feature

Чаби Алонсо верува во борба за титулата во Бундеслигата

Баер Леверкузен се обидува да го надмине разочарувањето од Лигата на шампионите и да ги одржи во живот своите надежи за титулата во Бундеслигата со победата против Вердер Бремен во сабота.

Леверкузен загуби од Баерн Минхен со 0:3 во средата во првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите и се соочува со тежок предизвик викендов против Вердер Бремен.

„Фармацевтите“ заостануваат осум бода зад лидерот Баерн Минхен во Бундеслигата и не можат да си дозволат да загубат повеќе бодови доколку сакаат да се доближат до Баварците.

„Потребен ни е голем напор, голем пресврт и ако имаме шанса, ќе се бориме за тоа. Расположението денес е подобро од вчера. Разговаравме за се, мора да бидеме професионални и да се фокусираме на следниот натпревар. Најдобар начин да се подготвиме за добар натпревар е да имаме добро чувство.

Секој турнир го сфаќаме многу сериозно и сега Бундеслигата е следниот тест на распоредот. Ние сме во позиција каде што уште многу може да се случи и се е отворено“, рече Чаби Алонсо.


Нико Вилијамс е прва желба на Арсенал летово

Фудбалерот Нико Вилијамс од Атлетик Билбао минатото лето беше значително поврзуван со заминување од својот клуб, но реши да остане во тимот.

Барселона беше најблиску до тоа да го ангажира, но не успеа да го добие неговиот потпис.

Во трката за неговото ангажирање сега се приклучува и Арсенал. Англискиот клуб има амбиции да го „украде“ од Барселона.

Артета го гледа Вилијамс како идеален засилување за нападот во наредното лето и мисли дека одлично ќе се вклопи во неговиот стил на игра.


Јуве го сака Адемола Лукман од Аталанта

Минатото лето, Јувентус го донесе Копмајнтерс, а сега нивниот интерес е насочен кон нова ѕвезда од Аталанта.

Се работи за Адемола Лукман, кој на лето сигурно ќе бара нов клуб.

Еден од најимпресивните играчи на Аталанта привлече внимание од многу клубови благодарение на неговите настапи во Серија А, а Јувентус ја следи неговата ситуација веќе некое време.

Лукман сака да го направи следниот чекор во кариерата и подготвен е да ја прифати понудата од Јувентус.


Манчестер Јунајтед има потешкотии со новиот договор на Коби Мејно

Медиумите од Англија пренесуваат дека младиот Коби Мејно размислува за трансфер откако преговорите со Манчестер јунајтед за нов договор подолго време тапкаат во место.

Коби Мејно во моментов е еден од најплатените фудбалери на Манчестер јунајтед, се шпекулира дека неговата неделна плата изнесува 20.000 фунти.

Двете страни полго време водат преговори за нов договор, но има големи разлики помеѓу понудата и побарувачката.

Последните информации велат дека Коби Мејно ќе го одбие новиот предлог на „ѓаволите“ и полека размислува за трансфер.

Се шпекулира дека младото момче бара неделна плата од околу 150.000 фунти, и во моментов понудата на Манччестер јунајтед е далеку од ова.

Доколку не биде пронајден компромис, клубот од Олд Трафорд ќе го стави Коби Мејно на продажба и ќе се обиде да му „извади“ добра сума од околу 70 милиони фунти.


Лијам Робертс доби висока суспензија заради „нокаутот“ врз Матата

Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) успеа во намерите да му биде зголемена суспензијата на голманот на Милвол, Лијам Робертс. Голманот на Милвол, минатата недела доби црвен картон по само осум минути игра, во осминафиналето на ФА купот, против Кристал Палас.

Во осмата минута Робертс, брутално стартуваше врз напаѓачот на Кристал Палас, Жан-Филип Матета. Судијата Мајкл Оливер дури по интервенцијата од ВАР собата ја прегледа снимката и го исклучи Робертс.

Матета беше изнесен од теренот на носилки.

Остри критики добија и навивачите на Милвол, кои се познати по тоа што се едни од најекстремните во Англија. Додека му се укажуваше помош на Матета, тие од трибините скандираа „нека умре“, а протестираа и поради интервенцијата од ВАР собата.

Дисциплинската комисија по натпреварот одлучи да го казни Робертс со три меча суспензија во сите натпреварувања под ингеренции на ФА, а сега е објавено дека казната е зголемена од три на шест натпревари.


Кадилак пријави тим за следната Формула 1 сезона

Во ноември минатата година, Кадилак начелно постигна договор за влез во „најбрзиот циркус“, а откако беше завршена целата процедура, ФИА и Формула 1 сега потврдија дека во 2026 година ќе има 11 тимови.

