Ивановски со победа го отвори челинџерот во Роверето
Стартна победа за македонскиот тенисер Калин Ивановски во квалификациите на Челинџер турнирот во Роверето, Италија.
Тој во првата рунда од квалификациите денес го совлада Алексис Готие од Франција (осми носител во квалификациите) со 2-1 во сетови (6-3, 5-7 и 6-4) за 135 минути.
Челинџерот 100 во Роверето се игра за награден фонд од 120.950 евра.
Во утрешниот меч ривал на Ивановски ќе биде Богдан Павел од Романија, кој денес со 2:0 во сетови го совлада првиот носител од квалификациите Егор Герасимов од Русија.
Сејдини поднесе оставка, ФФМ ќе добие нов претседател
Муамед Сејдини вечерва по завршувањето на ноемвриски натпревари од Лигата на нации, поднесе оставка од претседателската функција на Фудбалската федерација на Македонија.
Сејдини оставката ја достави пред Управниот одбор, чие мнозинство пред 20 дена, побара итен состанок за разгледување на состојбите во македонскиот фудбал.
Инаку, мандатот на Сејдини требаше да заврши во март следната кога се очекуваше редовно Изборно собрание на ФФМ. Сепак, по оставката на Сејдини, делегатите на ФФМ ќе одржат вонредно Изборно собрание на 22 декември.
Се очекува за нов претседател на ФФМ да биде избран Масар Омерагиќ.
Претседателот на Фудбалска федерација на Македонија, Муамед Сејдини кој вечерва поднесе оставка, ги кажа причините за неговото повлекување од функцијата.
По седум извонредни години исполнети со историски достигнувања, решив да се повлечам од позицијата претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Одлуката е резултат на моето размислување дека дојде момент за промена, после период што ќе остане запаметен како најуспешен во историјата на нашиот фудбал. Заедно со вас, испишавме златни страници за македонскиот фудбал: историското учество на Европското првенство ЕУРО 2020, второ место во квалификациската група за Светско првенство и незаборавната победа над Италија во Палермо, успесите во Лигата на нации со пласман во Лига Б и реализацијата на бројни инфраструктурни проекти во соработка со УЕФА и ФИФА. Ја напуштам оваа позиција со гордост и огромна благодарност до сите кои придонесоа за овие успеси: фудбалерите, селекторите, клубовите, инвеститорите, администрацијата, членовите на Управниот одбор и секој љубител на фудбалот. Јас ќе продолжам да ја извршувам својата улога до 22 декември, кога на Вонредно Собрание ќе биде избран мојот наследник. Со целосна верба во иднината на Федерацијата и македонскиот фудбал, од срце ви благодарам за поддршката и соработката во изминатите години, напиша Сејдини на социјалните мрежи.
Синер доминантно го освои Мастерсот во Торино
Италијанскиот тенисер Јаник Синер е вториот финалист на АТП-турнирот во Торино.
Светскиот рекет број еден, синоќа во полуфиналниот меч самоуверено го совлада Норвежанецот Каспер Руд во два сета – 6-1, 6-2. Средбата траеше 1 час и 10 минути.
Во мечот за трофејот на Завршниот турнир, Синер ќе се сретне со Американецот Тејлор Фриц, кој претходно го победи Германецот Александар Зверев.
Финалето е закажано за вечер со почеток во 18 часот.
Ламин Јамал бавно заздравува, виси неговиот настап во Виго
Младиот фудбалер на Барселона, Ламин Јамал, која ја лекува повредата на зглобот, можеби нема да биде на списокот за мечот со Селта закажан за 23 ноември во рамките на Примера, велат последните најави од Шпанија.
Крилниот напаѓач на Каталонците се повреди на дуелот одигран во Белград против „црвено-белите“ во Лигата на шампионите и треба да паузира околу 2-3 недели.
17-годишното крило е во процес на рехабилитација а во наредните денови ќе биде одлучено дали ќе може воопшто да се појави на мечот во Виго.
НБА лигата го менува форматот на „Ол-стар“ натпреварот
НБА лигата сака да го врати интересот за „Ол-стар“ натпреварот. Според ESPN, лигата е во сериозни дискусии за нов формат за натпреварот во 2025 година, на кој би се нашле три ол-стар тимови од по осум играчи и победничкиот тим од мечот на ѕвездите во подем.
