кошарка

Пелистер го совлада и Тиквеш и во одлична форма го чека плеј-офот

Пелистер импресивно ги одигра петте рунди од плејоф доигрувањето откако попладнево лесно и убедливо славеше над Тиквеш со резултат 100-93. Нападот повторно функционираше беспрекорно, беа постигнати над 100 поени, како јасна потврда дека битолчани во топ-форма ќе го дочекаат претстојното полуфинале во плјеофот со тимот на МЗТ Скопје.

Пелистер отвори бавно во нападот на самиот почеток, постигнувајќи само еден поен во првите три минути од мечот (1-5). Шутот профункционира, Џенкинс една минута подоцна погоди тројка за 6-6, а истиот кошаркар со уште еден прецизен обид од далечина го донесе и првото водство на „пелистерци“ на натпреварот (16-13, 7. Минута). Малешевиќ беше во главна улога во овој дел од мечот, па токму со поените на српскиот крилен кошаркар Пелистер ја доби првата четвртина со 29-25.

Крстевски ја отвори втората четвртина со тројка, Пелистер продолжи да го контролира резултатот, со неколкуте реализации на Вилсон одржувајќи ја предноста на девет поени (38-29, 40-31). Тиквеш за момент се приближи на 44-42 на помалку од 90 секунди до крајот на полувремето, но самата завршница мина во знакот на „зелено-белите“, Вилсон беше во главна улога и Пелистер замина на одмор со седум поени предност (51-44).

Тројката на Брејси Дејвис во 23. Минута го донесе првото двоцифрено водство на „пелистерци“ (56-46), а со тројката на Малешевиќ битолчани стигнаа и до плус 13 (59-46). Предноста се одржувапше до самиот финиш, завршницата на третата четвртина мина во знакот на Американците на Пелистер, Брејси Дејвис постигна пет, Вилсон три поени, но Тиквеш постигна четири поени во последните десет секунди и ја спушти разликата под десет поени (75-67).

Сите дилеми околу победникот беа разрешени по неколку минути од четвртата четвртина, Вилсон одигра одлично и постигна пет поени во низа, Брејси Дејвис реализираше од контранапад и „зелено-белите“ веќе имаа 82-68 во своја полза. Тиквеш се приближи до седум поени, но Пелистер имаше одговор, а последната четвртина ја одбележа и атрактивното забивање на Вилсон, откако ја протна топката низ нозе и потоа ја смести низ обрачот.

Во завршницата Даскаловски ги повлече дел од најдобрите кошаркари, но и оние помладите кои добија шанса максимално ја оправдаа довербата, па Пелистер рутински го приведе мечот до крај и конечните100-93.

Ленгстон Вилсон одигра одличен натпревар реализирајќи 29 поени и 9 скокови, Брејси Дејвис имаше 24 поени, а двоцифрен ефект имаа и Малешевиќ со 18 и Џенкинс со 11 поени.


Исак Бонга ќе го менува Партизан со клуб од НБА лигата

Германскиот кошаркар Исак Бонга би можел да го напушти Партизан оваа лето.

На 38 натпревари во Евролигата, тој имаше просек од 9,9 поени, 5,6 скока и околу 14,3 индексни поени на натпревар, додека во АБА-лигата имаше просек од малку помалку поени, 7,4 на натпревар, што го прави еден од најкорисните кошаркари во црно-белиот дрес.

Инаку, тој има клаузула во договорот што му овозможува да го напушти белградскиот клуб во случај да му се исплати отштета.

Грчките медиуми објавуваат дека Панатинаикос и Олимпијакос сериозно загризале за крилниот напаѓач и лесно би можеле да го донесат во своите редови.


Реал поведе во плеј-оф серијата против Хапоел

Кошаркарите на Реал Мадрид поведоа со 1-0 во четвртфиналната серија во Евролигата против Хапоел Тел Авив откако славеа на домашен терен со 86-82.

„Кралевите“ покажаа кој е кој уште од самиот почеток па веќе по првата четвртина имаа позитива од 27-18.

До крајот избраниците на Серџо Скариоло само рутински го приведоа мечот за конечен триумф од 86-82 и водство од 1-0 во серијата.

Кампацо со 21 поен беше прво име кај победникот, додека кај поразените недоволни беа 25 поени на Блејкни.


Дурант ќе го скокне петтиот плеј-оф натпревар со Лејкерси

Хјустон Рокетс не го стави во составот Кевин Дурант од петтиот натпревар од плејоф серијата на НБА од осминафиналето против Лејкерс на 30 април поради повреда на левиот глужд, објави „АП“.

Триесет и седумгодишниот Американец не учествуваше на тренингот на Рокетс на 28 април пред да замине за Лос Анџелес. Сепак, беше виден како трча на антигравитациска лента за трчање додека тимот ја завршуваше работата пред да замине за аеродромот.

