Шкендија со многу мака ја совлада Брера во Струмица

Екипата на Шкендија успеа да слави победа на гостувањето во Струмица кај Брера со 3-2. На полувремето тетовскиот тим имаше предност од 0-2, но домашниот тим во вториот дел направи мечот да биде неизвесен, и на двапати дојде до еден гол негатива, но на крајот не успеа да реализира две добри шанси да постигне трет гол, и да извлече бод од овој натпревар.

АП Брера добро парираше на Шкендија на почетокот на натпреварот, меѓутоа една долга топка од Вебстер и грешката на голманот Илоски и одбраната на домашните фудбалери, Адеми ја претвори во гол за предност. Од тој момент гостите беа подобар ривал, и веднаш имаа шанса да дојдат до втор гол, ама ударот на Спахиу го одбрани Илоски.

Во 26. минута по една добра акција, Ване Крстевски од десната страна погоди во голот и ја дуплираше предноста за Шкендија, која беше актуелна на полувреме.

Во 54. минута Ндзенгуе убаво избега на одбраната на Шкендија, и успеа да намали на 1-2. Сепак, шест минути подоцна Шкендија одново доаѓа на „плус два“. Трумчи проби по десната страна, додаде до Красниќи кој од 5-6 метри успеа да го совлада Илоски.

Напаѓачот на Брера Ндзенгуе пропушти во 63. минута да намали, откако не искористи пенал, односно Гаје му го одбрани ударот од белата точка. Меѓутоа во 70. минута овој фудбалер се извади за промашениот пенал, и стрелаше во мрежата на Гаје. Голот првично беше поништен поради офсајд, но по ВАР асистенција признат, и домаќинот во финишот имаше можност за да извлече бод.

Најпрво се закани Тамба кој можеше да го реши победникот во 81. минута, одбрани Илоски во корнер.

Во судиското надополнување прво Ндзенгуе, па потоа и Величковски имаа супер шанси за реми, но првиот не се снајде по одлична акција, односно беше изблокиран од одбраната на Шкендија, додека вториот се обиде со глава, меѓутоа топката мина сантиметри крај левиот дирек, и со тоа пропадна последната можност за голем бод на АП Брера од овој натпревар со шампионот.