кошарка

Првите “Џорданки“ продадени за 1,5 милиони долари

На аукција која се одржа во Лас Вегас, првите патики на легендарниот Мајкл Џордан беа продадени за 1.472.000 долари.

Патиките се од серијата Nike Air Ships, и Џордан ги носел на средбата против тимот на Денвер Нагетс која се играше на 1.ноември 1984.

Патиките после средбата завршиле како поклон кај момче кое било задолжено за бришење на паркетот во салата.


Лукиќ нов селектор на руската репрезентација

Српскиот стратег Зоран Лукиќ денеска е потврден за нов селектор на руската кошаркарска репрезентација.

Toj доаѓа на местото на Сергеј Базаревич, а официјално новата должност ќе почне да ја извршува од средината на ноември.

Покрај националиот тим на Русија, српскиот тренер ќе продолжи да седи на клупата на прволигашот Нижни Новгород.


Меѓусебна тепачка во тимот на ЛА Лејкерс (Видео)

Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс, Двајт Хауард и Ентони Дејвис за време на натпреварот против екипата на Феникс, започнаја расправа помеѓу себе која за малку ќе прераснеше во сериозна тепачка.

Инцидентот го започна Ентони Дејвис кој му дофрли некои зборови на Хауард кој седеше на клупата на Лејкерси, по што Хауард стана и дојде до меѓусебно туркање и расправија.

Доколку двајцата не беа разделени од нивните соиграчи на клупата сигурно ќе настанеше и посериозна тепачка.

Ла Лејкерс на крајот го загуби натпреварот со Феникс што е нивни втор пораз во две одиграни средби од стартот на новата сезона.

https://twitter.com/ClutchPointsApp/status/1451747796600590336?s=20

Серж Ибака го пропушта стартот на сезоната

Серж Ибака ќе го пропушти првиот натпревар на Лос Анџелес Клиперс во новата НБА сезона против Голден Стејт Вориорс, објави тренерот на Клиперс, Тајрон Лиу. 

Ибака се опоравува од повредата на грбот, поради што беше опериран во јуни. Иако започна да тренира, Серж сеуште не е подготвен за одигрување натпревари.

32 -годишниот Ибака во минатата сезона беше со просек од 11,1 поени, 6,7 скока и 1,1 блокади на 41 натпревар. 


Стартува 75 сезона на НБА лигата

Тимовите на Милвоки и Бруклин со нивниот меѓусебен натпревар кој се игра ноќта помеѓу вторник и среда, ќе го означат стартот на новата 75-сезона во кошаркарската НБА лига.

Бранител на титулата од минатата сезона е екипата на Милвоки Бакс кој во финалната серија го совлада Феникс Санс.

Редовниот дел од сезоната во НБА завршува на 10-ти април, додека плеј оф турнирот започнува на 16-април.



Ефес го засили нападот со Американецот Брајант

Актуелниот шампион на кошаркарската Евролига  Анадолу Ефес од Истанбул, во своите редови го доведе бекот Елајџа Брајант.

26-годишниот Американец  во екипата на Ефес пристигна од Милвоки Бакс, тимот со кој минатата сезона ја освои НБА лигата. Договорот е потпишан со траење од две години.

Брајант веќе има искуство со играње во Европа кога настапуваше во Израел за екипите на Хапоел Елиат и Макаби Тел Авив.


Хјустон го отпушти плејмејкерот Ексум

Тимот на Хјустон Рокетс реши да го отпушти кошаркарот од Австралија, Данте Ексум.

Плејмејкерот Ексум никогаш и не заигра за екипата од Тексас, поради повреда на листот во предсезоната.

Инаку Данте Ексум беше петти пик на Јута Џез на НБА драфтот во 2014 година. 


Вилијамсон има повреда на стапалото, ќе го пропушти стартот на НБА сезоната

Зајон Вилијамсон ќе го пропушти почетокот на сезоната во НБА лигата поради повреда на стапалото, за која исто така беше потребна операција за време на предсезоната.

Дејвид Грифин, потпретседател на „Пеликанс“, вели дека лекарите се охрабрени од начинот на кој коската закрепнува, но сепак, нема точен датум кога Вилијамсон ќе се врати на терените. Првите претпоставки се дека тоа ќе се случи за две и пол недели, кога Зајон повторно ќе биде прегледан.
„Целта на сите нас е Зајон да се врати на теренот што е можно побезбедно. Тој сигурно нема да биде на теренот првата недела од сезоната“, изјави Грифин.


Шенгелиа се повреди и ќе отсуствува подолг период

Кошаркарот на ЦСКА Москва, Токо Шенгелиа, поради повреда на рамото ќе паузира најмалку два месеци, објави клубот во официјално соопштение. 

Шенгелија го повреди зглобот на десното рамо на натпреварот на неговата екипа против Зенит од Санкт Петербург во рамките на Евролигата. 

Според првичните проценки на лекарите, Шенгелиа ќе отсуствува најмалку два месеци. 

Шенгелиа беше прогласен за МВП во последните две кола, и беше втор најдобар стрелец во лигата со просек од 21 поен по натпревар. 


Попович заминува од Сан Антонио следното лето

Грег Попович може да се повлече од тренерската функција во Сан Антонио по завршувањето на сезоната 2021/22. 72-годишниот кошаркарски стручњак треба да победи уште 26 натпревари за да го сруши рекордот на Дон Нелсон и да избие на врвот во историјата на НБА по бројот на победи како тренер.

Попович сега е на третото место со 1.310 победи, зад Дон Нелсон (1.335) и Лени Вилкенс (1.332).

Актуелниот помошник тренер на Бостон, Вил Харди се смета за најверојатен кандидат за наследник на Попович во случај на негово заминување. Поранешните играчи на Спарс, Тим Данкан и Ману Џинобили исто така, претендираат на тренерското место на тимот од Тексас.