Дурант го пропушти првиот натпревар од серијата поради повреда на десното колено, како и третиот и четвртиот натпревар. Во вториот натпревар (94-101), тој постигна 23 поени за 41 минута игра. Сепак, го повреди скочниот зглоб кон крајот на натпреварот.

Проблемите со повредите на Дурант во плејофот се појавија кошаркарот заврши втор во лигата по минути одиграни во регуларната сезона 2025/26 (2.840). Дурант, кој е во својата прва сезона со Хјустон откако беше продаден од Феникс во меѓусезоната, е петтиот најдобар стрелец во историјата на НБА.

Хјустон губи со 3-1 од Лејкерси во серијата прв до четири.


ТФТ ја загуби серијата со Широки, но има уште една шанса за место во АБА лигата

Кошаркаритенна ТФТ не успеаја да ја освојат титулата во АБА 2 лигата, откако го загубија и вториот натпревар од финалната серија против Широки Бријег, овојпат на домашен терен со 86-87.

Херој на гостите беше Трајс, кој со вкупно 30 поени, вклучително и решавачкиот кош на неколку секунди до крајот, донесе победа од 86-87 и му обезбеди на својот тим место во елитната АБА лига.

Кај ТФТ, најефикасен беше Ентони Говенс со 23 поени, но тоа не беше доволно за триумф со кој ТФТ ќе обезбедеше мајсторка.

И покрај поразот, ТФТ сè уште има шанса за пласман во најсилното регионално натпреварување, бидејќи ќе игра бараж против Борац Чачак, тимот кој заврши претпоследен во АБА 1 оваа сезона.


Француски Бург го освои Еврокупот

Кошаркарите на Бург ја освоија титулата во Еврокупот. Францускиот тим во два натпревари го доби Бешикташ. Минатата недела победија во Истанбул со 72-60, а пред своите навивачи, вечерва, во неверојатна завршница, славеа со 73-71.

Бург со триумфот во Еврокупот обезбеди пласман во Евролигата, но прашање е дали клубот ќе реши да игра во елитата. Проблем моѓат да бидат финансииите.

Натпреварот кој беше тензичен од самиот почеток, кулминирапе во последните 90 секунди. Бешикташ успеа да надомести минус од пет поени, со тројката на Метјузи изедначи на 71-71, а во последните 15 секунди нападот на Бург, одеше на Мокока, кој погоди од тешка позиција за победа и титула во Еворпкупот.

Бург го предводеа Кокила со 18, Мокока со 17, Мичел и Мекдауел Вајт со по девет поени. Кај Бешикташ, Метјуз постигна 18, Жижиќ 14, Лемар 13, Ентони Браун 10 поени.


ПАО без Слукас во плеј-офот на Евролигата

Кошаркарите на Панатинаикос со утрешното гостување кај Валенсија ја стартуваат плеј оф серијата сезонава во Евролигата. Но, на последниот тренинг на тимот пред дуелот се повреди капитенот и грчки репрезентативец Костас Слукас, што донесе загриженост во редовите на „зелените“.

Од скромните информации, Слукас за време на една од вежбите почувствувал болка во коленото и прекинал со работа. Дополнителните прегледи покажале повреда на менискусот.

Отсуството на Слукас ќе биде сериозен проблем за тренерот Ергин Атаман.

Од клубот се очекуваат и попрецизни информации за тежината на повредата и дали ќе биде потребна операција.

Првиот натпревар од четвртфиналето на плеј офот меѓу Валенсија и Панатинаикос се игра утре вечер со почеток во 20:45 часот.


Купер Флег најдобар „руки“ во НБА лигата

Тинејџерската сензација на Далас, Купер Флег е најдобриот дебитант, во НБА лигата, за сезоната 2025/2026.

Првиот избор од претходниот драфт заслужено ја освои номинацијата во анкетата на медиумите од 100 членови, но не беше толку убедлив како што можеше да се очекува.

Најголем конкурент му беше поранешениот цимер од Дјук, Кон Кнупел.

Флег имаше само 26 гласови повеќе од момчето од Шарлот кое постигна најмногу тројки во лигата оваа сезона и сериозно се наметна за престижната индивидуална награда.

Разликата помеѓу Флег и Кнупел е втората најтесна во историјата на гласањето за „руки“ на сезоната.

Само Скоти Барнс (378 поени) и Еван Мобли (363) водеа понеизвесна борба во сезоната 2021/2022.

Флег доби 56 гласови за првото место, останатите му припаднаа на Кнупел. Играчот на Далас исто така доби 44 гласа за второто место, додека Кнупел имаше 55 плус еден за третото место.

На 19-годишна возраст, Флег е вториот најмлад дебитан во сезоната по Леброн Џејмс.