Претставниците на лигата разговараа за новиот формат во петокот со натпреварувачката комисија составена од сопственици, менаџери на тимови, играчи, тренери и претставници на синдикатот.
У21 селекцијата и вторпат загуби во пријателски меч од Косово
Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година го загуби и вториот пријателски натпревар против Косово. Денеска на комплексот „Петар Милошевски“, новата генерација млади фудбалери до 21 година загуби со 0-1.
Стрелец на победничкиот гол за Косово беше Аулон Битиќи во 40.минута од мечот.
Новата генерација на Драги Канатларовски во вториот дел проба да го поправи впечатокот и имаше иницијатива и шанси но резултатот остана непроменет.
Ајакс најави промена на логото во 2025 година
Најтрофејниот холандски клуб и еден од најуспешните европски, Ајакс реши од следната година да има нов грб.
Грбот не е целосно нов, туку во клубот најавија дека то ќе биде враќање на корените.
Како и досега, на грбот ќе го има античкиот херој Ајакс, чие име го носи клубот. Разликата е во тоа што ќе биде во поинаков формат.
Ваков портрет го красеше грбот на Ајакс од 1928 до 1991 година, кога грбот беше сменет во денешната верзија. Според оваа верзија, која ќе влезе во историјата на крајот на годината, Ајакс е претставен со 11 линии, кои го симболизираат бројот на играчи во фудбалскиот тим.
Ајакс во богатата историја 36 пати бил шампион на Холандија, 20 пати освојувач на националниот Куп, четири пати бил европски првак, а во витрините има по еден трофеј во Купот на УЕФА (Лига Европа) и Купот на победниците на куповите. Ајакс е еден од шесте европски клубови кои освоиле барем еден од овие три трофеи.
УЕФА поведе постапка против Романија и Косово
Европската фудбалска асоцијација отвори дисциплинска постапка против репрезентациите на Романија и Косово поради однесувањето на навивачите за време на петочниот натпреварот од Лигата на нации, јавува „Би-би-си“.
Фудбалската федерација на Косово (ФФК) на крајот од средбата ги обвини романските навивачи за дискриминација, поради што нивните фудбалери биле принудени да го напуштат теренот во Букурешт.
Како одговор, Романската фудбалска федерација (ФРФ) соопшти дека немало расистички скандирања за време на натпреварот.
Репрезентацијата на Романија, без овој натпревар, се наоѓа на првото место во групата 2 од Лигата Ц, со 12 бода. Косово е на второто место со 9 бодови. /
Адам Салаи во стабилна состојба, но ќе остане во болница
Унгарската фудбалска федерација објави за состојбата на тренерот на репрезентацијата Адам Салаи, кој загуби свест синоќа на натпреварот од петтото коло од групната фаза на Лигата на нации против Холандија.
На 36-годишниот специјалист му се слошило во првите минути од средбата. Натпреварот во Амстердам беше прекинат извесно време, но играта набрзо продолжи.
Состојбата на Адам Шалаи е стабилна и тој е свесен. Тој е во болница во Амстердам на прегледи, се вели во соопштението на федерацијата.
Натпреварот заврши со победа на Холандија со 4:0.
Барса преговара со две големи ѕвезди за следното лето
Со потпишување на спонзорскиот договор со „Најк“, Барселона конечно ги реши финансиските проблеми кои го мачеа каталонскиот клуб во изминатите неколку години. Следното лето, клубот планира да се врати на голема сцена кога се во прашање трансферите. Тренерот Ханси Флик веќе има неколку желби, а двајца играчи се сметаат за приоритет.
Барселона и „Најк“ пред неколку дена го продолжија спонзорскиот договор, кој трае веќе повеќе од 20 години. Новиот договор ќе важи до 2038 година, а од него Барселона ќе заработи огромна сума. Ова беше итно потребно за клубот, кој долго време се наоѓаше во финансиска криза.
Во изминатите пет години, Барселона се соочуваше со сериозни финансиски проблеми, но тоа сега е минато.
Барселона, според шпанските медиуми, нема да биде премногу активна во јануарскиот преоден рок, но претседателот Жоан Лапорта и управата планираат спектакуларни потези за следното лето. Според „Мундо Депортиво“, на врвот на листата на желби на Ханси Флик се Нико Вилијамс и Рафаел Леао.