Минимален пораз на У21 селекцијата од Полска во Битола

Македонската репрезентација до 21 година го претрпе и петтиот пораз во актуелните квалификации, откако во Битола беше поразена од селекцијата на Полска со 0-1 во рамки на шестото коло од квалификациите за ЕП 2027.

Лидерот на групата, кој има 100% учинок во оваа кампања, на екстремно тешкиот терен во Битола многу подобро се снајде од нашиот состав. Голот го постигна навреме, во 33. минута преку Коцаба, со што ја валоризираше својата сериозна теренска надмоќ.

Во второто полувреме речиси идентична слика на теренот. Полска беше надмоќна, ги добиваше речиси сите дуели, додека нашите репрезентативци и покрај желбата да се спротивстават, едноставно не успеаја да создадат посериозна шанса, а ниту упатија директен удар кон голот.

Конечниот удар ни го зададе вториот жолт картон за Димески, добиен десетина минути пред крајот, по што Полска против десетмина наши фудбалери рутински го приведе мечот кон своја победа.

Македонија останува претпоследна на табелата, со само три освоени бодови од шест одиграни натпревари.