feature

Анчелоти: Нема да брзаме со одлуката за Нејмар

Нема да брзаме со закрепнувањето на Нејмар, најави денеска селекторот на Бразил. Карло Анчелоти, по пристигнувањето на експедицијата во базата во Њуарк.

„Нејмар се чувствува добро, добро напредува, не брзаме“, коментираше Анчелоти за состојбата на повредата на листот на Нејмар.

Анчелоти рече дека Нејмар ќе биде подготвен за „првиот или вториот“ натпревар во Групата Ц, против Мароко или Хаити.

Во третото коло од групната фаза, Бразил ќе игра против Шкотска.

„Сакаме да се натпреваруваме со нашите противници, да се обидеме да дадеме сè од себе, да работиме напорно. Секој знае какви се очекувањата од Бразил, рече Анчелоти, додавајќи дека „нема фаворити“ за освојување на турнирот.

„Има неколку силни тимови и мислам дека Бразил може да се натпреварува со секого“, додаде тој.

Бразил има пет светски титули, од кои последната ја освои во 2002 година.


Цонга: Новак и ден-денес е меѓу најдобрите

Поранешниот француски тенисер Жо-Вилфред Цонга е личност, која е пријатно да се види на секој турнир особено на Ролан Гарос. Француската публика сè уште чека триумф на домашен тенисер, а Цонга во два наврати беше полуфиналист на Ролан Гарос.

Тој се осврна и на актуелните случувања на машкиот дел од турнирот и неочекуваниот пораз на Новак Ѓоковиќ од Жоао Фонсека.

Ѓоковиќ и натаму е еден од најдобрите тенисери на светот, без разлика на годините и физичката подготовка. Тој може да победи секој играч. Тоа се виде и на мечот со Фонсека. Беше исклучителен меч. За да го победите мора да имате навистина „свој ден“, изјави Цонга.

Французинот се осврна и на тоа дека Ѓоковиќ има шанса за триумф на Вимблдон што би било негова 25.та Гренд слем титула, но рано е да се прогнозира особено што на овој турнир рано испадна и првиот фаворит Јаник Синер.


Костјук избори полуфинале против Андреева на Ролан Гарос

Украинската тенисерка Марта Костјук прв пат во кариерата се пласираше во грен слем полуфинале, откако попладнево ја победи сонародничката Елина Свитолина со 6-3, 2-6, 6-2 во четвртфиналето на Ролан Гарос.

Костјук (ВТА – 15.) до триумфот над седморангираната светска тенисерка дојде по еден час и 51 минута игра.

Костјук шест пати ѝ го одзеде сервисот на противничката, која направи пет брејка.

Во полуфиналето, Костјук ќе игра против Русинката Мира Андреева, која претходно денеска ја совлада во четвртфиналето Романката Сорана Кирстеа со 6-0, 6-3.


ЕХФ истражува расистички навреди од публиката во Охрид

Европската ракометна федерација (ЕХФ) објави вечерва дека ќе ги истражи наводите за расистички навреди од публиката на реваншот од финалето на Европскиот куп меѓу Охрид и Татабања.

Инцидентот, наводно, го иницирале навивачи на Охрид, упатувајќи расистички навреди кон ракометарот на Татабања, Баптист Деметрин.

„ЕХФ нагласува дека нема место за расизам во европскиот ракомет и како организација ги осудуваме сите форми на расизам, дискриминација и нетолеранција. Секое такво однесување против ракометар, официјално лице и гледач нема да се толерира. Последователно, Европската ракометна федерација одлучи да поведе истрага за наводите за да утврди дали треба да се поведат законски постапки“, се наведува во соопштението.

Охрид во неделата пред своите гледачи го совлада унгарскиот тим со 31-25 и со две победи во финалната пресметка го освои трофејот во ЕХФ Европскиот куп, прв во клупската историја.


Јан Облак има „зелено светло“ да си замине од Мадрид

Јан Облак би можел да го напушти Атлетико Мадрид, во текот на летниот преоден рок. Словенецот, еден од најдобрите голмани во изминатата деценија, 12 години е член на Атлетико.

„Марка“, откри дека Атлетико ќе ја почитува секоја одлука на словенечкиот голман, кој заслужи да го избере најдоброто решение за продолжување на кариерата.

