feature

Наби Кеита на крајот од сезоната ќе го напушти Ливерпул

Англиските медиуми пренесуваат дека челниците на Ливерпул одлучиле да не му понудат продолжување на договорот на фудбалерот од средниот ред на „црвените“, Наби Кеита.

27-годишниот Кеита е член на Ливерпул од 2018.година, а неговиот договор со клубот од Енфилд истекува на 30.јуни оваа година. Тој од Ливерпул ќе си замине како слободен играч без обештетување.

Репрезентативецот на Гвинеја, е четвртото најскапо засилување на Ливерпул, кој за негов ангажман во 2018.година му плати на Лајпциг 60 милиони евра. За екипата предводена од тренерот Клоп, тој постигна 11 гола на 123 натпревари.


Милинковиќ-Савиќ сака во Јуве и тоа јасно му го кажал на Лотито

Италијанските медиуми ексклузивно пренесуваат дека Сергеј Милинковиќ-Савиќ го избрал својот следен клуб.

Милинковиќ-Савиќ одби да ја продолжи соработката со Лацио, па на лето ќе влезе во последната година од договорот и клубот ќе мора да го продаде. Неговиот агент, Матија Кежман имал средба со раководството на Јувентус и договорил четиригодишна соработка со плата од 6 милиони евра по сезона.

Познато е дека СМС е примарна цел на „бјанконерите“ кои веќе подолго време работат на трансферот. Србинот решил да ги одбие понудите од Премиер лигата и кариерата да ја продолжи во Јувентус, а се очекува трансферот да изнесува околу 60 милиони евра.


Милан тргнува по Феран Торес

Приоритет на Милан следното лето ќе биде доведување на врвен напаѓач, а најновото име на списокот на Малдини е Феран Торес од Барселона.

Феран Торес пред една година пристигна во Барселона како големо засилување од Сити за 55 милиони евра. Меѓутоа, со доаѓањето на Левандовски тој падна во втор план и добива мала минутажа. Барселона поради финансиската ситуација е спремна да го продаде, а Милан внимателно ја следи ситуацијата и сака да го доведе на „Сан Сиро“.

„Росонерите“ имаат одлични односи со Барселона и ќе се обидат уште во јануари да го донесат на „Сан Сиро“ на позајмица со право на откуп.

Тренерот Пиоли верува дека Шпанецот одлично ќе се вклопи во неговата формација, бидејќи може да игра како централен напаѓач, но и како десно крило.


Дел од парите од трансферот на Мудрик ќе одат за помош на Украина

Претседателот на Шахтјот од Доњецк, Ринат Ахметов, изјави дека 22 милиони фунти од трансферот на Михаило Мудрик во Челзи, ќе бидат испратени како помош за Украина во војната со Русија.

Челзи за ангажманот на Мудрик му исплати 89 милиони фунти на украинскиот клуб Шахтјор, што е рекорден трансфер во историјата на фудбалот од таа земја. Претседателот на клубот, Ахметов, во изјава за ББЦ вели дека дел од парите ќе се наменат за проектот „Срце за Азовстал“ кој за цел има да му помогне на бранителите на Мариупољ и семејствата на загинатите војници. 

Тој наведува дека е горд на фудбалерот Мудрик и неговиот успешен трансфер во Челзи. Ахметов вети дека Шахтјор на Донбас Арена ќе одигра пријателски натпревар со англискиот премиерлигаш но терминот за тој натпревар не е прецизиран.


Кирјос поради повреда се повлече од настапот на Австралија опен

Австралискиот тенисер Ник Кирјос, поради повреда на коленото се повлече од настапот на Австралија опен.

Според информациите од физиото на тенисерот, неговата повреда нема да му ја загрози кариерата, но ризикот бил преголем за тој да настапува на грен слем турнирот во Мелбурн.

„Ова е еден од најважните турнири во мојата кариера и не беше лесно да донесам одлука за повлекување од настапот. Имам одлични спомени од претходните учества на турнирот пред домашната публика, но тоа е животот, а повредите се составен дел на спортот. Не се сомневам дека ќе се вратам во полна снага“, изјави Кирјос.

Кирјос во првото коло требаше да игра против Русинот, Роман Сафиулин.


Меси ја одби високата понуда од Саудиска Арабија

Најдобриот аргентински фудбалер, Лионел Меси, ја одби понудата од саудискиот клуб Ал Хилал во износ од 300 милиони евра за трансфер во овај тим.

