Село со мал број на жители на прагот да го освои шведското првенство
Шведскиот клуб Мјалби обезбеди учество во европските натпреварувања во сезоната 2026/27. Прв пат во историјата клубот ќе игра во натпреварувањата во организацијата на УЕФА.
Ова е огромен успех за клубот што доаѓа од Халевик, село на југот на Шведска каде што, според последниот попис, живеат 1.485 луѓе.
Како што сега стојат работите, Мјалби ќе игра во Лигата на шампионите. Мјалби е на чекор до освојување на титулата во шведското првенство. На пет кола до крајот, тие имаат предност од 11 бода во однос на второпласираниот Хамарби, а вистинско чудо би требало да се случи Мјалби да не ја освои титула шведски шампион, по прв пат во историјата.
Во блиското минато, од 2015 до 2018 година, беше во третата лига. Потоа, во две последователни сезони, скокна за два ранга и сега игра во највисокиот ранг на шведскиот фудбал шеста година по ред. Во тој период, се пласираше од петтото до десеттото место.
Според „Трансфермаркт“, Мјалби е деветтиот највреден тим во шведското првенство. Вкупната вредност на играчите е 15,7 милиони евра.
Голден Стејт нов клуб на Ал Хордфорд
Ал Хорфорд, 39-годишен кошаркар со 18 сезони во НБА зад себе, кариерата ќе ја продолжи во Голден Стејт Вориорс.
Според изјавата на агентот на Хорфорд, Џејсон Глушон, Вориорс чекаат одлука од Џонатан Куминга, кој е ограничен слободен агент, за да ги финализираат деталите од договорот на Хорфорд. Самиот играч се збогува со Бостон Селтикс, каде што помина седум од последните девет сезони и ја освои титулата во 2024 година.
Ал Хорфорд е само еден од четворицата играчи во НБА кои успеале да постигнат 900 или повеќе тројки и да поделат 1300 или повеќе блокади. Останатите тројца се Рашид Волас, Брук Лопез и Клифорд Робинсон.
Белоти сериозно се повреди, Каљари цела сезона без напаѓачот
Екипата на Калјари потврди дека напаѓачот, Андреа Белоти, кој имаше одличен старт на сезоната и постигна два гола, ќе мора да паузира подолг период поради повреда.
Вчерашните лекарски прегледи потврдиле дека Белоти има проблем со предниот вкрстен лигамент на коленото и дека ќе мора да оди на дополнителни консултации кај специјалисти.
Медиумите наведуваат дека таков тип на повреда се лекува околу 9 до максимум 12 месеци.
Конте го сака Матеус Нуњеш од Сити
Луѓето од Наполи се обиделе да ги дознаат условите за евентуален ангажман на фудбалерот, Матеус Нуњеш, од Манчестер Сити, велат последните најави од Италија.
Португалецот пред две години беше купен од Вулверхемптон за повеќе од 60 милиони евра но, главно ја грееше клупата за резерви.
Според одредени наводи, „граѓаните“ се расположени да го продадат Нуњеш доколку добијат добра понуда.
Младиот Пелистер попушти во финишот и загуби на гостувањето кај Струга
Пелистер беше на чекор до реми и да се врати со еден бод од гостувањето кај водечкиот тим на табелата, но една деконцентрација во 85. минута донесе водечки гол на Струга Трим Лум, кој подоцна беше потврден и со втор погодок. Финалните 2-0 (0-0) се преголема казна за младиот тим од Битола, кој почна со Мрмачовски и Крстевски во стартниот тим и со формација 3-5-2 целосно ја неутрализира играта на домаќинот.
Струга Трим Лум се обиде да направи ран притисок, но Јовчевски со неколку сигурни интервенции успеа да го сочува својот гол. Подмладениот тим на битолчани успеа да парира на стартот од мечот трудејќи се да има поголем посед, па офанзивците на домаќинот предвидени од Компаоре, кои статистички се меѓу водечките во првенството, не добија шанса да се истакнат.
Во 21. минута домашните ја создадоа првата посериозна шанса, Компаоре беше проигран од Бојку, но биеше со глава над голот. Некои десет минути подоцна, капитенот Бунјамин Шабани се обиде самостојно да ја заврши работата, но откако продре до шеснаесетникот на Пелистер, шутираше покрај левиот дирек. Битолчани се обидуваа да организираат контра напади, но најчесто не стигаа да упатат шут, па дури на крајот од првиот дел ја забележаа првата изгледна шанса преку Стефан Спировски кој биеше покрај голот.
Иако судијата Стојанче Стојанов почитуваше предност во повеќе наврати, до крајот на првиот дел покажа два жолти за Крстевски и Ивановски, а во вториот дел уште четири пати се фати за џебот, но само еден картон од тие беше наменет за домаќините, поточно за Хамза во 55. минута.
И двата тренера направија измени во средината на вториот дел, при што Бленди Шкемби ги воведе во игра Воша, Зенку и Малески, додека во отсуство на Димитар Капинковски (селектор на репрезентацијата до 18 години) неговите помошници во истиот период им дадоа шанса на Ангелевски, Ристиќ и Петковски. Во финишот, очекувано овие фудбалери оставија најголем печат во случувањата на теренот, па токму Христијан Малески беше оној им се приклучи на Компаоре и Радески, а во 85. минута беше оној што успеа да ја затресе мрежата на Андреј Јовчевски.
