feature

Нкунку под знак прашалник за натпреварот против Сити во Лигата на шампиони

Францускиот напаѓач во редовите на РБ Лајпциг, Кристофер Нкунку поради повреда е незвесен за настап на вечерашниов осминафинален дуел во Лигата на шампионите против Манчестер Сити.

Нкунку повредата ја доби на тренинг со својата екипа пред натпреварот со шампионот на Англија.

Тренерот на Лајпциг Марко Розе, најави дека Нкунку сигурно нема да биде во стартниот тим, и сеуште не се знае дали ќе биде вклучен во остатокот од екипата. Французинот одработил само дел од последниот тренинг поради реакции на неговата повреда.


Де Брујне и Лапорт го пропуштаат дуелот со РБ Лајпциг

Фудбалскиот клуб Манчестер Сити потврди дека Кевин де Брујне и Емерик Лапорт ќе го пропуштат вечерашниот дуел од осминафиналето во Лигата на шампионите против РБ Лајпциг.

Тренерот на Сити, Пеп Гвардиола, информира дека двајцата фудбалери се болни и не се чувствувале добро после натпреварот во Премиер лигата против Нотингем Форест, па поради тоа тие нема да бидат во тимот кој ќе гостува во Германија.

Гвардиола го пренесува својот респект за тимот на РБ Лајпциг потенцирајќи го нивниот дефиниран систем на игра и нивната одлична регрутација на млади играчи. Шпанскиот стручњак очекува тежок двомеч со еден од подобрите тимови од Бундеслигата.


Меси ќе си замине од ПСЖ ако Баерн ги елиминира во ЛШ

Францускиот весник „Лекип“ пренесува дека Лионел Меси одлучил да не го продолжи договорот со Париз Сен Жермен доколку екипата биде елиминирана од Баерн Минхен во осминафиналето од Лигата на шампиони.

ПСЖ минатата недела доживеа пораз со 1:0 од Баерн во првиот натпревар од нокаут фазата во ЛШ, а следниот дуел меѓу двата тима е на 8. март во Минхен.

Информациите од весникот велат дека Меси не бил баш најсреќен во Париз, бидејќи очекувал екипата да има подобри резултати. Главна цел на фудбалерот со клубот е освојување на трофејот во ова натпреваување. Од Лекип наведуваат дека постои шанса Меси да остане во клубот , меѓутоа тој бил поблиску до заминување отколку до останување во клубот.


Адетекумбо го чека подолга пауза, повредата не е наивна

Јанис Адетекумбо кој се повреди на мечот со Чикаго ќе мора да оди на дополнителни лекарски прегледи.

Кошаркарот на Милвоки кој настапи само 20 секунди на „Ол-стар“ мечот изјави, дека имал желба да игра подолго но, болката во десниот зглоб била преголема.

Тој во сезонава има одиграно 47 мечеви со просек од  31,8 кошеви, 12,2 скокови и 5,4 асистенции.


Французинот Калулу од Милан се сели во Јунајтед?

Манчестер Јунајтед покажува сериозен интерес за младиот дефанзивец на Милан, Пјер Калулу, пренесуваат англиските медиуми.

21-годишниот Французин буквално „експлодира“ минатата сезона во дресот на Милан и се етаблираше во еден од најдобрите млади дефанзивци. Французинот неодамна стави потпис на нов договор со „росонерите“ до 2027 година, но Јунајтед е спремен да понуди 50 милиони евра за неговиот потпис.

Тен Хаг го сака Калулу бидејќи подеднакво добро може да игра како десен бек и како стопер.

Сепак, тешко е да се поверува дека Милан ќе се согласи со продажба на младата ѕвезда.


ПСЖ за 100 милиони го купува Рендал Коло Муани

Рандал Коло Муани би можел по завршување на сезоната да потпише договор со ПСЖ, објави денеска весникот „Паризиен“.