Раководството на Ал Хилал претходно потврди дека оствари контакт со Меси и дека му ја презентирале понудата и желбата за негов ангажман.

Меѓутоа според информациите од медиумите, за Меси бил поважен спортскиот предизвик и настапот во елитниот европски фудбал, отколку да стане најплатен фудбалер и спортист на сите времиња. 

Најверојатно Меси ќе го продолжи договорот со неговиот актуелен клуб Париз Сен Жермен на дополнителна сезона или две, и се очекува неговата годишна плата да се зголеми од 30 на 40 милиони евра.


Чави: Ако можеме да го победиме Реал, можеме против секој ривал

Предводникот на Барселона, Чави, ја коментираше победата во финалето на шпанскиот Суперкуп над Реал Мадрид (3-1) со која дојде до својот прв трофеј на клупата на Каталонците.

„Мојот прв трофеј со Барселона? Среќен сум. Имам чувство на душевен мир. Морам да продолжам да му помагам на тимот да освојува трофеи, да ја водам Барселона до нив. Ако победивме во финалето против Реал Мадрид, можеме да го направиме тоа против секого. Задоволен сум. Се надевам дека овој трофеј нема да биде и последен“, вели Чави.

Барселона на Чави ги задржува шансите да освои уште три трофеи оваа сезона. Каталонците продолжуваат да се борат за Копа дел Реј и Лигата на Европа, а воедно претендираат и за титулата во Ла Лига.


Лидс за 40 милиони фунти го купи Рутер од Хофенхајм

Францускиот фудбалер Жоржињо Рутер е нов играч на англискиот клуб Лидс Јунајтед. Договорот меѓу Рутер и Лидс е потпишан на пет и пол години, и англиските медиуми пренесуваат дека трансферот изнесува 40 милиони фунти, износ кој е рекорден за овај премиерлигаш.

Рутер пристигна во Лидс од тимот на Хофенхајм, каде сезонава на 17 настапи постигна два гола и три асистенции.

Претходно Рутер има настапувано за Севиља, а својата кариера ја започна во францускиот клуб Рен. 


Лазаров: Холандија е поквалитетна од нас, но поразот од десет гола разлика е превисок

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, признава дека Холандија беше подобар противник од нашата селекција и нивната победа е заслужена, но резултатот од 34:24, и разликата од десет гола е неочекувано висока.

„Холандија ја заслужи победата, тие беа подобри, но јас сум незадоволен од нашата игра на првите два натпревари. Иако знаевме дека Норвешка и Холандија се поквалитетни репрезентации од македонската, сепак изненаден сум од високите порази. Ние како екипа мора да ја научиме лекцијата, и да играме тимски. До 43.минута од натпреварот стигнавме на минус четири гола, но потоа за краток период нашите противници направија десет гола разлика. Имаме млади ракометари кои се дебитанти на големите натпреварувања и тоа се чувствува во играта. Сега мора да се мобилизираме и да се подготвиме за дуелот со Аргентина. Дојдовме на ова првенство по една победа и се надевам дека ќе ја постигнеме“, изјави Лазаров.


Челзи го потврди Мудрик, Боели потроши половина милијарда евра

Челзи денес и официјално го потврди трансферот на Микаило Мудрик за кого „сините“ ќе платат 100 милиони евра.

Ова лето клубот од „Стенфорд Бриџ“ доби нов сопствник, Тод Боели, кој до сега потроши скоро половина милијарда евра.

Во летото пристигнаа Весли Фофана од Лестер за 80,4 милиони евра, Марко Кукурела од Брајтон за 65,3 милиони евра и Рахим Стерлинг од Манчестер Сити за 56,2 милиони евра. Потоа Кулибали за 38 милиони евра, 18 милиони евра биле исплатени на Карни Чуквуемека од Астон Вила, 12 милиони евра на Барселона за Пјер-Емерик Обамејанг, а Чикаго Фајр доби 9,09 милиони евра за голманот Габриел Слонина.

Во овој преоден рок на „Стенфорд Бриџ“ веќе пристигнаа Беноа Бадијашиле од Монако за 38 милиони евра, на Молде му беа платени 12 милиони евра за Давид Датро Фофана, а сега Мудрик пристигна во сензационален трансфер за 100 милиони евра.