кошарка

Дрес на Коби Брајант продаден за огромни 5.8 милиони долари

Дрес кој му припаѓаше на кошаркарската суперѕвезда Коби Брајант, со потпис од починатиот играч, на аукција е продаден за огромни 5.8 милиони американски долари.

Аукциската куќа која ја организираше продажбата, нагласува дека Брајант дресот со број 24 го носел во сезоната 2007/08, кога тој беше МВП на НБА лигата.

Ова е рекордна продажба на аукциски меморабилии кои му припаѓале на поранешниот играч на ЛА Лејкерс. Претходно, во 2021 година негов дрес со потпис кој кошаркарот го носел во сезоната 1996/97, беше продаден за 3.7 милиони долари.


Леброн Џејмс е најдобар стрелец во историјата на НБА

Кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс, стана најефикасниот играч во историјата на НБА лигата.

Леброн на натпреварот против Оклахома Сити Тандерс, стигна до 38.390 поени во кариерата, со што го надмина рекордот на Карим Абдул-Џабар од 38.387 поени, кој долги години се сметаше дека за недостижен.

На Леброн Џејмс за соборување на рекордот му беа потребни 1367 натпревари, и 19 години играјќи во Кливленд Кавалирс, Мајами Хит и ЛА Лејкерс.


Џејсон Кид: Со Кајри ќе бидеме конкуренти за титулата

Тренерот на Далас Маверикс, Џејсон Кид, излезе со оценка дека неговата екипа со доаѓањето на Кајри Ирвинг може да се бори за титула во НБА лигата.

Според договорот помеѓу Далас и Бруклин, Ирвинг заедно со Маркиф Морис ќе го носат дресот на Маверикс, додека Доријан Фини-Смит и Спенсер Динвиди ќе се преселат во Нетс.

„Мислиме дека неговиот талент и способности ќе не направат подобри. Доаѓањето на Ирвинг ќе ни помогне да дојдеме во позиција за освојување на титулата. Неговото поврзување со Лука Дончиќ ќе биде исклучително важно за екипата“, изјавува Кид.

Кајри Ирвинг во 2016.година успеа да ја освои НБА титулата настапувајќи во дресот на Кливленд, а кошаркарот е и осумкратен учесник на Ол-стар натпреварите. Тој на почетокот од минатата недела самиот побара да биде трејдуван откако не договори продолжување на соработката со раководството на Нетс.


СРЦ „Кале“ трета година по ред домаќин на Куп-завршницата

Најдобрите осум екипи во машка сениорска конкуренција, односно четирите најдобри екипи во женска сениорска конкуренција, од 16. до 18. февруари, во Скопје, ќе се надигруваат меѓу себе за да стигнат до престижниот трофеј од Купот „Благоја Георгиевски – Буштур“.

Завршниот турнир во женска конкуренција, оваа година ќе се игра на 17 и на 18 февруари, додека осумте најдобри во машка конкуренција ќе се борат за трофејот во периодот од 16 до 18 февруари.

Бранители на трофеите се екипите на ТФТ од Скопје, во машка конкуренција, додека кај дамите во таа улога е екипата на Баскет Кам 2011 од Македонска Каменица, која го освои трофејот во минатогодишното издание на финалниот турнир, кој исто така се одржа во Скопје.

Сите натпревари, и во машка и во женска конкуренции, ќе се играат во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје.


Кајри Ирвинг станува нов соиграч на Лука Дончиќ во Далас

Американските медуми објавуваат дека кошаркарот на Бруклин Нетс, Кајри Ирвинг, својата кариера ќе ја продолжи во Далас Маверикс.

Според информациите, Бруклин ќе го замени Ирвинг со Спенсер Динвиди и Доријан Фини-Смит, а ќе добие и пик од првата и втората рунда на драфтовите во 2027. и 2029.година.

Трејдот помеѓу Маверикс и Нетс уште нема официјална потврда, но се очекува тоа да се случи многу брзо, со што тандемот Дончиќ-Ирвинг ќе стане реалност.

