feature

Холандија со звукот на сирената го порази Катар на Вујовиќ

Уште еден драматичен натпревар, кој беше решен во последната секунда, вечерва се одигра во групата 2. Откако Македонија со голот на Кузмановски во последната секунда избори реми 29-29 со Австрија, Холандија го победи Катар со 38-37.

Холандија влезе во дуелот како фаворит, меѓутоа репрезентативците на Катар одиграа одличен натпревар, најчесто беа во предност, а „лалињата“ дури во вториот дел фатија приклучок.

Последните две минути започнаа со предност на Холандија од два гола, но Катар со голот на Хеиба на 18 секунди до крајот изедначи (37-37). Победата на Холандија и ја донесе Вестејен со скок шут од девет метри во последната секунда.

Баен постигна девет, Стеинс осум, а тен Велде седум гола за Холандија. Катар го предводеше Марковиќ со осоум гола.

Холандија сега има четири бода, Катар се уште е без освоен бод во новоформираната група.


Јармоленко со два гола го спаси Динамо од пораз против Галатасарај

Во првиот натпревар од седмото коло во Лигата на Европа на УЕФА немаше победник во дуелот меѓу Галатасарај и Динамо Киев. Украинците го освоија првиот бод во групната фаза, натпреварот заврши 3-3.

Домашните двапати имаа водство од два гола, но на крајот Украинците успеаја да освојат бод.

Галатасарај поведе со 2-0 по нешто повеќе од 20 минути со головите на Дејвисон Санчез во шестата минута и Абдулкерим Бардакчи во 21. минута. Сепак, во последната минута пред паузата, гостите намалија со голот на Владислав Ванат.

Виктор Осимхен ја врати предноста од два гола на турскиот клуб во 53. минута, но ветеранот на Динамо, 35-годишниот Андриј Јармоленко постигна два гола во 68. и 81. минута.

Галатасарај е петти во поредокот на Лига Европа со 13 бода. Динамо Киев е последен со еден бод.


Барса лудо го освои Лисабон во натпревар со девет гола

Комплетирани се првите натпревари од седмото коло од групната фаза. Барселона по нереален пресврт оствари спектакуларна победа во Лисабон против Бенфика. Каталонците губеа 1-3 и 2-4, на крајот славеа 5-4 со голот на Рафиња во 96.минута.

Со пресврт победи и Атлетико и ја прекина серијата од 11 победи на Баер Леверкузен. „Јоргнаџите“ играа со фудбалер помалку од 25. минута. Баер постигна гол во судиското надополнување на времето во првиот дел. Во второто полувреме, Хулијан Алварез изедначи во 52. минута. Леверкузен во 76. минута остана со фудбалер помалку. Втор жолт картон доби стрелецот на голот Хинкапије. Голот за победа на Атлетико го постигна Алварез во 90. минута


Лазаров: Велат дека среќата се заслужува, веројатно ние сѐ уште не сме ја заслужиле!

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, ги искажаа првичните свои импресии по нерешените 29-29 попладнево со Австрија. Лазаров вели дека може да сме среќни што освоиле бод, но и во истовреме да жалат за тоа што пропуштиле шанса за водство во самата завршница по промашениот пенал на две минути пред крајот.

„Првите импресии се поделени, може да бидеме среќни затоа што постигнавме гол, но може да бидеме незадоволни затоа што промашивме пенал за водство. Ако постигнавме гол, ќе бевме во предност, но тоа е во моментов, не нè следи среќата. Велат дека среќата ги следи тие што ја заслужиле, најверојатно не сме ја заслужиле сè уште. Горд сум на момците затоа што одиграа егал натпревар, покажаа дека знаат да играат против една ‘досадна’ Австрија, која знае што сака во секој натпревар. Сепак, не паднавме психолошки, бевме точни и реализаторски расположени, но не знаевме да одговориме во одбраната ‘седум на шест’. Исто така, очекував нашите голмани да бидат подобри, иако досега имаа коректен турнир. Задоволен сум, но жалиме за Унгарија и Австрија“, кажа Лазаров.

Лазаров откри дека дел од репрезентативците имале и здравствени проблеми.

„Митревски денеска беше под температура, Јагуриновски остана во хотел, Костески исто така имаше проблеми. Како е за сите, така е и за нас, имаме состав и ќе се обидеме за два дена да одиграме уште еден квалитетен натпревар“, вели селекторот.

Утре е слободен ден за селекциите од групата во Вараждин и репрезентативците ќе ја искористат да се одморат и да ја започнат подготовката за дуелот со Катар в четврток.


Кузмановски со звукот на сирената донесе реми против незгодната Австрија

Македонската ракометна репрезентација се наоѓаше пред пораз од Австрија на Светското првенство, но капитенот Филип Кузмановски распали од огромна далечина во последната секунда од натпреварот и извлече реми 29-29. Во драматичен натпревар со резултатска „вртелешка“, нерешениот резултат можеби е и најреален исход по големата битка на Македонија и Австрија.

Марко Митев со шест голови беше најефикасен во македонскиот табор, Жарко Пешевски постигна пет, а Кузмановски имаше четири погодоци и пет асистенции. На голот Кизиќ имаше шест, а Митревски три интервенции.

Македонија сега во рамки на групата 2 од главната фаза има два бода, еден што пренесе од првата фаза и еден по денешното реми. Во четврток ќе бараме победа против Катар, а натпреварот го играме во истиот термин како и денеска во 15:30 часот.


Шпанката Бадоса ја елиминира Гоф и ќе игра полуфинале во Мелбурн

Шпанската тенисерка Паула Бадоса се пласираше во своето прво Грен слем полуфинале во кариерата. Девојката родена во Њујорк ја елиминира третата носителка, Американката Коко Гоф со 7:5, 6:4.

