feature

Луис Суарез се врати дома

Уругвајскиот фудбалски клуб Национал соопшти дека потпиша петмесечен договор со досегашниот играч на Атлетико Мадрид, Луис Суарез.

Претседателот на Национал потврди дека поранешниот играч на Ајакс, Ливерпул, Барселона и Атлетико, ќе пристигне во Монтевидео претстојниот викенд и дека ќе биде спремен за настап на првиот натпревар со екипата.

Суарез е најдобар стрелец на репрезентацијата на Уругвај со постигнати 68 гола, а својата играчка кариера ја започна токму во Национал.


Ериксен: Дојдов во Манчестер Јунајтед заради Тен Хаг

Кристијан Ериксен, засилувањето на Манчестер Јунајтед, за првпат се огласи по пристигнувањето на „Олд Трафорд“.

Данецот неодамна пристигна како слободен играч од Брентфорд и потпиша тригодишен договор со Јунајтед.

Наскоро ќе има можност да дебитира во црвениот дрес и признава дека тоа ќе му биде малку невообичаено, бидејќи е навикнат да игра за противничките екипи во Театарот на соништата.

„За мене е чудно што сум во Јунајтед, мислев дека тоа нема да се случи. Да се ​​биде играч на Манчестер Јунајтед е нешто навистина посебно. Мојата кариера, пред тој инцидент на Евро 2020, воопшто не беше поврзана со враќањето во Велика Британија, така што тоа што сум овде сега ме прави среќен. Чувството е навистина добро“, призна Ериксен.


Корејски дефанзивец ќе го менува Кулибали во Наполи

Наполи е на прагот да потпише договор со нов централен дефанзивец кој треба да го замени Калиду Кулибали.

Станува збор за корејскиот интернационалец Ким Мин-Жае од Фенербахче, кој ќе добие договор на пет сезони. Наполи ќе ја плати неговата откупна клаузула од 19,5 милиони евра.

Утринава 25-годишниот дефанзивец замина за Рим каде ќе ги помине лекарските прегледи пред неговиот трансфер. Беше многу блиску до преселба во Рен, но на крајот Наполи ја добија битката за неговиот потпис.

Мин-Жае помина само една година во Фенербахче по неговиот трансфер од 3 милиони евра од кинескиот Пекинг Гуан. За гигантот од Истанбул одира 39 натпревари, а за репрезентацијата на Јужна Кореја има еден меч повеќе.


Јуве спогодбено го раскина договорот со Ремзи

Фудбалскиот клуб Јувентус спогодбено ја прекина соработката со играчот од средниот ред Арон Ремзи.

Јувентус и Ремзи се најдоа на половина пат – фудбалерот бараше клубот да му плати 4.000.000 евра, а италијанскиот гигант понуди 2.000.000 евра, па така Велшанецот ќе добие 3.000.000 евра и ќе го напушти Торино.

Ремзи во 2019 година дојде во Јувентус како слободен играч од Арсенал, а бидејќи Италијанците не платија никакво обештетување за него, решија да го наградат со договор од 7.000.000 евра по сезона.

Повредите го спречија велшкиот играч за врска да покаже што може во Торино, а како замена за него се споменува Леандро Паредес од ПСЖ.


Објавени клупските правила и казни на Џерард во Астон Вила

Медиумите во Англија го објавија клупскиот правилник и кодексот на однесување во екипата на Астон Вила кој е потпишан од тренерот Стивен Џерард.

Според информациите и фотографијата од правилникот кој го објави весникот Дејли Мејл, секој фудбалер на Астон Вила кој ќе задоцни на тренинг ќе мора да плати казна од 500 фунти.

Секое задоцнување на клупски состанок, прошетка или влегување во автобусот на денот на натпреварот, ќе се плаќа со казна од 1000 фунти.

Едно од правилата се однесува и на добиените црвени картони. Секој играч на Астон Вила кој ќе биде исклучен на натпревар е должен да плати ручек на целиот тим после добивањето на црвениот картон.

Екипата на Астон Вила минатата сезона го зазеде 14. место во Премиер лигата со 40 бода.


Синот на Шекил О’Нил ќе игра во развојната НБА лига

Шариф О’Нил, кој е син на легендата на НБА и Куќата на славните Шекил О’Нил, ќе игра во Г лигата, попозната како Лига за развој.

22-годишниот О’Нил беше меѓу кандидатите на драфтот, но не ја доби довербата од ниту една од 30-те екипи во НБА. Сепак, тој учествуваше во Летната лига со тимот на Лос Анџелес Лејкерс, со кој неговиот татко Шекил освои три титули на почетокот на новиот век.

Во Г-лигата, Шариф О’Нил, висок 208 см, ќе игра за тимот Игнајт, кој е со седиште во Лас Вегас, Невада и е управуван од самата Г-лига и не е сателит на ниту еден од НБА-клубовите. Годишната плата на О’Нил ќе биде со шест цифри.


Кевин Дурент заминува во Бостон Селтикс

Познатиот спортски новинар Адријан Војнаровски пренесува дека Кевин Дурент би можел својата кариера да ја продолжи во Бостон.

Според тврдењата на новинарот, преговорите помеѓу Бруклин и Бостон веќе започнале, а во трејдот би можел да биде вклучен и Џејлен Браун кој би заминал во Бруклин.

Дурент неодамна побара од Бруклин Нетс да биде трејдуван, а за славниот кошаркар интерес покажале и Мајами, Феникс и Торонто.

33-годишниот Дурент минатата сезона имаше просек од 29,8 поени, 7,4 скока и 6,4 асистенции.


Дибала: Повикот на Мурињо беше пресуден да дојдат во Рома

Фудбалерот, Пауло Дибала, вчера на специјална прес-конференција беше претставен како летно засилување за екипата на Рома.

Напаѓачот пред новинарите проговори како го напушти Јувентус и зошто се определ да го облече дресот на „волчицата“.

„Повикот на Мурињо беше вистинско уживање. Првиот пат го направивме тоа заедно со Пинто а потоа еден ден одеднаш ми пиша и повторно разговаравме и мислам дека така се случи“, вели Аргентинецот.


Еден Азар: Би го укинал ВАР-от бидејќи ја убива радоста после постигнатиот гол

Најплатениот играч во шпанската Примера, Еден Азар, е еден од најинтересните фудбалери за медиумите на американската турнеја со неговиот Реал Мадрид.

Во интервју за медиумот ЕСПН, Азар открива што би променил во актуелните правила на игра, па на прашањето што прво би сменил тој ја споменува ВАР технологијата.

„Би го укинал користењето на ВАР-от, бидејќи судиските грешки според мене се составен дел од фудбалот. Но поради тоа што навивачите постојано се жалеа беше воведен ВАР. После постигнувањето на гол ние фудбалерите чекаме и губиме дел од таа радост бидејќи ја очекуваме одлуката од ВАР технологијата. Зато се залагам за укинување на ВАР.


Лисандро Мартинез со официјална промоција во Манчестер Јунајтед

Доскорешниот фудбалер на Ајакс, Лисандро Мартинез, и официјално го потпиша својот петгодишен договор со Манчестер Јунајтед.

Екипата од Олд Трафорд за 24-годишниот аргентински дефанзивец плати 57,37 милиони евра плус 10 милиони евра низ дополнителни бонуси.  Договорот е потпишан на пет години, со можност за продолжување на соработката на уште една година.

Мартинез во Јунајтед повторно ќе соработува со тренерот Тен Хаг со кого имаше успешна соработка во Ајакс.