feature

Успешно пресадена ‘рскавица на левото колено на Лонзо Бол

Кошаркарот на Чикаго, Лонзо Бол, беше опериран во понеделникот за да му биде пресадена ‘рскавица на левото колено.

Според главниот тренер на Булс, Били Донован, оваа ретка процедура ќе му даде на Бол добри шанси да ја продолжи кариерата. Ниту еден НБА играч досега немал трансплантација на ‘рскавица.

„Фокусиран сум да се вратам на теренот со моите соиграчи. Тоа беше непријатен процес, но сигурен сум дека следните чекори се најдобриот пат за мене. Поддршката од семејството, пријателите, навивачите и медицинскиот персонал во текот на процесот на опоравување ме одржува да одам напред“, рече Бол.

Бол имаше три операции на коленото во последните 14 месеци.


Рома подготвена да го доведе Лукаку

Новинарски извори од Италија пренесуваат дека фудбалскиот клуб Рома ова лето подготвува продажба на Тами Абрахам, и како негова замена да го доведе Ромелу Лукаку.

Според проценките, од Рома за продажба на англискиот голгетер  во летниот преоден рок ќе побаруваат околу 40 милиони евра. Најзаинтересирани клубови за доведување на 25-годишниот Абрахам се споменуваат Астон Вила и Челзи.

Лукаку оваа сезона настапува за Интер како позајмен фудбалер на Челзи. Тој на крајот од сезонава нема да остане во клубот од Милано, а Челзи не го сака повторно во своите редови. Единствен проблем за Рома во обидот за доведување на Лукаку би била неговата висока плата.


Две понуди од Серија А за македонскиот „бисер“ Бојан Миовски

Бојан Миовски ова лето би можел да направи трансфер од Абердин во некој поголем клуб со оглед на тоа дека констатно се пишува за клубови кои покажече интерес за неговите услги.

Најновите информации од Шкотска на оваа тема се дека два клуба од Серија А покажале интерес за Миовски и неговиот соиграч, Дук. Во прашање биле Болоња и Специја, двата клачолигаши сакаат во пакет да го донесат танмдемот на Абердин.

Дук и Миовски искомбинираа 32 гола сезонава, македонскиот напаѓач постигна 17, додека Дук додаде 15. Медиумот „Абердин Лајв“ и дава предност на Болоња затоа што Специја се уште не е сигурна дека ќе и следната сезона ќе биде во друштво на најдобрите во Италија.

Треба да се спомене и дека Луис Фергсуон во 2020 година од Абердин се пресели токму во Болоња, па така веќе постои комуникација помеѓу двата клуба. Претходно со името на Миовски се поврзуваше и Лацио, но тука беа уште Саутемптон од Англија и Ремс од Франција.


Пропадна долго најавуваната борба Фјури – Усик

Долго најавуваната борба меѓу Тајсон Фјури и Александар Усик по се изгледа нема да се случи. Планирана за 29 април на Вембли, борбата како што сега стојат работите нема шанси да се одржи.

Егис Климас, менаџерот на Александар Усик, истакна дека неговиот тим ги прифатил сите услови, но дека постојано се бара нешто ново од него.

„Колку и да попуштаме, тие бараат повеќе. Се договоривме да ги поделиме парите 70:30 во корист на Фјури, се договоривме дека нема клаузула за реванш, но тоа очигледно не е доволно и Фјури бара начини да ја избегне борбата“, изјави Климас.

Како што истакнува менаџерот на Усик, одложување на терминот нема да има.

Усик е сопственик на појасот во IBF, WBO и WBA верзијата, додека Фјури е шампион во верзијата WBC.


Врсаљко ја заврши кариерата во 31 година од животот

Хрватскиот фудбалер Шиме Врсаљко одлучи да стави крај на својата играчка кариера на 31 година. Врсаљко во својата богата играчка кариера настапуваше за повеќе клубови: Динамо, Локомотива, Џенова, Сасуоло, Атлетико Мадрид, Интер и на крај грчки Олимпијакос.

