feature

Ѓоковиќ се врати на првото место на АТП листата

Новак Ѓоковиќ од денеска повторно е тенисер број еден во светот. 

Поразот на Шпанецот Карлос Алкараз во полуфиналето на Мастерсот во Мајами од Италијанецот Синер значеше дека српскиот тенисер се врати на чело на АТП листата.

Алкараз мораше да го одбрани трофејот во Мајами за да остане на првото место, но на крајот трофејот замина во рацете на рускиот тенисер, Данил Медведев. Новак сега има 7.160 поени, точно 380 повеќе од младиот Алкараз.

Трет е Гркот Стефанос Циципас со 5.770 бодови, а Русинот Медведев по четвртата титула сезонава се проби на четвртото место со 5.150 бодови.

Каспер Руд падна на петтото место, а зад него се Андреј Рубљов, Феликс Оже-Алијасим, Холгер Руне, Јаник Синер и Тејлор Фриц до десеттото место.


Боели ќе исплати богатство за предвремен раскин на Потер

Маурицио Почетино, Зинедин Зидан, Марко Силва и Јулијан Нагелсман се имињата кои најчесто се споменуваат како можни кандидати за преземање на клупата на Челзи. Пред лондонските гиганти да го решат тоа прашање, мораат да се справат со заминувањето на Потер, со кого потпишаа скапо петгодишно партнерство.

Челзи постигнал договор со Потер и нема да мора да плати отпремнина што би претставувало невидено скапа разделба меѓу менаџерот и клубот. Се проценуваше дека Челзи ќе треба да плати околу 50 милиони фунти за да се ослободи од Потер, кој добиваше 12 милиони фунти годишно.

Сепак, тоа нема да се случи, затоа што било договорено Потер са добие 21,5 милиони фунти на име обештетување, но и таа бројка е светски рекорд за тренери кои останале без работа.


Пиоли: Сакам да продолжиме вака до крајот на сезоната

Тренерот на Милан, Стефано Пиоли беше презадоволен од начинот на кој го одиграа мечот со Наполи синоќа. Тој ги повика фудбалерите да го задржат истиот став како и на натпреварот против Наполи.

„Задоволен сум од победата, но ова е само првиот чекор. Претстојат уште девет натпревари во првенството, кои мора да се одиграат со истиот став. Ни побегнаа премногу бодови. Денешниот резултат нема да влијае на натпреварите во Лигата на шампионите, тоа е сосема поинаков турнир со друга атмосфера. Ние внимателно ќе ја проучуваме оваа игра и ќе размислиме за следната. Важно беше да победиме и да останеме лидери во борбата за место во Лигата на шампионите“, вели Пиоли.


Куман изневерен од Лапорта: Ми рече дека Меси ќе остане

Роналд Куман зборуваше за неговиот период во Барселона и откри како Меси на неславен начин си заминал од Барселона.

Меси поради финансиските проблеми на Барселона мораше да го напушти клубот во 2021 година. Сега, Куман во интервју откри дека претседателот Лапорта го излажал за иднината на аргентинскиот фудбалер.

„Лапорта ме излажа. Разговаравме и го прашав за Меси дали ќе остане, ми одговори „да ќе остане“. Следниот ден Меси си замина.

Дефинитивно не заслужи на таков начин да замине. Многу работи во Барселона беа против мене. Тешко е кога претседателот се сомнева во вас, би се вратил кога би имал шанса“, изјави Куман.


Чави не се грижи за безмислените изјави на таткото на Ансу Фати

Ансу Фати и во оваа сезона не успеава да се наметне во Барселона, да ги повтори партии со кои се промовираше на големата сцена и најави дека може да биде новата голема ѕвезда на каталонскиот великан, шпанскиот, европскиот и светскиот фудбал.

Напаѓачот најчесто добива шанса од клупата за резерви, а и кога ќе добие едноставно не ги користи своите минути и се повеќе во медиумите се говори дека може да го напушти клубот во летниот преоден рок. Таткото на играчот, Бори Фати преку интервју за „Кадена Копе“ порача дека многу му е лут на тренерот Чави Хернандес и ако тој се прашува неговиот син треба да си замине од „Камп Ноу“.

Коментар од „десетката“ на Барселона не видовме, слушнавме, но затоа Чави реши да му одговори на Бори и да посочи каква е реално ситуацијата на терен,

„Тој е мирен и фокусиран. Јас се грижам само за него, не за неговиот татко или неговиот табор. Јас, исто така минав низ слични ситуации, тој страда за својот син и го разбирам. Имам самодоверба и тотална верба во Ансу. Зборував со него многу и го запознав многу пати, исто како и со многу други играчи. Јас сум првиот што сака тој да успее“, порача Чави Хернандез.