Бадоса (12. на ВТА листата), од самиот старт ја притисна својата ривалка, која се соочи со две брејк шанси во третиот гем, но успеа да се извлече од таа ситуација. Она што не и успеа во третиот, Бадоса го направи во 11. гем, направи брејк, а потоа и го освои сетот.

Вториот сет започна со сервис на Гоф и маратонски гем од 14 минути, кој го освои Бадоса. Американката успеа да го врати брејкот, изедначи на 2:2, но потоа следуваше нова серија на Бадоса. Со два брејка, Шпанката дојде до 5:2, Гоф врати еден брејк, но не успеа да го врати и вториот.

Бадоса се разбуди навреме, одично сервираше во 10.гем и по еден час и 43 минути ја прослави победата.

Нејзина ривалка во полуфиналето ќе биде победничката од мечот меѓу Арина Сабаленка и Анастасија Пављученкова.


Со повреди и Јуртсевен, големи проблеми за Атаман под обрачите

Панатинаикос има големи проблеми со повреди оваа сезона и тоа е причината што во моментов не е повисоко рангиран во табелата во Евролигата.

Се чини дека најголем проблем е отсуството на првиот центар, можеби најдобриот во моментов во Евролигата, Матијас Лесор, а од синоќа, одреден период ќе паузира и неговата замена, Омер Јуртсевен. .

Јуртсевен се повреди во дербито против Олимпијакос во грчкиот шампионат. Според информациите од клубот тој се здобил со фрактура на стапалото.

„Ќе биде надвор од терените месец или два“, изјави тренерот Ергин Атаман по натпреварот.

Атаман веднаш потврди дека клубот бара нов центар


Македонија и Австрија ја отвораат втората фаза на Мундијалот

Македонската ракометна репрезентација денес со натпреварот против Австрија го продолжува својот настап на СП во ракомет во Хрватска, Данска и Норвешка.

Нашите ракометари денес на стартот на главната рунда играат против селекцијата на Австрија, натпревар кој може да ни донесе многу, а тоа е да се вмешаме во битка за подобро место во нашата група. Македонија во првите три натпревари имаше една победа, еден пораз и еден нерешен резултат, а Австрија славеше на две средби, а загуби единствено од фаворитот Франција.

Македонските ракометари имаа можност во текот на вчерашниот ден да се подготват за оваа средба која ја играме со селекција против која можеме да се надигруваме. Австријците имаат проблеми поради повредите на неколку клучни играчи, но сепак се работи за квалитетна репрезентација. Доколку сакаат да забележат победа, нашите ракометари ќе треба да ја повторат добрата игра против Унгарија и Холандија и да одиграат максимално сконцентрирано во сите 60 минути од натпреварот.

Средбата меѓу Македонија и Австрија се игра денес од 15:30 часот во „Арена Вараждин“.


Лазаров: Патот станува се потежок, но со нашите навивачи сѐ е можно

Денес почнува главната групна фаза на Светското првенство во ракомет, на кое домаќини се Данска, Норвешка и Хрватска. Честа да ја отворат оваа фаза ја имаат македонските ракометари, кои попладнево од 15:30 часот ќе се сретнат со Австрија.

Тој се осврна и на предизвикот што го носи денешниот дуел со селекцијата на Австрија.

„Австрија е репрезентација која знае што сака во секој дел од мечот. Двајца важни играчи им повредени што е секако плус за нас, ќе пробаме тоа да го искористиме. Но, без разлика на се, нивниот систем функционира во сите фази на ракометната игра и доста сме претпазливи, се надевам дека подготвени ќе го дочекаме мечот. Ќе биде тешко, исцрпно… Мора да бидеме физички и ментално спремни, треба да го одработиме мечот квалитетно. Што се однесува до навивачите мора да ветиме дека ќе бидеме борбени, се надевам дека македонските навивачи ќе дојдат, можеби не во толкав број како од групната фаза, тие ќе бидат наша додадена вредност. Ние секогаш очекуваме победа, некогаш сме реални некогаш не, но затоа тренираме“, вели македонскиот селектор.

Се очекува на трибините нов контингент на македонски навивачи и со сигурност повеќе наши од австриски фанови.


Дукати го претстави новиот болид

Тимот на Дукати, во Мадона ди Кампиљо, го претстави новиот нотоцикл за сезоната 2025. За Дукати ќе возат Марк Маркез и Франческо Бањаја.

Во споредба со минатата сезона, овогодинешниот Дезмоседичи претставува еволуција на претходните модели, а во однос на изгледот нема речиси никакви измеми, преовладува црвената боја со примеси на црна.

Дукати остана без титула минатата сезона, барем што се однесува до фабричкиот тим, бидејќи Хорхе Мартин го победи Франческо Багнаја и стана првиот шампион во Мото ГП што ја освоил круната како возач на приватна екипа – Прамак. Шпанецот ја префрли својата единица во Априлија, на која и се приклучи по освојувањето на титулата, а на негово место дојде Маркез.

И покрај тоа што не ја одбрани титулата, Бањаја имаше одлична сезона во која забележа 11 победи на 20 трки. Сепак, грешките што ги направи, особено во спринтот, придонесоа Мартин да победи.

Осумкратниот светски првак, Марк Маркез ги бранеше боите на Гресини Дукати и го освои третото место на шампионатот. За Шпанецот, тоа беше првпат да заврши во Топ 3 од 2019 година, кога ја освои својата последна титула.

Пред Дукати, Трехаус, Априлија и Гресини ги покажаа своите адути за за новата сезона.

Овогодинешниот шампионат започнува со Големата награда на Тајланд.