feature

Леонардо: Мбапе знае што сакаме ние од него

Иднината на Килијан Мбапе се уште е крајно неизвесна и никој не е сигурен каде младиот фудбалер ќе продолжи по крајот на оваа сезона.

Офанзивецот кој според многумина оваа сезона стагнира во формата ја игра последната година од договорот со ПСЖ и веќе во јануари ќе може да се договори со неговиот следен клуб кој би го ангажирал на лето како слободен агент.

Најсериозен кандидат за обезбедување на неговиот потпис е тимот на Реал Мадрид, но од ПСЖ не се откажуваат од намерата да го задржат фудбалерот во своите редови.

Тоа го потврди и спортскиот директор на клубот, Леонардо, кој пак не даде конкретен одговор дали самиот Мбапе изразил желба да остане на „Паркот на принцовите“.

„Килијан Мбапе е застрашувачко момче. Тој е поинаков од останатите, тој е фантастичен. Да, знае што сакаме ние, тоа е јасно како ден. Ќе видиме што ќе се случи на крај“, изјави Леонардо.


Канаѓанецот Дејвид ќе го менува Обамејанг на „Емирати“

Арсенал е заинтересиран во своите редови да го доведе напаѓачот на Лил, Џонатан Дејвид пренесуваат медиумите на Островот.

После последните случувања јасно е дека Обамејанг повеќе нема иднина на „Емирати“ и на крајот на сезоната сигурно ќе го напушти клубот.

Прва желба за негова замена е токму Џонатан Дејвид, кој игра фантастична сезона во Лил и до сега има постигнато 14 гола.


Јувентус планира доведување на Марсиал во јануари

Екипата на Јувентус веќе подолг период е заинтересирана за доведување на Антони Марсијал од Манчестер Јунајтед.

После неодамнешната изјава на 26-годишниот Французин дека е незадоволен од неговиот статус во тимот од „Олд Трафорд“ и дека планира заминување од Манчестер, од Јувентус имаат план да испратат официјална понуда за негов ангажман.

Понудата би била Марсијал во јануари да пристигне како позајмен играч со опција за негово купување на лето.

Голема е веројатноста од Манчестер Јунјатед да ја прифатат ваквата понуда и да му дозволат на играчот да го напушти клубот.

Јувентус може да се соочи со конкуренција за потписот на Марсијал, бидејќи интерес за него покажуваат и од Париз Сен Жермен.


Тухел: Не знам дали можам да соберам единаесетмина

Челзи одлично ја започна сезоната но во последно време има пад на формата, а причина за тоа се и многуте отсуства.

„Сините“ имаат проблем со неколку позитивни фудбалери на Ковид, па тренерот Тухел има големи проблеми при составување на тимот.

„Треба да останеме позитивни и да се надеваме дека ќе можеме да собереме 11 фудбалери за следниот меч со Вулверхемптон. Во моментов Хаверц е спремен откако тестот покажа дека е негативен, Ковачиќ ги обнови тренинзите, но Жоржињо е под знак прашалник. Сметам дека Премиер лигата треба да внесе повеќе јаснотија околу протоколите, за да им биде јасно на сите, бидејќи сега многу работи се измешани. Ги знам правилата и мора да ги почитуваме“, изјави Тухел.


Вест Хем заинтересиран за Александар Митровиќ

Екипата на Вест Хем припрема понуда за ангажирање на српскиот репрезентативец Александар Митровиќ.

Митровиќ кој моментално настапува во англискиот Чемпионшип за тимот на Фулам, игра во одлична форма и е убедливо најдобриот играч и стрелец на екипата. Од стартот на сезоната има постигнато 22 гола на 21 натпревар.

Тој би бил огромно засилување за нападот на Вест Хем кој оваа сезона има големи амбиции во Премиер лигата. Тие се наоѓаат на 5-то место од табелата а исто така продолжуваат и со настапите во Лига Европа.


Лацио заинтересиран за Енис Барди

Eнис Барди од јануари ќе може да преговара со други клубови, секако ако во меѓувреме не го продолжи договорот со Леванте. Сепак, со оглед на ситуацијата во која е Леванте и интересот за македонскиот репрезентативец продолжување на соработката е малку веројатна.

Договорот на Барди истекува наредното лето, а Леванте како што тргнал многу лесно може да испадне од шпанската елита. Во таква ситуација за очекување е Барди да ја промени средината затоа што интерес за него има од други екипи.

Сега шпанските и италијанските медиуми пренесуваат дека италијански Лацио ја разгледува можноста за ангажман на Барди. Покрај Лацио се поврзува Селта.

Во редовите на Леванте Барди пристигна во 2017 година и од тогаш стана странец со најмногу настапи во тимот од Валенсија.


Рафиња како можна замена за Коман во Баерн Минхен

Шампионот на Бундеслигата, Баерн Минхен е заинтересиран за звездата на Лидс Јунајтед, Рафиња.

25-годишниот Бразилец би бил одлична замена доколку клубот го напушти Кингсли Коман кој најави дека нема да потпише нов договор со Баварците. За Коман постои голем интерес од неколку врвни европски клубови, па Баерн би ги искористил средствата од неговата продажба за купување на Рафиња за кого од Лидс побаруваат околу 40 милиони евра.

Бразилскиот крилен напаѓач пристигна во Лидс Јунајтед во 2020 година од екипата на Рен за 18 милиони евра и за многу кратко стана еден од најдобрите поединци во тимот по што доби и повик за настап во репрезентацијата на Бразил. 

Рафиња во дресот на Лидс досега има постигнато 13 гола на 41 натпревар, додека за селекцијата на Бразил има 5 натпревари и 2 гола.


Арсенал спремен да достави понуда за Артур Мело

Артур Мело е новата трансферна цел на Арсенал, пренесуваат медиумите на Островот. Бразилециот не е во плановите на Макс Алегри и Арсенал е еден од клубовите кои се заинтересирани за неговиот потпис.

Јувентус сака што побрзо да се ослободи од него и од неговата висока плата, па е спремен да го испрати на 18-месечна позајмица со право на откуп.

Со оглед на фактот дека другите заинтересирани клубови не можат да си ја дозволат платата на Бразилецот, во овој момент Арсенал е во пол-позиција за неговиот потпис.


Ди Лоренцо: Елмас многу напредуваше откако дојде во Неапол

Во интервју за наполитанското радио „Кис Кис“, Џовани Ди Лоренцо го испофали Елиф Елмас.

„Елмас во последно време напредуваше многу, сега има континуитет и прерасна во врвен фудбалер. Тој ни е од голема помош“, вели Ди Лоренцо.

Тој вели дека на Италија нема да ѝ биде лесно во дуелот против Македонија во баражот за пласман на СП.

„Ќе играме против репрезентацијата на мојот пријател Елмас, против Македонија нема да ни биде лесно. Целта останува да се пласираме на Светското првенство во Катар, знаеме дека цела Италија ќе навива за нас“.


Чави: Разговарав со Дембеле, тој сака да остане во Барселона

Тренерот на Барселона, Чави Ернандез, даде одговор во врска со иднината на Усман Дембеле во клубот.

„Имав личен разговор со Дембеле. Тој се чувстува среќен тука и сака да остане со нас. Усман ја препозна мојата замисла за неговата улога во новиот проект на екипата, но во моментов неможам да дадам поконкретни детали“, изјави Чави.

„На Дембеле му е потребно да започне повторно да постигнува голови со што ќе стекне поголема самодоверба. Тој е играч кој може да прави разлика во тимот. Подготвен е за настап на следниот натпревар и се надевам дека ќе се прикаже во вистинско светло“, додаде тренерот на Барса.