Овој извор, истакнува дека Облак има договор до летото 2028 година, тој е еден од најплатените со годишна нето плата од 10.000.000 евра, а некои струи во клубот немаат ништо против да се разделат со него во случај на вистинска понуда.

Ова веројатно го поткрепува фактот дека Хуан Мусо бранеше одлично за време на отсуството на Облак поради повреда, иако Аргентинецот не е млад, има 32 години и пристигна од Аталанта пред две години.

Облак наводно има профитабилни понуди од Саудиска Арабија, а не е тајна дека некогаш бил голема желба на неколку клубови од Премиер лигата.

Словенецот има 33 години, тој одбележа неверојатна ера во Атлетико, каде што пристигна во летото 2014 година од Бенфика за 16.000.000 евра.


Дуња Иванова обезбеди директен настап на светското првенство во МТБ маратон

Македонската репрезентативка и член на ВК Енерџи, Дуња Иванова, оствари историски успех на третата рунда од HERO UCI Marathon World Cup, која викендов се одржа во Натурленд, Андора, обезбедувајќи директна квалификација за Светското првенство во планински велосипедизам Маратон (XCM), кое годинава ќе се одржи во Италија.

Иванова го освои 20. место во најсилната меѓународна конкуренција, што според правилата на UCI носи директен пласман на Светското првенство за најдобрите 20 натпреварувачки на секоја рунда од Светскиот куп.

Трката во Андора беше исклучително тешка и специфична. Натпреварувачите се соочија со надморска височина од над 2.000 метри, а патеката содржеше повеќе од 2.200 метри вкупна елевација. Покрај физиолошкиот предизвик што го носат условите на голема надморска височина, велосипедистите мораа да совладаат и бројни стрмни делници, брзи спустови и постојани технички предизвици долж целата патека.

Овој успех е особено значаен ако се има предвид дека станува збор за натпреварување од највисок светски ранг – HERO UCI Marathon World Cup, каде настапуваат најдобрите светски маратонски велосипедистки во елитна конкуренција. Освојувањето место меѓу најдобрите 20 во ваква конкуренција претставува исклучителен резултат и еден од најголемите успеси на македонскиот женски велосипедизам на меѓународната сцена.

Со освоените бодови во Андора, надополнети со претходните настапи на Светските купови во Коста Бланка (Шпанија) и Елба (Италија), Иванова во моментов се наоѓа на 15. место во генералниот пласман на HERO UCI Marathon World Cup.


Македонија домаќин на Европската конвенција за минибаскет

Од 4 до 7 јуни, Скопје ќе биде центар на европската минибаскет сцена, откако Кошаркарската федерација на Македонија, во партнерство со ФИБА Европа и Фондацијата ФИБА, ќе биде домаќин на единаесеттото издание на Европската конвенција за минибаскет.

Настанот ќе собере тренери, едукатори и спортски работници од повеќе европски земји, кои секојдневно работат со најмладите кошаркари и кошаркарки.

Целта на конвенцијата е преку размена на искуства, современи методологии и практични примери да се унапреди работата со децата и да се поттикне нивниот правилен спортски развој. Во текот на четирите дена ќе бидат организирани предавања, работилници и практични демонстрации под водство на реномирани меѓународни експерти. Учесниците ќе имаат можност да стекнат нови знаења и алатки за подобро воведување на кошарката кај најмладите, како и за промовирање на здрави животни навики и спортски вредности.

Практичниот дел од програмата ќе се реализира во спортската сала „Лазар Лечиќ“, додека завршницата ќе биде одбележана со голем минибаскет фестивал на Кејот на Вардар.

На фестивалот се очекува учество на повеќе од 300 деца и околу 90 тренери, кои преку дружење, игра и спортски активности ќе ја прослават љубовта кон кошарката.

Конвенцијата претставува уште една потврда за посветеноста на македонската кошарка кон развојот на младите категории и признание од ФИБА за напорите што се вложуваат во создавањето на квалитетна основа за идните генерации кошаркари и кошаркарки.