Тој беше еден од најдобрите хрватски играчи на Светското првенство во Русија 2018 година, каде што „коцкестите“ го освоија среброто. За хрватската репрезентација имаше вкупно 52 настапи, а дебитираше на 9 февруари 2011 година. Минатата година се повлече од настапи во националниот тим.


Дориан Бабунски заради повреда ќе го скокне дуелот со Малта

За денешниот меч со Малта, македонската фудбалска репрезентација ќе биде без еден од напаѓачите кои се во одлична форма во изминатиов период, Доријан Бабунски. Според селекторот Милевски, Доријан поради повреда отпаѓа од комбинација за настап.

„За жал, Доријан има повреда на бутот која ја здобил на последниот првенствен меч и после снимките завчера и вчера, нема да може да се стави во функција за овој меч. Ќе мора да почекаме на следниот собир за да го имаме во тимот. Сите останати се здрави“, рече селекторот Благоја Милевски на денешната прес-конференција.


Едерсон несакајќи го откри новиот бразилски селектор

Голманот на Манчестер Сити и бразилската репрезентација, Едерсон најави дека Карло Анчелоти има големи шанси да биде нов селектор на Бразил.

Едерсон на оваа тема веќе зборувал со неговите соиграчи од репрезентацијата кои го носат дресот на Реал Мадрид каде што Италијанецот е тренер во овој момент.

„Разговарав со Касемиро, Винисиус и Милитао, од она што го знам, големи се шансите Анчелоти да биде селектор на Бразил. Ми кажаа дека е посебен тренер и дека го обожаават. Ќе видиме што ќе се случи“, изјави Едерсон.

Се споменуваше и Гвардиола како опција, но Едерсон истакна дека нема шанси за такво нешто.

„Јас и се пошегував со него, но тој ми кажа дека нема шанси. Потпиша договор на две години и таа опција е завршена. Оптимист сум за новиот селектор и покрај шпекулациите. Наскоро би требало да се знаат деталите“, додаде бразилскиот голман.

Ќе потсетиме, Бразил е без селектор откако Тите си замина по Светското првенство, привремено „Кариоките“ ги води Mенезес.


Уапсен претседателот на косовскиот фудбалски сојуз

Претседателот на Косовскиот фудбалски сојуз, Агим Адеми, е уапсен во главниот град Приштина и одведен на информативен разговор, објавија локалните медиуми.

Засега не за познати причините за задржувањето на Адеми, но и во минатото тој имаше проблеми со полицијата. Обвинителите во Косово го испитуваа Адеми за економски криминал, злоупотреба на средства и затајување данок.

Минатата недела Адеми беше прогласен за невин за обвинението што му беше покренато во 2012 година, за што првично беше осуден на девет месеци затвор.


Артур Мело ќе го напушти Ливерпул, а не ни дебитирал

Бразилецот, Артур Мело ќе го напушти Ливерпул на крајот од сезоната потврди агентот на фудбалерот.

Во последниот ден од зимскиот преоден рок Артур пристигна на „Енфилд“ како позајмен фудбалер од Јувентус, а „црвените“ добија право да го откупат за 35 милиони евра.

Сепак, тоа нема да се случи. Тоа и се очекуваше, а сега го потврди агентот на фудбалерот. Засега не е познато каде Артур ќе продолжи бидејќи не е во плановите ниту на Алегри во Јувентус.

Артур би можел да го напушти Ливерпул без да дебитира во Премиер лигата затоа што се уште нема настап во најсилната англиска лига, во останатите натпреварувања собра некој настап и запиша 256 минути.


Де Брујне нов капитен на белгиската репрезентација

Кевин Де Брујнe е новиот капитен на белгиската репрезентација. Тој ја презема капитенската лента од Еден Азар, кој ја заврши репрезентативната кариера по завршувањето на Светското првенство во Катар.

Белгискиот фудбалски сојуз информира и дека голманот Тибо Куртоа и напаѓачот Ромелу Лукаку се новите заменици капитени во националниот тим.

Белгија ги започнува квалификациите за Европското првенство во петок со меч против Шведска на „Френдс арената“ во Стокхолм.