе ги исполниме сите барања на селекторот и стручниот штаб и ќе оствариме позитивен резултат. На претходните два квалификациски меча, и покрај поразите, мислам дека не одигравме лошо. Имавме добри моменти и создадовме неколку сериозни прилики за погодок, но ни недостигаше повеќе концентрација во завршницата. Свесни сме каде погрешивме и верувам дека ќе ги поправиме грешките на следните натпревари“.
Во првите два натпревари Македонија двапати загуби од селекциите на Полска и Италија.