Муани (24) лани дојде во Ајнтрахт без обесштетување, откако му истече договорот со Нант, а според францускиот весник, ПСЖ е подготвен да го донесе во своите редови и за тоа да му понуди на германскиот клуб 100 милиони евра.

Муани одигра три натпревари за Франција на Мундијалот во Катар и постигна еден гол.

Во финалниот натпревар Муани се најде во стопроцентна шанса за гол во завршните моменти од второто продолжение, но чуварот на мрежата Емилијано Мартинез со нога го одбрани неговиот обид, а Аргентина во пенал серијата која уследи беше поуспешна од Франција и ја освои светската титула. 


Рафиња: Никогаш не би играл за Реал Мадрид

Рафиња, според последната изјава е целосно лојален на каталонскиот клуб и за него не постои друг избор во Шпанија.

26-годишниот репрезентативец на Бразил во клубот дојде во јули 2022 година од Лидс и на 21 натпревар во Примера постигна четири гола и додаде уште толку асистенции.

„Никогаш не би играл за Реал Мадрид. Во Шпанија ја сакам Барселона, а од другите држави, ПСЖ и Арсенал“, изјави Рафиња кој кариерата ја започна во Авае, играше уште за Гимараеш, Спортинг Лисабон, Рен и Лидс.

Бразилецот би сакал да биде во ист тим со Лионел Меси.

„Секако да би сакал да се врати и да биде со нас“, истакна Рафиња кој со Барса има договор до летото 2027 година.


Адејеми три недели надвор од терените

Фудбалерот на Борусија Дортмунд, Карим Адејеми ќе отсуствува од терените околу три недели поради повреда на скочниот зглоб, соопштија од бундеслигашот.

Адејеми скина мускулно влакно на зглобот за време на првенствениот натпревар против Херта (4-1) во неделата.

На последните три натпревари Адејеми постигна три гола и имаше асистенција. Ќе ги пропушти првенствените натпревари против Хофенхајм и Лајпциг, мечот во Лондон против Челзи во Лигата на шампионите и дербито против Шалке.


Маунт може да заврши во Јунајтед, ако не добие нов договор во Челзи

Преговорите помеѓу Челзи и Мејсон Маунт за продолжување на договорот се во застој, а таквата ситуација сака да ја искористи Манчестер Јунајтед.

Двете страни долго време водат преговори, но без особен прогрес, бидејќи никој не сака да отстапи од своите позиции. 24-годишниот играч за врска, кој две години по ред беше избран за најдобар играч на Челзи, е еден од најмалку платените фудбалери на „Стенфорд Бриџ“.

Тој настојува на значително зголемување на платата како неговите колеги од репрезентацијата, односно 200.000 фунти неделно, а Челзи му нуди значително помалку.


Србинот Стевановиќ од Мешков Брест се сели во Еурофарм Пелистер

Еурофарм Пелистер објави дека нов ракометар на битолскиот клуб e српскиот интернационалец, Дарко Стевановиќ.

Станува збор за 26-годишен лев бек, кој доаѓа во Битола од белорускиот шампион Мешков Брест. Стевановиќ е роден во Лазаревац, блесна во Партизан, настапуваше во Балатонфуреди и Егер во Унгарија, Ал-Араби и Ал-Веда во Катар и неполна сезона во Белорусија. 196-сантиметри високиот Стевановиќ запиша и пет настапи за српската репрезентација. Доаѓа во Битола на обострано задоволство, по кое е потпишан договор заклучно со јуни 2024 година.

Ракометарот веднаш ќе ги започне индивидуалните тренинзи, со оглед на тоа што екипата е веќе во Берлин на натпреварот против Фуксе Берлин во ЕХФ Лига Европа, а од четврток ќе се приклучи кон групата.

Неговото официјално претставување пред медиумите е предвидено кон крајот на неделата. Дебито на Стевановиќ ќе биде дуелот меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Еурофарм Пелистер следниот викенд.