Оваа сезона, Флег забележа просек од 21 поен, 6,7 скока и 4,5 асистенции по натпревар и влезе во кругот на најголемите легенди на оваа игра кои имаа над 20 поени по натпревар во дебитантската сезона, како што се Берд, Џордан и Дончиќ.

Кнупел, избран како четврти пик на претходниот драфт, беше статистички многу блиску до Флег, имаше просек од 18,5 поени, 5,3 скока и 3,5 асистенции.


Пелистер го надигра шампионот среде Скопје

Пелистер уште еднаш покажа дека се наоѓа во страшна форма токму во клучниот дел од сезоната, откако вечерва на гостински терен го декласираше тимот на МЗТ Скопје со убедливи 74-85. Битолските „зелено-бели“ по последниот триумф над лидерот ТФТ одиграа уште еден извонреден меч во кој целосно го надиграа актуелниот првак, на неколку минути до крајот имаа огромни „плус 23“ и јасно ставија до знаење дека се екипа од која ривалите треба да стравуваат во клучниот дел од сезоната.

Пелистер се соочи со проблеми на самиот почеток, откако МЗТ по нецели три минути игра поведе со 11-1 и го принуди Даскаловски во раната фаза од дуелот да го побара првиот тајмаут. Домаќинот имаше 13-1, нешто подоцна и 15-2, но Пелистер со четирите поени на Вилсон ја спушти негативата на едноцифрена разлика. „Зелено-белите“ ја стабилизираа играта, подобро ја завршија четвртината, па благодарение на реализациите на Митревски и на Лука Стојановски овој период од мечот заврши со 21-18 за МЗТ Скопје.

Охрабрени од одличниот финиш, „пелистерци“ одиграа одлична втора четвртина, со поените на Вилсон и на Стајиќ поведувајќи веќе на истекот на 11. Минута (21-22). Битолчани го одржуваа високото темпо и во нападот и во одбраната, МЗТ веќе не делуваше така сигурно како на почетокот, а Пелистер го искористи тоа за да ја преземе контролата над резултатот. Водството од минута во минута се зголемуваше, па со тројката на Брејси Дејвис „пелистерци“ стигнаа и до двоцифрена предност од 35-46, за на одмор да заминат со одлични девет поени предност (37-46).

Второто полувреме почна во сличен стил како и првото, Пелистер имаше проблеми во нападот, а МЗТ експресно се врати, намалувајќи на 44-46 со тројката на Дамјан Стојановски. Танасковиќ погоди тројка за 47-46, по што Даскаловски побара тајмаут откако неговиот тим три минути во второто полувреме не постигна ниту еден поен. МЗТ имаше и 49-46, но Брејси Дејвис постигна четири поени во низа и Пелистер се врати во минимално водство (49-50). Двата тима затаија во нападот извесен период, но битолчани први се разбудија, подобро ја завршија четвртината и по тројката на Андреј Митревски во последните десет минути влегоа со водство од 54-61.

„Зелено-белите“ продолжија со фуриозна игра на самиот старт од четвртата четвртина, стигнувајќи до најубедливи 13 поени предност (56-69), по што домашниот тренер мораше да реагира и да побара тајмаут. Ситуацијата на теренот, воопшто не се промени, Пелистер ја продолжи доминацијата, а во главна улога беше фантастичниот Брејси Дејвис, кој со тројка донесе најубедливи „плус 18“ (62-80). Пробиена беше и границата од „плус 20“ кога Џекинс постигна тројка за 62-83. Крстевски погоди за најубедливи 62-85, по што во самата завршница дојде до мало опуштање, што домаќините го искористија за да намалат на конечните 74-85.

Брејси Дејвис, кој блескаше во второто полувреме го заврши мечот со 18 поени, 7 скокови и 5 асистенции, еден помалку имаше Андреј Митревски, а двоцифрен ефект имаа и Стојановски со 16 и Џенкинс со 13 поени.

Оваа победа значи и дека на едно коло до крајот веќе нема дилеми, противник на Пелистер во полуфиналето од завршницата на сезоната ќе биде токму МЗТ Скопје.


НБА лигата изрече парична казна за Никола Јокиќ

НБА лигата го казни, Никола Јокиќ со 50.000 долари за инцидентот со Џејден МекДениелс, што се случи по завршувањето на четвртиот натпревар од плејофот помеѓу Минесота и Денвер.

Покрај Јоки, НБА го казни и центарот на Минесота, Џулиус Рендл со 35.000 долари за учество во инцидентот.

Сè започна по последниот звк на сирената, откако претходно, Џејден МекДениелс реши да го нападне кошот и да поентира на 1,3 секунди пред крајот, иако играчите практично престанаа да играат.

Тој потег не остана незабележан од Јокиќ, кој тргна од центарот на теренот кон противникот, што прво предизвика туркање пред клупата на Тимбервулвс, а потоа и општ хаос на паркетот.