feature

Балотели го критикува Манчини во изборот на напаѓачи

Поранешниот италијански фудбалски репрезентативец, Марио Балотели го критикуваше италијанскиот селектор, Роберто Манчини.

Стратегот на актуелните европски шампиони по домашниот пораз од Англија со 1-2 на стартот од квалификациите за ЕП 2024 во групата во која е и Македонија, изјави дека „Аѕурите“ имаат проблем со недостаток на напаѓачи.

Откако се повреди Чиро Имобиле, Манчини остана со тројца класични напаѓачи (Скамака, Вилфред Гното и Матео Ретегуи). Поради таквата ситуација, италијанскиот селектор истакна дека во овој момент се соочуваат со недостаток на напаѓачи.

По таквата изјава на Манчини се јави, Марио Балотели.

„Во Италија има многу напаѓачи и тие се во форма, верувајте ми. Жалењето е чувство на оној кој не ја научил лекцијата“, изјави напаѓачот на Сион кој на 14 натпревари оваа сезона постигна пет голови.


Ван Нистелрој жали за прераното заминување од Мадрид

Многу фудбалери зад себе оставија богати кариери, но и такви моменти кои би ги избришале од својата биографија. Еден од нив е легендарниот напаѓач Руд Ван Нистелрој, кој вели дека заминувањето од Реал Мадрид било негова најголема грешка.

Холанѓанецот потпиша за „кралевите“ во 2006 година од Манчестер јунајтед, а во Мадрид остана четири години, по што потпишал за ХСВ и откри дека тоа му е најтежок момент во кариерата.

„Во тоа време играв под водство на Мануел Пелегрини и клубот ги зема Карим Бензема, Кристијано Роналдо и Кака. Имав 33 години.

Сакав да играм и избзрав на Мундијалот, па затоа заминав во Хамбург, но тоа не беше добар потег“, кажа Ван Нистелрој.


Лукаку: Ова е само почеток, Белгија може многу повеќе

Белгија успешно ги започна квалификациите за Европското првенство откако со трите гола на Ромелу Лукаку славеше на гостувањето кај Шведска. Напаѓачот на Интер вели дека мечот бил тежок иако неговиот тим релативно лесно успеа да слави со 3-0.

„Се чувствувам како еден од лидерите во тимот. На тренинзите се обидував да ги мотивирам младите. Знам како е да дебитирате бидејќи пред неколку години бев во нивна кожа“, вели Лукаку.

Белгија на 28 март ќе одигра пријателски натпревар на теренот на Германија.


Тухел доби поповолен договор од Баерн отколку во Челзи

Тренерот на Баерн Минхен, Томас Тухел, го коментираше времетраењето на договорот потпишан со германскиот клуб ден претходно, 24 март. Двете страни склучија договор до летото 2025 година.

„Подобро е од 18 месеци во Челзи. Многу сум задоволен од должината на договорот, на крајот се зависи од тоа како ќе се одвиваат работите и дали челниците на клубот сакаат да го продолжат договорот со мене. На оваа позиција нивото на игра е клучно и се надевам дека ќе ги оправдам очекувањата. Времетраењето на договорот ми се чини идеално и ќе направам се за да ја оправдам довербата што ми се дава“, изјави Тухел.

Томас Тухел на оваа позиција го замени Јулијан Нагелсман, кој доби отказ поради незадоволителните резултати на последните натпревари во Бундеслигата.


Скандал во тенискиот свет: Колку чини намерно загубен гем?

Тенискиот свет моментално го тресе нов голем скандал со наместени натпревари. Според францускиот „Л’Екип“ ова е веројатно најголемиот ваков скандал во историјата на тенисот.

Властите истражуваат 375 натпревари одиграни помеѓу февруари 2014 и јуни 2018 година, во кои се вмешани 181 тенисер. Главниот човек на операцијата наводно е 32-годишниот Григор Саркисјан, познат како „Мајстор“, мафијаш поврзан со ерменската мафија.

