feature

Зенит петти пат по ред е првак на Русија

Екипата на Зенит го освои руското фудбалско првенство петтипат по ред.

Клубот од Санкт Петербург на домашен терен го победи Спартак (3:2) во 26. коло од Премиер лигата на Русија и предвреме ја обезбеди титулата.

Зенит стигна до 64 бода и стана недостижен за конкурентите на четири кола пред крајот на првенството. ЦСКА има 51 бод, Ростов 50, а Спартак 49.

Зенит го освои петтиот наслов по ред (2018/19, 2019/20, 2020/21, 2021/22, 2022/23), сите под водство на тренерот Сергеј Семак. Само Спартак (М) имаше подолга серија од шест последователни титули во низа во периодот од 1996 до 2001 година.


Јокиќ нема да биде суспендиран од НБА

Српскиот центар во редовите на Денвер, Никола Јокиќ нема да биде суспендиран од страна на НБА лигата.

Според информациите од медиумите специјализирани за вести од најдобрата кошаркарска лига во Светот, Никола Јокиќ ја избегна можната суспензија од НБА и тој ќе биде во составот на Денвер Нагетс за дуелот со Феникс Санс.

На Јокиќ му претеше суспензија поради учество во помал инцидент со сопственикот на тимот од Феникс. На крајот дусциплинската комисија на НБА реши да го казни српскиот играч само парична казна од 25 илјади долари.


Бруно Гимараеш добива нов договор во Њукасл

Англиски Њукасл во моментов работи на продолжување на договорот на бразилскиот централен играч за врска Бруно Гимараеш. Фудбалерот кој пред година и пол настапуваше за францускиот Лион, па се пресели во Англија, сега е алфа и омега во тимот на Еди Хау.

25-годишниот фудбалер кој има 36 настапи за Њукасл сезонава, постигнувајќи четири гола и пет асистенции е приоритет околу кого ќе се гради шампионскиот тим на Њукасл. Челниците на тимот одлучија дека клучниот играч веќе заслужува подобрена понуда за нов договор, а покачувањето на платата ќе му овозможи да остане уште две дополнителни години во англискиот клуб (до 2028 година).


Нагелсман на чекор од потпис со Тотенхем

Јулијан Нагелсман е се поблиску до преземање на Тотенхем, пренесува германски „Скај Спортс“. Претседателот на „мамузите“ Даниел Леви е дециден дека Германецот е вистинско решение за тимот и наскоро треба да има финални преговори.

Германскиот новинар Флоријан Плетенберг тврди дека Нагелсман го преферира Тотенхем пред останатите понуди, затоа што го смета за голем клуб со голем потенцијал.

Единствено што го загрижува е колку ќе биде вклучен во трансферите и формирањето на клупската политика. Германскиот гигант Баерн Минхен прилично ја изненади фудбалската јавност кога на крајот на март го отпушти 35-годишниот Јулијан Нагелсман и го замени со Томас Тухел.


Ола заминува од претседателското место во Лион по 36 години

Жан-Мишел Ола повеќе не е претседател на француски Лион. Тој го напушта претседателството по 36 години на чело на францускиот клуб и ќе биде заменет од американскиот бизнисмен Џон Текстор.

Одлуката била донесена на 5 мај за време на состанокот на бордот на директори на клубот, чиј главен акционер е Текстор – сегашен мнозински акционер.

„Господинот Жан-Мишел Ола ќе биде именуван за почесен претседател“, се наведува во соопштението на тимот од Лион.

За време на неговото долго претседателство, Лион освои 50 трофеи со машкиот и со женскиот тим. Под водство на Ола, Лион доживеа низа на успеси како оној што го доведе до освојување на седум последователни титули во француската Лига 1 меѓу 2002 и 2008 година.


Мурињо го убедил Хусем Ауар да дојде во Рома

Рома работи на трансферот на плејмејкерот на Лион, Хусем Ауар, пренесуваат италијанските медиуми.

24- годишниот плејмејкер до минатото лето беше на радарот на многу европски гиганти, но реши да остане во Лион. Ауар влезе во последната година од договорот и на крајот на сезоната ќе биде слободен агент, а веќе се договорил со Рома.

Мурињо го убедил да пристигне на „Олимпико“, а Французинот веќе ги минал лекарските прегледи.

Ауар наскоро ќе стави потпис на 5-годишен догвор и ќе биде прво летно засилување за „волчицата“.


Барса изготви трансфер листа од пет заминувања

Во текот на летниот преоден рок, раководството на Барселона планира неколку продажби на играчи со цел да ја оптимизира финансиската состојба на клубот. Ова го објави новинарот Фернандо Поло на Твитер. 

Според изворот, од Барселона се расположени за разговори околу продажба од Франк Кеси, Рафиња, Маркос Алонсо, Ерик Гарсија и Феран Торес.

Продажбата на овие играчи ќе и помогне на Барселона да ги почитува правилата за фер-плеј на шпанскиот шампионат, а соодветно на тоа, да потпише со нови играчи. Меѓу новајлијата може да биде и напаѓачот на ПСЖ, Лионел Меси, чиј договор со парижаните истекува на крајот од сезоната. Меси беше дел од Барселона од 2000 до 2021 година.


Флорентино не сака да слушне за заминување на Анчелоти

Реал Мадрид со победата над Осасуна го освои трофејот во кралскиот Куп. По мечот претседателот Флорентино Перез проговори за иднината на Анчелоти и стави крај на сите шпекулации.

„Не сакам ниту да слушам за тоа. Имаме уште една година од неговиот договор. Многу сме среќни со Анчелоти“, рече Перез.

„Мојата иднина? Кажав многу пати оваа година, имам договор до 2024 година“, одговори Анчелоти.

Изминатите недели силно се шпекулираше дека Анчелоти може да го напушти Реал  Мадрид на крајот на сезоната.


Јуве ја оживува кариерата на Мејсон Гринвуд

Јувентус е уште еден клуб кој е заинтересиран за играчот на Манчестер Јунајтед Мејсон Гринвуд, тврди „Сан“.

Откако беше надвор од терените за „црвените ѓаволи“ повеќе од 16 месеци, иднината на Гринвуд на „Олд Трафорд“ изгледа сè понеизвесна, но според весникот, Јувентус би можел да му понуди шанса да ја рестартира кариерата во странство бидејќи сака да потпише со него позајмива која подоцна ќе биде со целосен договор.

Како што е познато, играчот беше уапсен под сомнение за силување и напад во јануари 2022 година и веднаш беше суспендиран од првиот тим на „црвените ѓаволи“. Наводните обвиненија беа отфрлени во февруари, но Гринвуд допрва треба да се врати на тренинзите со тимот додека клубот спроведува сопствена внатрешна истрага.


Васоски си поднесе оставка од тренерското место во Академија Пандев

По вчерашниот пораз од екипата на Тиквеш на домашен терен со 4-1, Александар Васоски повеќе не е тренер на Академија Пандев. Како што и самиот потврди на социјалните мрежи, веднаш по мечот понудил оставка, која клубот ја прифати.

„По денешниот пораз и во разговор со управата , поднесов неотповиклива оставка која беше прифатена. На клубот му посакувам се најдобро во иднина“, напиша Васоски.

Струмичкиот состав по последниот пораз е на четири бода од зоната за испаѓање на табелата.