кошарка

Бен Гордон уапсен за нова глупост, се нафрлил врз недолжен минувач

Бен Гордон повторно е уапсен во Харлем, Њујорк, откако се нафрлил на минувачи и се обидел да ги повреди со игла за шиење.

„Не разбрав што се случува. Само што поминав и го видов Бен со игла за шиење, како се обидуваше да прободе некои луѓе. Не знам ни што да додадам“, изјавил сведок на инцидентот.

На почетокот на ноември, Гордон беше уапсен под обвинение дека претепал двајца чувари во Мекдоналдс во Чикаго. На 10 октомври, пак, беше уапсен на аеродромот ЛаГвардија во Њујорк, откако го удрил својот 10-годишен син во лицето, додека се подготвувале да се качат на лет за Чикаго. При апсењето кошаркарот ги повредил и вработените на аеродромот и полицијата.

Гордон беше апсен неколку пати во минатото, а пред неколку години самиот откри дека боледува од биполарно растројство, кое веројатно е и причината за нарушеното ментално здравје.


Лејкерси и Чикаго подготвуваат спектакуларна трампа

Лос Анџелес Лејкерс не се откажува од своите амбиции. ЕСПН јавува дека менаџментот планира трејд со кој тимот дополнително ќе се засили во периодот кој следува, веројатно пред Ол стар викендот. Партнер во оваа размена на играчи ќе биде Чикаго Булс од каде Лејкерс сакаат да донесат двајца извонредни кошаркари.

Станува збор за Демар Дерозан и Никола Вучевиќ за кои Булс ќе го добијат Расел Вестбрук и два пика во првата рунда од драфтовите во 2027 и 2029 година. Дерозан и претходно се поврзуваше со Лејкерс, но ниеднаш не успеа да се договори со франшизата од Калифорнија, а Вестбрук долго време е во немилост на навивачите бидејќи не игра на нивото од претходните екипи во кои настапуваше.


Тристан Вукчевиќ го напушта Партизан среде сезона

Тристан Вукчевиќ ги живее последните денови во Партизан од Белград откако Жељко Обрадовиќ дефинитивно се откажа од неговите услоги и му дозволи да си бара нова средина.

Многу веројатно, тој ќе се врати во Шпанија од каде во јануари годинава дојде во Партизан, најавен како големо засилување и сериозно вложување во иднината на „црно-белите“. Наводно, тој бил понуден на три клуба од АЦБ лигата, а веројатно идната недела ќе се официјализира трансферот во еден од нив.

Наспроти најавите, Вукчевиќ, кој потекнува од школата на Реал, не го потврди својот талент во дресот на Партизан, ретко играше на посакуваното ниво, а ја загуби и битката со конкуренцијата. Му се намалуваше и минутажата, па против Сплит во последното коло стигна да игра само 5:30 минути, период за кој постигна само еден поен и една асистенција и имаше индекс -1.


Одличниот Ти-Џеј Шортс: Се чувствувам како Македонец

Најновото засилување за македонската кошаркарска репрезентација Ти-Џеј Шортс стана нов спортски миленик на македонската јавност. Тој покажа фантастични игри на двата досегашни настапи во дресот на македонската репрезентација, а во победата над Данска Ти-Џеј одигра маестрално и беше најзаслужен за остварениот триумф на натпреварот кој се одигра во Гевгелија.

„Сакам да им честитам на данските кошаркари за отпорот кој го пружија. Им благодарам на сите во публиката кои ни дадоа дополнителен ветер, а ние им се оддолживме со нашата игра. Се чувствувам како дома, како Македонец. Благодарен сум што сум тука, и благодарен сум на поддршката од сите“, изјави Ти-Џеј Шортс после натпреварот.


Душко Ивановиќ ќе биде нов тренер на кошаркарите на Црвена Звезда

Душко Ивановиќ ќе биде нов тренер на кошаркарите на Црвена Звезда

Српскиот спортски канал Спорт Клуб пренесува дека Душко Ивановиќ е на чекор да стане нов тренер на кошаркарскиот клуб Црвена Звезда.