Тој е обвинет за поткуп на тенисери и местење натпревари. Во најголем дел од натпреварите учествувале тенисери кои биле под 200. место на АТП-листата. Француските играчи Мик Лескур и Жил Окала, тенисери за кои веќе беше потврдено дека биле дел од мрежата за наместени натпревари, се суспендирани од декември. „Л’Екип“ ги објави и тарифите за поткуп. Наводно, Сите осомничени во оваа афера добивале по 400 евра за загубен гејм во поединечен натпревар, а по 2000 евра за загубен меч во два сета. Наводно, на сметките на главните луѓе на операцијата во период од две години поминале вкупно околу осум милиони евра.


Евертон го прекрши финансискиот фер-плеј и му се заканува казна

Евертон игра лоша сезона и се бори за опстанок во англиската Премиер лига, а сега се соочува и со други проблеми.

Имено, Премиер лигата отвори истрага за кршење на Финансискиот фер плеј поради нивното трошење минатата сезона.

Премиер лигата го испрати Евертон до независна комисија за прекршување на равила кои диктираат дека на клубовите им е дозволено да загубат најмногу 105 милиони фунти во текот на три години.

Тимот од „Гудисон Парк“ регистрирал загуби од неверојатни 371.8 милиони фунти во истиот период. Клубот сега ќе оди под истрага и се најавува казна со одземање на бодови со што борбата за опстанок ќе им стане уште потешка.


Милан спремен да испрати понуда за Тами Абрахам

Италијанските медиуми пренесуваат дека  Милан е заинтересиран за напаѓачот на Рома, Тами Абрахам.

Минатата сезона  Абрахам во дресот на Рома постигна 24 гола и 5 асистенции во сите натпреварувања и со тоа веднаш го привлече интересот на бројни клубови. Оваа сезона игра нешто послабо, а медиумите откриваат дека влегол во конфликт со тренерот Мурињо, па Рома е спремна да го продаде на лето.

Најсилен интерес за него покажува Милан, бидејќи приоритет на „росонерите“ на лето ќе биде доведување врвен напаѓач.

Милан наводно е спремен да плати 60 милиони евра за неговиот потпис, што е 20 милиони повеќе од сумата која Рома ја плати за да го доведе на „Олимпико“.

Сепак, Милан ќе треба да ја победи конкуренцијата бидејќи неколку клубови од Премиер лигата покажуваат интерес за Абрахам.


Ван Перси: Рашфорд е во најдобрата форма во кариерата

Робин Ван Перси кој на времето имаше блескави моменти во дресот на Манчестер Јунајтед, вели дека сегашниот напаѓач на „црвените ѓаволи“, Маркус Рашворд, може да биде човек за одлука на големитенатпревари.

„Ја покажува најдобрата форма во целата негова кариера. Тој е  фокусиран и подготвен да издржи физички. Тоа момче дефинитивно им носи голема радост на навивачите“, потенцираше Холанѓанецот.

Рашфорд во сезонава има 26 мечеви со ефект од 14 голови и 3 асистенции.


Брахим Диаз во јуни се враќа во Мадрид

Фудбалерот на Милан, Брахим Дијаз, по завршувањето на сезоната ќе се врати во матичниот клуб Реал Мадрид бидејќи италијанците немаат опција да му ги откупат правата откако ќе му помине терминот како позајмен играч.

Иако се веруваше дека гигантот од Милано може да го купи 23 годишниот Шпанец, медиумите тврдат дека Дијаз на лето ќе мора да се врати кај „белите“.

Искусниот фудбалер кој беше ангажиран на позајмица во 2021 година, за „росонерите“ забележа 31 меч. Тој даде пет голови и направи две асистенции.


Рафаел Леао последна трансфер-желба на ПСЖ

ПСЖ е сериозно заинтересиран за ѕвездата на Милан, Рафаел Леао, пренесуваат италијанските медиуми.

Португалецот се етаблираше во еден од најдобрите млади фудбалери во Европа и беше избран за МВП минатата сезона во Серија А.

Неговиот договор со Милан е до 2024 година во кој има откупна клаузула од 150 милиони евра. „Росонерите“ во летниот преоден рок одбија понуди од 100 милиони евра бидејќи сакаат да го задржат на „Сан Сиро“.

Спортскиот директор на ПСЖ, Луис Кампос е голем симпатизер на играта на Португалецот и сака да го донесе во Париз, бидејќи иднината на Меси е неизвесна.

Леао се уште нема потпишано нов договор, па Милан е спремен да разгледува понуди на лето, а ПСЖ е спремен да понуди 100 милиони евра.