feature

Кристал Палас го отпушти тренерот Виера

Премиерлигашот Кристал Палас одлучи да му даде отказ на тренерот Патрик Виера. Одлуката за смена на францускиот стратег доаѓа после серијата на лоши резулати на клубот кој има низа од 12 натпревари без победа.

Кристал Палас се наоѓа на 12 позиција од табелата во Премиер лигата, и има само три бода повеќе од Бурнмаут кој е на границата од зоната за испаѓање.

Патрик Виера го презеде Кристал Палас пред стартот сезоната 2021/22 кога екипата заврши на 12. позиција. Екипата остана без тренер пред неделното гостување против Арсенал.


Сари го крена гласот против турбо-календарот

Маурицио Сари, тренерот на Лацио, не крие дека е крајно разочаран од политиката која владее во европскиот и светскиот фудбал.

„Ние играме на секои три дена од трети јануари поради лудоста која беше направена со Светското првенство. Тоа придонесува да гледаме повреди и лош фудбал“ – вели Сари.

„Треба да бидам среќен што сум блиску до пензионирање“, изјави тренерот на „римските орли“.


Хуан Алварез го продолжи договорот со Манчестер Сити до 2028 година

Шампионот на Премиер лигата, Манчестер Сити, денес објави дека го продолжи договорот со напаѓачот Хулиан Алварез.

Освојувачот на титулата со Аргентина на Мундијалот во Катар, се обврза на едногодишно продолжување на неговиот договор, што значи дека тој ќе остане во Сити до 2028 година.

Од клубот соопштуваат дека се сигурни оти 23-годишниот Алварез во иднина ќе има позначајна улога во нападот на екипата покрај одличниот Ерлинг Халанд.

Алварез во дресот на Манчестер Сити има одиграно 33 натпревари, а постигна 10 гола.

https://twitter.com/ManCity/status/1636448311501545474?s=20

Инфантино со акламација доби нов четиригодишен мандат

Џани Инфантино ќе остане на престолот на ФИФА и во наредните четири години откако ја доби поддршката од сите 211 членки на светската фудбалска федерација.

Тој на 72-конгрес кој се одржува во Кигали, главниот град на Руанда, немаше против-кандидат. Швајцарецот беше главниот иницијатор наредниот Мундијал да се реализира со учество на 48 земји.

На конгресот беше и наша делегација предводена од првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини.


Премиерлигашите се „тепаат“ за Алексис Мекалистер

Ливерпул и Арсенал се силно заинтересирани за аргентинскиот репрезентативец и член  на Брајтон, Алексис Мекалистер.

Мекалистер, кој има ирски корени се промовираше во еден од најважните играчи на Аргентина на Мундијалот. 23-годишиот играч за врска пристигна во Брајтон од Бока Јуниорс за 12 милиони евра и неодамна го продолжи договорот со англискиот клуб до 2025 година.

Неговата цена после Мундијалот значително порасна, а споменатите клубови се спремни да понудат 40 милиони фунти за неговиот потпис.

Ливерпул и Арсенал се во потрага по квалитетен играч за врска, а Клоп и Артета се големи симпатизери на квалитетите на Мекалистер.


Јуве повторно „гризе“ за Џиџи Донарума

Џанлуиџи Донарума на лето би можел да се врати во Серија А, пренесуваат италијанските медиуми.

Донарума пред две години го напушти Милан и се пресели во ПСЖ како слободен агент. Во првата сезона беше резерва, а оваа сезона направи многу киксови. „Газета дело Спорт“ пренесува дека Италијанецот не е задоволен во Париз и би сакал да ја промени средината.

Интерес за него повторно покажува Јувентус и сака на лето да го доведе како замена за Шчешни.

Сепак, Донарума ќе мора да прифати значително намалување на платата, бидејќи моментално заработува 12 милиони евра, а Јувентус е спремен да му понуди 7 милиони плус бонуси.

Како алтернатива се споменува Емилијано Мартинез, кој стана светски шампион со Аргентина и сака да си замине од Астон Вила.


Бајчетиќ надвор од тимот на Ливерпул до крајот на сезоната

Фудбалерот од везниот ред на Ливерпул, Стефан Бајчетиќ, соопшти дека поради повреда нема да настапува за тимот до крајот на сезоната.

„За несреќа, заработив повреда која ќе ме оддалечи од фудбалските терени до крајот на сезоната. Многу е тешко на овај начин да ставам крај на оваа сјајна сезона, но разбирам дека дека се ова е дел од фудбалот и искуство кое ќе ме направи ментално и физички посилен. Сакам да му се заблагодарам на сите навивачи на Ливерпул за поддршката во текот на сезоната и ве уверувам дека ќе се вратам појак од било кога“, објави Бајчетиќ на својот Инстаграм профил.

18-годишниот фудбалер сезонава за Ливерпул запиша 19 настапи и постигна еден гол.


Наполи го продолжи договорот со Лоботка до 2027 година

Калчолигашот Наполи објави дека го продолжи договорот со играчот од средниот ред на екипата, Станислав Лоботка до јуни 2027година, со опција за плус една година.

Интернационалецот од Словачка сезонава стана еден од највлијателните играчи во екипата од Неапол, прикажувајќи одлични партии во Серија А и во Лигата на шампионите.

Лоботка е член на Наполи од јануари 2020 година кога пристигна од Селта Виго. Неговите настапи во екипата значително се подобрија после заминувањето од тимот на Фабиан Руиз.

Наполи е лидер на табелата во Серија А, и четвртфиналист во Лигата на шампионите.


Раул: Македонија ги има најдобрите навивачи во светот

Раул Гонзалез, кој во 2017 година со Вардар стана европски шампион, сè уште не може да ги искаже чувствата од историската титула со македонскиот тим.

Раул го однесе Вардар до првата титула во Европа, а потоа кажа дека навивачите во Македонија се најдобри во свет.

„Во 2014 година го преземав Вардар и тоа беше незаборавно искуство. Во 2016 година за малку не стигнавме во Ф4-турнирот, но следната сезона го освоивме трофејот. Имавме неверојатна сезона, ги победивме Барселона и ПСЖ.

Мора да признаам дека во Македонија беше навистина лудо. Македонците се најдобри во светот. Нивната поддршка и страста која ја имаат за спортот е нешто неверојатно“, вели Гонзалез.


Австрија доби договор на ГН во Формула 1 до 2027 година

Австрија ќе има Формула 1 трка барем до крајот на 2027 година, откако денеска беше објавено дека договорот на трката е продолжен за уште 4 години.

Трката се врати во календарот во 2014 година на „Ред Бул Ринг“ и во последниве години трката имаше огромен успех, со рекордна публика од 303.000 луѓе минатата година.

Големата награда на Австрија се покажа како една од најпопуларните трки за  навивачите на Макс Верстапен, кои имаат своја трибина на патеката во Грац.

Извршниот директор на Формула 1 Стефано Доменикали му оддаде почит на починатиот Дитрих Матешиц и неговите напори да ја врати Австрија во календарот на Формула 1. Италијанецот објасни дека „љубовта, страста и визијата“ на Матешиц го обезбедиле успехот на трката.