Коренити промени во ЛШ во ракомет: Ќе биде дозволен и челинџ

Извршниот комитет на ЕХФ, на последниот состанок донесе низа одлуки поврзани со следната ракометна сезона. Усвоено е правилото кое долго се најавуваше. Од следната сезона, тренерите во текот на натпреварот ќе имаат право на еден челенџ.

ЕХФ нагласи дека ова правило ќе започне да се применува од завршниот турнир во Лигата на шампионите.

Одлучено е и „под посебни околности“ да може да се играат натпревари од Лигата на шампионите, во машка конкуренција и за викенди, а не само во среда и четврток како досега, а причина за тоа е поголемата посетеност и поголема гледаност на ТВ.

Се разговараше и за учество на руски и белоруски тимови на меѓународни натпреварувања и засега е извесно дека нема да бидат во конкуренција за сезоната 2023/24.

Следната сезона во Лигата на шампионите на ЕХФ во машка и женска конкуренција по едно место да биде доделено преку специјална покана. додека досега сите места беа доделувани според ранг-листата на ЕХФ.

Се зборуваше и за зголемување на минималниот капацитет на салите за европските натпреварувања, но беше одлучено тоа да се одложи за уште најмалку две сезони и дека тоа ќе биде можно само во сезоната 2025/26.


Спортскиот директор на Милан се сели во Јувентус

Јувентус сака да го донесе во клубот спортскиот директор на Милан, Фредерик Масара, пренесува „Газета дело Спорт“.

Јувентус се наоѓа во тежок период откако целото раководство си поднесе оставка поради финансиски малверзации. Откако беше избран нов претседател сега приоритет е да биде комплетирано раководството со нов спортски директор.

Во моментов тренерот Макс Алегри е единствен задолжен за спортскиот сектор, но наскоро треба да биде назначен нов спортски директор. Најголема желба е директорот на Милан, Фредерик Масара, кој беше избран за најдобар директор во Серија А и кој има голема улога во успесите на „росонерите“.

Меѓутоа, Масара има договор со Милан до јуни 2024 година и италијанскиот шампион не сака да го пушти.


Два премиерлигаши нудат богатство за Орелиен Чуамени

Шпанските медиуми пишуваат дека Реал Мадрид би можел да прифати понуди за францускиот репрезентативец Орелиен Чуамени ова лето, откако играчот не успеа да се избори за редовен првотимски статус оваа сезона. Арсенал и Ливерпул се споменуваат како најзаинтересирани за 23-годишната екс-ѕвезда на Монако, која минатото лето пристигна во Мадрид.

Чуамени се пресели во Мадрид за 100 милиони евра од Монако, откако од трката за него извисија Ливерпул и Арсенал, кои сега го враќаат интересот за Французинот.

Младиот играч за врска во последните неколку месеци почесто се појавува од клупата. Англичаните првично имаат понуди од по 90 милиони евра за Чуамени, но не е сигурно дали Реал навистина ќе се одлучи за негова продажба.


Само подвиг во ЛШ ќе го спаси Симоне Инзаги од отказ

Тренерот на Интер, Симоне Инзаги ќе има само уште три натпревари да си ја спаси работата, пишува „Газета дело спорт“.

„Нероаѕурите“ го забележаа третиот последователен пораз во Серија А откако синоќа со 1-0 беа поразени дома од Фиорентина.

По поразот, иднината на Инзаги е сериозно ставена под знак прашалник. За Интер следуваат тешки пресметки со Јувентус во Купот на Италија, со Салернитана во Серија А и со Бенфика во 1/4-финалето на Лигата на шампионите.

„Има само еден спас за Инзаги, а тоа е Лигата на шампиони. Потенцијален триумф може да ги „искупи грешките“. Финалето не е незамисливо и ваквото достигнување можеби ќе биде лек за длабоката горчина која сега ги вознемирува навивачите на Интер“, пишува весникот.


Вујовиќ доби нов договор како ирански селектор

Ракометниот тренер Веселин Вујовиќ работи добро на клупата на репрезентација на Иран и со оваа селекција се пласираше во втората фаза на Светското првенство минатиот јануари.

Пласманот во втората фаза беше прв во историјата на оваа репрезентација, па набрзо потоа како награда екс-стратегот на Вардар доби нов договор.

Искусниот 62-годишен тренер со иранската Федерација го продолжи договорот до летото 2024 година, односно до крајот на олимпискиот циклус. Вујовиќ ќе биде тренер и на иранскиот шампион, Сепхан. Засега не се открива каков договор постигнал Вујовиќ со иранскиот клуб.