Даскаловски: Направивме добар скаутинг и ја задржавме словачката мисија

Во вториот натпревар во ФИБА Евро купот, а прв пред својата публика во Битола, кошаркарите на Пелистер вечерва ја совладаа словачката екипа Превидза со 90-83 и го забележаа првиот триумф во клупската историја на европската сцена. Најефикасен во редовите на битолскиот состав беше Прајс со 25. поени. Малешевиќ додаде 18. поени и девет скокови, а Вилсон уфрли 13. поени.
Тренерот на македонскиот претставник, Борче Даскаловски, го анализираше натпреварот.
„За тоа како го доживеав мечот, ќе треба да ви дадам ЕКГ запис, за да видите како работеше моето срце и колкав ми беше пулсот. Одработивме одличен скаутинг на ривалот, но повторно ни се провлекуваат некои наивни грешки кои не смееме да ги правиме.
Противникот е добар тим, со квалитетни странци кои знаат да вршат притисок резултатски во почетокот на мечот. Ја задржавме нивната мисија, не дозволивме да се одлепат, а во второто полувреме успеавме да создадеме предност и да држиме контрола на мечот.
Овој меч и оваа победа многу ни значи, не само нам, туку и на навивачите и на цела Битола“.
Веќе в петок од 19:00 часот пелистерци играат натпревар од домашниот шампионат против Маџари.