Тоа „им ги скрати крилјата“ на битолчани кои се помирија со петтиот пораз во низа ова првенство, а воедно единаесетти по ред во меѓусените првенствени мечеви со Струга. Темпото на игра опадна, но сепак, на крајот, во судиското надополнување, односно 94. минута, Христијан Малески повторно се запиша во листата на стрелците и го постави конечниот резултат од 2:0.
Пелистер во следното коло ја пречекува Шкендија во Битола.
Италијанецот Микелето е МВП на Светското првенство во одбојка
Пред доделувањето на медалите на Светското првенство во Манила, публиката ги поздрави членовите на идеалниот состав.
Најдобрите примачи на сервис се Алесандро Микелето (Италија) и Александар Николов (Бугарија) – двајца играчи кои долго време ќе водат големи битки и на клупско и на репрезентативно ниво.
Коректор кој дефинитивно најмногу се издвои е Јури Романо (Италија). Со него во дијагоналата е како и обично репрезентативниот колега, Симоне Џанели.
Средните блокери во идеалниот состав на првенството се Полјакот Јакуб Кохановски и Бугаринот Алекс Грозданов. Најдобар либеро е Италијанецот Баласо. МВП е Алесандро Микелето.
Да ве потсетиме дека Италија ја одбрани титулата светски шампион во одбојка, Бугарија го освои сребрениот медал, а Полска заврши на третото место.
Фриц прв финалист на турнирот во Токио
Тејлор Фриц денес го победи Џенсон Бруксби во полуфиналето во Токио. Мечот заврши во два сета, 6:4 и 6:3.
Фриц се пласираше во своето 19-то финале во кариерата и трето во тековната сезона.Воедно Фриц ќе го игра своето второ финале на АТП 500 во Токио.
Во 2022 година, Тејлор го освои турнирот, победувајќи го Франсес Тиафо со 7-6(3) и 7-6(2).
Петтиот тенисер во светот во финалето во јапонската престолнина ќе се соочи со Карлос Алкараз или Каспер Руд.
Нејмар го одложи своето враќање по повредата
Бразилскиот фудбалер Нејмар и натаму е на списокот на повредени на неговиот тим Сантос. Честите повреди го оддалечуваат од теренот и тој никако не успева да фати ритам на натпревари годинава.
На почетокот на месецов (септември) го повреди бутниот мускул и се очекува да се врати на теренот на почетокот на ноември, односно пред крајот на шампионатот во Бразил.
Во текот на следниот месец Нејмар ќе биде на рехабилитација.
Инаку Нејмар во Сантос дојде во јануари годинава и досега има одиграно само 21 натпревар и постигнато шест голови. 33-годишниот фудбалер планира да се врати во репрезентацијата на Бразил и да настапи на Светското првенсто 2026 година. Но, повредите може да му ги нарушат плановите.
Палестина побара исклучување на Израел од УЕФА и ФИФА
Претседателот на Палестинската фудбалска асоцијација, Џибрил Раџуб, ги повика денеска УЕФА и ФИФА да го исклучат Израел од меѓународните натпреварувања, предупредувајќи дека израелската армија убила 416 фудбалери и официјални фудбалски лица во последните две години, од кои една четвртина се деца.
„Фудбалот не може да остане неутрален пред геноцидот, етничкото чистење, дискриминацијата и континуираната окупација“, се вели во писмото испратено до европската и светската фудбалска федерација. Шпанската новинска агенција ЕФЕ објави дека писмата се испратени и до сите членки на УЕФА, вклучително и до Фудбалската федерација на Македонија.
„Молчењето или одложувањето повеќе не се прифатливи“, напиша Раџуб. Светските медиуми пренесуваат дека Извршниот комитет на УЕФА ќе се состане следната недела за да разгледа евентуално исклучување на Израел од европските натпреварувања, откако Обединетите нации објавија дека Израел врши геноцид врз Палестинците.
Макаби Тел Авив в четврток треба да се сретне со загрепски Динамо во рамки на Лига на Европа, а натпреварот е предвидено да се игра во српскиот град Бачка Топола, каде израелскиот тим е регистриран за домаќин. Израелската страна, пак, наведе дека нема сознанија дека се соочува со исклучување.
„Немаме индикации дека се соочуваме со суспензија од УЕФА“, изјави за Ројтерс портпаролот на Израелската фудбалска федерација. Тој рече дека израелската репрезентација се подготвува нормално за претстојните натпревари со Норвешка и Италија во квалификациите за Светското првенство 2026.
Јунајтед застана во редот на Влаховиќ
Фудбалерот на Јувентус, Душан Влаховиќ, би можел да ја продолжи кариерата во Манчестер јунајтед.
Според „Газета“, англискиот клуб е заинтересиран да го потпише 25-годишниот Србин. Премиерлигашот сака да го донесе Влаховиќ во своите редови во јануарскиот преоден рок
Влаховиќ одигра шест натпревари оваа сезона, постигна четири гола и имаше една асистенција.
„Трансфермаркт“ ја проценува неговата вредност на 35 милиони евра.