Пелистер го доби дербито во Куманово

Кошаркарите на Пелистер експресно се вратија на победнички патеки во Супер-лигата, оставајќи го зад себе поразот од МЗТ минатиот викенд со одлична победа на гостувањето против Куманово со резултат 79-87.
Кумановчани имаа перфектен ефект дома во досегашниот дел од сезонава, вечерва за првпат имаа и поддршка од своите верни навивачи на трибините, но тоа беше само мотив плус за „пелистерци“ со одлична игра да го земат скалпот на овој незгоден ривал.Стајиќ ги постигна првите поени на натпреварот, по што центарот Вилсон нанижа седум поени во серија и донесе водство од 6-9. Куманово возврати и поведе со 14-11, но Пелистер имаше одговор за оваа мини-серија на противникот, подобро завршувајќи ја четвртината и поведувајќи со 22-24 со серијата од седум поени на Дејвис и Прајс. Вториот период беше и најслабиот на овој меч на „пелистерци“, во кој на противникот му беше дозволено да доминира (27-16) и на одмор да замине со водство од 49-40.
Пелистер ја покажа својата големина во второто полувреме, во кое „зелено-белите“ собраа сили за целосен резултатски пресврт. Клучна се покажа одличната одбрана во финишот од третата четвртина во која Пелистер четири минути не прими кош, правејќи целосен пресврт и поведувајќи со 62-67 на осум минути до крајот.
Кумановчани се обидоа да се вратат, но Пелистер секогаш имаше одговор, најпрвин преку Стајиќ, потоа и преку Крстевски осигурувајќи си ја оваа голема победа. Ленгстон Вилсон со 21 поен беше прв стрелец во овој триумф, 16 имаше Стајиќ, 15 Дејвис, а двоцифрен беше и Малешевиќ со 12 поени.