Кадилак во првите години ќе користи мотори на Ферари, целта на Џенерал Моторс е до крајот на оваа деценија да може да развие сопствена погонска единица со која ќе им парира на ривалите.

„Како што кажавме во ноември, посветеноста на Џенерал Моторс да го донесе Кадилак во Формула 1 е важен и позитивен показател за еволуцијата на нашиот спорт. Со нетрпение чекам да му посакам добредојде на новиот тим на гридот во 2026 и да бидеме сведоци на уште една возбудлива година во Формула 1“ – рече претседателот на Формула 1, Стефано Доменикали.


Словенија без Зарабец на двомечот со Македонија

Словенија ќе биде дополнително ослабена за претстојниот двомеч од квалификациите за ЕП 2026 против Македонија, откако Миха Зарабец поради болка во грбот ќе мора да мирува во наредниот период.

„Повредата не е наивна, добив силен удар во долниот дел од грбот. Инјекциите не ми помагаат, па ќе морам да одам во Кил, за да ми ги „изгори нервите“ на местото на повредата, по што ќе следи пауза од најмалку десет дена“, објасни Зарабец.

На негово место селекторот Зорман дополнително го повика левото крило на Загреб, Алекс Кавчич. Само за потсетување, Словенците поради најразлични повреди за двомечот со Македонија не можат да сметаат ниту на Митја Јанц, Нејц Цехте, Рок Овничек, Клемен Ферлин, Домен Новак и на Борут Мачковшек.


Мурињо: Нека не слават премногу во Ренџерс, има и реванш

Тренерот на Фенербахче, Жозе Мурињо ги предупреди навивачите и фудбалерите на Глазгов Ренџерс да не слават предолго по синоќешната победа од 3-1 над неговиот тим во првиот натпревар од осминафиналето на Лига Европа.

Мурињо рече дека не е задоволен од играта на неговите играчи, но е среќен што Фенербахче загуби само со два гола разлика.

„Не е фер да се каже дека бевме трагични во одбраната. Бевме само трагични на секој дел од теренот. Можеби мислите дека сум луд, но за мене овој резултат не е лош бидејќи можевме да загубиме со повеќе. Но ништо не е готово. Има уште 90 или 120 минути“, рече Мурињо.

Реваншот во главниот град на Шкотска е закажан за 13 март.

„Само сакам да му порачам на Ренџерс да не претерува со прославите бидејќи има втор натпревар. Ништо повеќе“, додаде португалскиот тренер.


Фернандињо влегува во стручниот штаб на Гвардиола

Пеп Гвардиола наскоро би можел да добие засилување во својот стручен штаб пренесуваат медиуми блиски на клубот.

„Граѓаните“ поминуваат низ една турбулентна сезона во која поминуваа низ тежок период. Сега изгледа дека ситуацијата се стабилизира, а со пласман во Лигата на шампионите и освојување на ФА Купот би можело да се смета дека сезоната е „извадена“.

Се очекуваат промени во играчкиот кадар, но и во стручниот штаб. Според последните најави Пеп Гвардиола го повика лпоранешниот фудбалер за врска и капитен на Манчестер сити, Фернандињо да му се придружи во тимот за да помогне со своето исксутво.

Бразилецот на тој начин и тренерски би растел пред да започне самојстојна тренерска кариера.

Слично беше со Микел Артета кој откако ја заврши кариерата како фудбалер помина три години како помошник на Гвардиола, па го презема Арсенал каде што е и денес.


Фонсека негира дека го оттурна судијата

Пауло Фонсека веројатно претера со реакцијата на натпреварот меѓу Лион и Брест кога агресивно дотрча и му се „внесе в лице“ на судијата Беноа Мило.

Сепак, казната која ја доби можеби е и превисока со оглед на тоа што немаше физички контакт. Португалецот беше казнет со деветмесечна суспензија и во тоа време не смее да исполнува никаква функција во фудбалот.

Сега Фонсека реши да ја прокоментира ситуацијата неколку денови по објавувањето на казната.

„Сакам да останам фокусиран на играта, ама чувствувам голема неправда поради оваа казна. Сакам да биде јасно дека никогаш не го допрев судијата, ниту имав таква намера за да бидам физички агресивен. Најважната работа за мене е поддршката која ја чувствувам од клубот и оваа неверојатна група играчи“, изјави Фонсека.

Останува да видиме дали Лион ќе го чека Фонсека да се врати од суспензијата или ќе се реши за друго решение.