Според информациите, Ивановиќ со црвено-белите веќе договорил соработка до летото 2024 година, а неговиот прв тренинг со екипата би требало да го одработи овај викенд.

Одлуката за смена на досегашниот тренер Владимир Јовановиќ дојде после лошиот старт на екипата. Белградскиот клуб во седум натпревари во Евролигата има само една победа со што се наоѓа на дното од табелата.


Саша Џорџевиќ следната недела станува селектор на Кина

Според информациите кои ги пренесува Спорт клуб, легендата на српската кошарка, Александар Саша Ѓорѓевиќ, следната недела го презема водењето на Кинеската репрезентација.

Ѓорѓевиќ во понеделник патува за Кина каде ќе биде објавена соработката со кошаркарскиот сојуз на оваа земја.

Поранешниот селектор на Србија е без тренерски ангажман од крајот на минатата година кога го напушти турскиот Фенербахче, а претходните денови неговото име се поврзуваше со преземање на тренерското место во Реал Мадрид.


Јончевски: Наметнавме свој ритам и успешно ја запревме Норвешка

Македонската кошаркарска репрезентација запиша важна победа против Норвешка со резултат 58:36, во претквалификациите за Европското првенство.

Селекторот на репрезентацијата Александар Јончевски после натпреварот изрази задоволство од триумфот и очекува нов успешен настап и против Данска.

„Добро се подготвивме за овој дуел со Норвешка, имавме целосна контрола на мечот и наметнавме ритам што ни одговара. Ја стопиравме нивната транзиција од каде најчесто постигнуваа поени против Словачка и Данска. Тие не постигнаа ниту една тројка од 21 обид, што е заслуга на целиот наш тим и енергијата која ја внесовме. Задоволен сум од новајлијата Шортс, кој одигра онака како што очекувавме. Очекуваме сличен натпревар и со Данска“, изјави селекторот Јончевски.

Следен натпревар на Македонија е во недела против селекцијата на Данска.


Жак Вон е нов тренер на Бруклин Нетс

НБА тимот Бруклин Нетс за свој нов тренер го назначи Жак Вон, кој на клупата ќе го наследи Стив Неш.

Како најголем фаворит за тренерското место во Бруклин, медиумите го посочуваа поранешниот тренер на Бостон, Име Удока, но сепак челниците на Нетс се одлучија за Жак Вон кој во екипата е тренерски асистент од 2016 година.

Според достапните информации договорот помеѓу Бруклин и новиот тренер Вон ќе трае до крајот на сезоната 2023/24.


Реал ќе го менува Чус Матео, Ѓорѓевиќ еден од кандидатите

Кошаркарскиот клуб Реал Мадрид реши да продолжи со помошник Хесус Чус Матео откако се раздели со Пабло Ласо, но тоа не ги даде очекуваните резултати во досегашниот дел од сезоната. Посебно болен за „кралевите“ беше последниот пораз од тимот на Сарагоса, со кој ривалот ја прекина серијата од шест порази.

Раководството на Реал Мадрид размислува за нов тренер, а двајцата кандидати во моментов се Андреа Тринкиери и Александар Ѓорѓевиќ.

Тринкиери го предводи Баерн Минхен и наводно со него веќе се воспоставени контакти, но исто така во опција е и поранешниот селектор на Србија кој до неодамна го водеше Фенербахче.

Во текот на својата играчка кариера, Ѓорѓевиќ го носеше дресот на Реал од 1999 до 2022 година, па познавањето на околината дефинитивно ќе биде негова предност пред Тринкиери.


Харден го чека едномесечна пауза

Кошаркарот на НБА тимот Филаделфија, Џејмс Харден, ќе биде надвор од терените околу еден месец поради повреда на тетивата на десното стапало, објавија денеска американските медиуми. Харден се повреди во средата во поразот од Вашингтон со 111-121, кога го исчаши десното стапало.

По лекарските прегледи, утврдено е дека тој ќе отсуствува еден месец.

Во првите девет натпревари од сезоната, Харден имаше просек од 22 поени и имаше 10 асистенции. Филаделфија победи на четири натпревари и претрпе пет порази досега оваа сезона.