feature

Диого Жота ја продолжи соработката со Ливерпул

Вицешампионот на Англија и Европа фудбалскиот клуб Ливерпул, соопшти дека го продолжи договорот со португалскиот напаѓач Диого Жота до 2027 година.

Претходниот договор на 26 годишниот Жота со клубот од Енфилд беше со важност до 2025 година. Португалецот после објавата за продолжувањето порача дека е горд што и во иднина останува во Ливерпул.

„Одлуката беше едноставна за мене. Ова е еден од најголемите клубови на светот. Минатата година беше добра и за мене и за тимот. Тоа е доказ дека добро работевме и се надевам дека така ќе продолжиме“, вели Жота.


Сити и Фоден договорија долгорочна соработка

Манчестер Сити постигна договор со играчот од средниот ред Фил Фоден за нов договор, објави новинарот Мајк Киган.

Новиот договор на англискиот интернационалец ќе биде долгорочен, но се уште не е јасно за кој точен временски период ќе се работи.

„Ова се одлични вести за клубот во пресрет на новата сезона“, напиша Киган на својот официјален профил на Твитер.


Шпанецот Корберан нов тренер на Олимпијакос

Грчкиот прволигаш Олимпијакос објави денеска дека Шпанецот Карлос Корберан е нов тренер на местото на Португалецот Педро Мартинс.   

Корберан изминатите две сезони беше тренер на англискиот второлигаш Хадерсфилд, а претходно му беше помошник на Аргентинецот Марсело Биелса во Лидс. По освојувањето три шампионски титули и еден трофеј во грчкиот Куп, Мартинс неодамна го продолжи договорот со Олимпијакос на две години. Но, беше сменет по минатонеделниот понижувачки пораз од 0-4 од Макаби Хаифа во квалификациите во Лигата на шампиони. 

Олимпијакос е рекордер во Грција со освоени 48 шампионски и 28 куп титули.


Контроверзна изјава на сопственикот на Наполи: Доста ми е од африкански играчи

Сопственикот на фудбалскиот клуб Наполи, Аурелио де Лаурентис даде изјава во која вели дека во иднина нема да доведува африкански фудбалери во тимот, и дека беше будала што тоа го правеше во минато.

Фудбалерите од Африка секоја втора година изостануваат од тимовите за да настапуваат на Африканскиот куп на нации, а измината сезона Наполи во јануари и февруари остана без помошта на Кулибали, Осимен и Ангизе.

„Им реков на менаџерите повеќе да не ми зборуваат за африканците. Имам голема љубов и почит кон нив но ако мислат да ги ангажираме тогаш ќе мора да потпишат документ во кој ќе потврдат дека нема да играат на Африканскиот куп на нации. Ние сме идиоти кои им даваат плата, а тие патуваат по светот и играат за други“, истакнува Де Лаурентис.


Кошаркарот Димитријевиќ една година на позајмица во Уникс Казан

Кошаркарскиот клуб Валенсија објави дека постигна договор со екипата на Уникс Казан во врска со позајмицата на македонскиот репрезентативец Нено Димитријевиќ. 

Димитријевиќ во следната сезона ќе игра во дресот на Уникс како позајмен играч на Валенсија. Тој е член на Валенсија од минатата година кога пристигна од Хувентуд.


Ремзи брзо најде нов клуб, потпиша за Ница

Само една недела откако со заедничка согласност го раскина договорот со Јувентус, играчот од средниот ред Арон Ремзи потпиша договор со својот нов клуб. Станува збор за Ница, од каде доцна синоќа го објавија потписот на велшкиот интернационалец. 

Ремзи помина три години во гигантот од Торино во кои забележа 69 настапи со 6 гола и 6 асистенции, честопати и со повреди. Во последната половина година беше позајмен во Ренџерс каде на 13 натпревари забележа 2 гола и 2 асистенции. Пред тоа, 31-годишниот играч од средниот ред мина долг период во Арсенал, за кого забележа 371 настап со 65 гола и 65 асистенции. За репрезентацијата на Велс има 74 настапи со 20 голови и 9 асистенции.

Ница наскоро ќе објави уште два трансфери. Еден е на голманот на Лестер, Каспер Шмајхел, а вториот е на младинскиот репрезентативец на Италија, Матија Вити.


Баерн потпиша со најдобриот пријател на Садио Мане

Баерн направи добра работа во преодниот рок и покрај тоа што остана без Левандовски. Ги донесе Де Лихт, Мазрауи, Гравенберг, Мане и кога се чинеше дека трансфер периодот заврши, во Минхен дојде Дезире Сегбе Азанкпо.

Станува збор за 29-годишен фудбалер од Бенин, кого Баерн го доведе за да му направи услуга на Садио Мане.

Азанкпо и Мане се блиски пријатели, нивната професионална кариера започна во ист тим, француски Мец во сезоната 2011/12.

Мане подоцна стигна до елитното ниво, а Азанкпо беше далеку од тоа – играше во Луксембург, Словачка, пониските лиги во Англија… се до Данкерк, од француската трета лига, со кого се раздели во јуни.


Челзи доведе суперталент од Астон Вила

Фудбалскиот клуб Челзи соопшти дека потпиша договор со англискиот супер талентиран играч Карни Чуквуемека.

Челзи за 18-годишниот фудбалер на име обештетување на Астон Вила му исплати 18 милиони евра, а младинскиот репрезентативец на Англија потпиша договор до 2028 година.

Карни Чуквуемека кој по потекло е од Нигерија, е роден во Австрија, во младинските категории има настапувано за Нортемптон и Астон Вила каде ја започна професионалната кариера.


Де Кетелер и официјално во Милан

Досегашниот фудбалер на Клуб Бриж, Шарл Де Кетелер е нов играч на Милан. Тој со клубот потпиша договор на пет години.

Преговорите помеѓу белгискиот и италијанскиот тим се водеа со недели и во еден момент се чинеше дека истите ќе пропаднат, меѓутоа на крај е постигнат договор според кој Де Кетелер за 32 милиони евра стана играч на Милан.

Според информациите на италијанските медиуми, белгискиот фудбалер во дресот на росонерите ќе заработува 2,2 милиони евра по сезона, а во тимот ќе го носи дресот со број 90.

Де Кетелер е најскапиот трансфер во Милан откако на директорските места се Паоло Малдини и Фредерик Масара.


Алексис Санчез раскина со Интер и потпиша со Олимпик Марсеј

Чилеанскиот фудбалер Алексис Санчез наводно го раскинал договорот со Интер и би можел да се пресели во Олимпик од Марсеј, објавија италијанските медиуми.

Санчез имаше договор со Интер до јуни 2023 година, но не е во плановите на тренерот Симоне Инзаги, па не може да остане најплатен играч во тимот на Милан.

Санчез заработуваше околу седум милиони евра по сезона, откако во септември 2020 година се пресели од Манчестер Јунајтед во Интер, за кој претходно настапуваше како позајмен, во сезоната 2019/2020.

Се шпекулираше дека неговиот агент одбил понуда од четири милиони евра за предвремен раскин на договорот, а весникот Л’Екип објави дека станува збор за цифра од 4,5 милиони.