Ирвинг оваа сезона во просек по натпревар постигнува околу 27 поени, пет скока и пет асистенции. Тој во својата кариера играше за тимот на Кливленд, со кого во 2016 ја освои НБА титулата, а беше член и на Бостон Селтикс.


Мајк Мелоун ќе го води тимот на Леброн Џејмс на претстојниот Ол-стар

Тренерот на Денвер Нагетс, Мајк Мелоун, ќе го предводи тимот на Леброн Џејмс на Ол-стар натпреварот кој ќе се одржува во Солт Лејк Сити.

Главна причина зошто Мелоун е избран за тренер е бидејќи екипата на Денвер во моментот е лидер на Западната конференција со скор од 35 победи и 16 порази.

Местото на стартери од Западната конференција имаат обезбедено капитенот Леброн Џејмс, Никола Јокиќ кој е МВП на лигата, потоа Лука Дончиќ, Стеф Кари и Зајон Вилијамсон.

Стартери за Истокот се Кевин Дурант, Кајри Ирвинг, Донован Мичел, Џејсон Тејтум и Јанис Адетокумбо кој е капитен на тимот.


Дрес на Леброн Џејмс продаден за речиси 4 милиони долари

Дресот на кошаркарот Леброн Џејмс, кој го носеше кога со Мајами ја освои НБА титулата во 2013 година, на аукција во Њујорк е продаден за 3,7 милиони долари.

Мајами до шампионскиот прстен стигна откако во седмиот и одлучувачки натпревар славеше победа против Сан Антонио, а Леброн на тој дуел постигна 37 поени.

Поскапо продадени дресови од овај се дресот на Мајкл Џордан он НБА финалето во 1998.година кој достигна цена од 10,91 милиони долари, како и дресот кој Диего Марадона го носеше на Светското првенство во 1986.година, а беше продаден за 9,28 милиони долари.


Јапонецот Хачимура потпишува за Лејкерси

Во НБА лигата крајниот рок за трејд е деветти февруари и вообичаено е повеќето трејдови да се случуваат во самата завршница.

Сепак, Лејкерс сега објавија засилување и го направија првиот значаен трејд сезонава. Во своите редови тие го доведоа Јапонецот. Руи Хачимура од Вашингтон Визардс.

Лејкерс во Вашингтон ги испратија Кендрик Нан и три идни драфтови во втората рунда. Така со оваа зделка го сочуваа највредното богатство, а тоа е првиот круг на драфт пикови во 2027 и 2029 година.


Составите за НБА Ол-стар натпреварот ќе се бираат непосредно пред самиот почетокот

Водечките луѓе на НБА лигата, соопштија дека со новиот формат, капитените на Ол-стар тимовите, кошаркарите ќе ги бираат непосредно пред почетокот на натпреварот кој ќе се игра на 19.февруари во Солт Лејк Сити.

Во соопштението од лигата се наведува дека ова ќе биде шести пат како капитените ги избираат своите тимови, но за прв пат поставите нема да се знаат неколку дена пред натпреварот.

Капитен на тимот од Западната конференција би требало да биде Леброн Џејмс од ЛА Лејкерс, додека кандидати за капитен на тимот од Источната конференција се Гркот Јанис Адетокумбо, и Кевин Дурант од Бруклин Нетс, кои засега имаат најголем број на гласови.


Јончевски се раздели со косовска Трепча

Селекторот на нашата кошаркарска репрезентација, Александар Јончевски, си замина од позицијата тренер во косовска Трепча. По натпреварот со Сигал Приштина кој Трепча го загуби со 53:88, Јончевски поднесе неотповиклива оставка.

„Кошаркарскиот клуб Трепча му се заблагодарува на Јончевски за одличната работа што ја направи на чело на тимот и му посакува големи успеси во текот на кариерата. Јончевски требаше да остане до крајот на првенството, но поради резултатите почувствува морална обврска да поднесе оставка. Клубот ја цени работата што ја направи со тимот, професионалното ниво и максималната посветеност“, се вели во клупското соопштение.