Ираола пред промоција на „Енфилд роуд“

Андони Ираола ќе биде новиот тренер на фудбалерите на Ливерпул. Двете страни постигнале договор, истиот ќе биде официјализиран во наредните денови.

Пред неколку дена, Ливерпул официјално се раздели со Арне Слот, и веднаш се шпекулираше дека Ираола треба да биде негов наследник. Легендата на Атлетик Билбао, по завршувањето на сезоната, по три усшешни сезоно го напушти Борнмут.

Сезоната, Ираола со Борнмут ја заврши на шестото место, што значи дека „црешите“ ќе играат во Лига Европа. Од друга страна Ираола со Ливерпул ќе се натпреварува во Лигата на шампионите.

Ливерпул погоди, кога го ангажираше Арне Слот, кој веднаш ја донесе титулата на „Енфилд“. Втората сезона беше големо разочарување, а навивачите особено не го сакаа бавниот стил на фудбал. Токму тоа треба да го промени Андони Ираола.

Ираола го сака таканаречениот гегенпресинг и „организиран хаос“, агресивен пресинг еден на еден, што би можело да ги потсети навивачите на „хеви метал“ идентитетот што го негуваше Јирген Клоп. Шпанецот исто така форсира контранапади, по кои Борнмут беше особено познат.

Спортскиот директор на Ливерпул, Ричард Хјуз, е голем обожавател на работата на Ираола и токму тој го донесе во Борнмут во 2023 година.


Јуве под финансиска контрола, нема премногу пари за трансфери летово

Јувентус е под будното око на Комитетот за финансиска контрола на УЕФА. Затоа екипата од Калчото нема да биде премногу активна на трансфер-пазарот.

„Старата дама“ мора да се придржува до план за ограничување од три до четири години во кој односот на трошоците не можат да надминат строг процент од институционалниот приход.

Се претпоставува дека Јуве ќе се фокусира на обновување на договорот со главната ѕвезда на тимот, Душан Влаховиќ, кој прифати намалување на платата.


Берокал не повика странец за јунскиот ФИБА прозорец

Селекторот на машката сениорска репрезентација, Жозеп Мариа Берокал, го објави поширокиот список на кошаркари на кои ќе смета за претстојните натпревари од третиот ФИБА „прозорец“ од претквалификациите за Евробаскетот во 2029 година.

За дуелите од „А“ групата од претквалификациите, оние со селекциите на Ирска (во Скопје) и Луксембург (на гостински терен), машката сениорска репрезентацијата на Македонија ќе тренира во Скопје.

Првиот официјален собир е закажан за 15. јуни, со почеток во 10. часот, во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје.

Во јулскиот ФИБА „прозорец“ од претквалификацискиот циклус, нашите најдобри кошаркари ќе одиграат два натпревари, и тоа против соодветните национални селекции на Ирска и Луксембург.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ

2.јули, 2026 – Скопје: Македонија – Ирска
5.јули, 2026 – Луксембург: Луксембург – Македонија

ПОШИРОК СПИСОК НА ИГРАЧИ ЗА ФИБА „ПРОЗОРЕЦ“ – ЈУЛИ 2026

Ненад Димитријевиќ – Баерн Минхен-Германија
Андреј Јакимовски – Тренто – Италија
Адем Мекиќ – Задар (Хрватска)
Лејсон Зеќири – Башкими – Косово
Валмир Какруки – Сигал Приштина – Косово
Резарт Мемед – Бора (Косово)
Андреј Шошкиќ – НЦАА-САД
Павел Иванов – НЦАА – САД
Војдан Стојановски – МЗТ Скопје Аеродром
Андреј Маслинко – МЗТ Скопје Аеродром
Марин Петков – МЗТ Скопје Аеродром
Виктор Ташовски – ТФТ
Страхил Николов – ТФТ
Стојан Ѓуроски – МКК Куманово
Мухамед Тачи – Чаир 2030
Рубин Стефанов – Ангели
Виктор Ефремовски – Работнички
Андреј Митревски – Пелистер
Лука Стојановски – Пелистер
Никола Бојчев – Кожув
Теодор Симиќ – Кожув
Амар Хот – Маџари
Марко Луканоски – Маџари
Петар Бошалески – Тиквеш Голден Игл
Михаил Наумоски – Феникс 2010