feature

Суспензија заради допинг на победничката на Бостонскиот маратон

Победничката на минатогодшното издание на маратонот во Бостон, Дајана Кипјокеи, е суспендирана поради позитивен допинг тест, соопшти Единицата за атлетски интегритет (AIU).     

Атлетичарката од Кенија, исто така, е обвинета и за попречување на истрагата. Во соопштенмието на AIU се прецизира дека при допинг тестот на Кипјокеи е пронајдена забранетата сусптанца тримцинолон ацетонид. Вкупно десет кениски атлетичари и атлетичарки биле позитивни на оваа супстанца, додека од почеток на оваа година бројот на позитивни случаи во остатокот на светот изнесувал само два.

Кипјокеи се соочува со четиригодишна суспензија и одземање на победата на Бостонскиот маратон.


Гризман побара прошка од фановите на Атлетико

Напаѓачот на Атлетико Мадрид, Антоан Гризман по победата во натпреварот од 9. коло на Ла Лига со Атлетик (0-1) и им се извини на навивачите на мадридскиот клуб за преселбата во Барселона во 2019 година.     

Целиот тим заврши неверојатна работа. Трчавме заедно, напаѓавме, делувавме тимски. Поминавме низ многу предизвици, но да победиме на крајот е најдоброто чувство. Среќен сум затоа што моите деца ќе прашаат дали сум постигнал гол и можам да одговорам да. Драго ми е што потпишав договор со Атлетико и станав полноправен играч на овој клуб. Но, би сакал да се извинам. Сакам да се извинам на навивачите за штетата што можеби им ја нанесов пред три години кога се преминав во Барселона. Но, најдобриот начин да го направам ова е да го покажам најдоброто од себе на теренот. Ние сме на вистинскиот пат, изјави Гризман. 

На 10 октомври, прес-службата на Атлетико објави дека клубот ги откупил правата на Гризман од Барселона. Новиот договор на напаѓачот со мадридскиот клуб е до летото 2026 година.


Виси настапот на Ричарлисон на Светското првенство?

Фудбалерот на Тотенхем, Ричарлисон, кој вчера заработи повреда на мечот со Евертон во Премиер-лигата, може да го пропушти Светското првенство во Катар кое ќе започне на 20 ноември.

Доколку се потврди дека Бразилецот има искинат мускул, тогаш паузата од терените ќе биде некаде од шест до 8 недели. Во таква ситуација селекторот на „кариоките“, Тите, ќе остане без неговата прва опција во нападот. Целата ситуација емотивно ја доживеа играчот на „Спарси“.

„Тешко е да се каже, бев толку блиску до сонот да играм за Бразил на СП во Катар. Ќе видиме што ќе кажат лекарите. Имам болки додека се движам“ беа зборовите на Ричарлисон.


Швјонтек го освои турнирот во Сан Диего

Полската тенисерка Ига Швјонтек стигна до осмиот трофеј сезонава. Таа го освои ВТА турнирот во Сан Диего победувајќи ја во финалето Дона Векиќ од Хрватска.     

Финалето кое се одигра синоќа траеше 109 минути и заврши со 2-1, по сетови 6-3, 3-6 и 6-0. За првиот светски рекет ова беше вкупно единаесетта титула во кариерата. Вкупниот награден фонд во Сан Диего (САД) изнесуваше 757.900 долари.


Чави е статистички најлош тренер на Барселона од 2001.година досега

Екипата на Барселона доживеа пораз од 3:1 на „Ел Класико“ дуелот со Реал Мадрид. Од доаѓањето на Чави Ернандез на клупата на Барса, тимот се труди да игра допадлив и напаѓачки фудбал, меѓутоа според статистиката, Чави е најлошиот тренер на екипата од „Камп Ноу“ од 2001.година.

Чави водејќи ја Барселона има 56 процент на победи од 50 натпревари, односно тимот под негово водство остварил 28 победи, 11 нерешени и 11 порази. Овај скор е најлош од било кој тренер кој ја има водено Барселона од 2001.година до сега.


Мбапе: Немам побарано трансфер од ПСЖ, среќен сум во клубот

Фудбалерот на Париз Сен Жермен Килијан Мбапе ја демантираше веста дека сака да го напушти клубот на почетокот од наредната година.

Претходниве денови некои медиуми ја објавија информацијата дека Мбапе сака да го напушти ПСЖ во јануари поради неисполнети ветувања од челниците на клубот.

„Не сум побарал напуштање на ПСЖ. Среќен сум во клубот и не сум бесен на никој. Шокиран сум од веста дека сум сакал да заминам од клубот. Тоа е целосна измислица“, изјави Мбапе за француските медиуми после победата на ПСЖ над Олимпик Марсеј со 1:0,во 11.коло од Лига 1.


Клоп: Го заслужив добиениот црвен картон

Тренерот на Ливерпул Јирген Клоп изрази огромно задоволство од победата на својот тим во дербито со Манчестер Сити од 1:0, во 10.коло на Премиер лигата. Единствениот гол на средбата го постигна Мохамед Салах во 76.минута.

„Натпреварот беше извонреден. Двата тима беа феноменални и силно ја посакуваа победата. На крајот ние успеавме да реализираме една од подобрите ситуации и затоа победивме. Околу моето исклучување во 86.минута сакам да истакнам дека беше заслужено, бидејќи реагирав бурно за стартот над Салах, и не сум горд на таа ситуација“, истакна Клоп после средбата.


ФИФА ќе им компензира на клубовите за мундијалскиот настап

Светската фудбалска федерација ќе им плати на клубовите 209 милиони долари за учеството на нивните играчи на Светското првенство во Катар на крајот на годинава.

Секоја екипа ќе добие по 10.000 долари за секој ден што играчот ќе го помине со националниот тим на Мундијалот. Организацијата потсети дека по Светското првенство во 2018 година обештетување добиле вкупно 416 клубови.

Најзначајниот фудбалски настан на планетава ќе се одржи во Катар од 20 ноември до 18 декември.


Фудбалската топка со која Марадона ги постигна славните голови против Англија на СП 1986. ќе се продава на аукција

Англискиот Би-Би-Си пренесува дека топката со која аргентинската фудбалска легенда Диего Марадона ги постигна двата славни гола против Англија на Светското првенство кое во 1986. година се одржа во Мексико, ќе бидат понудени на аукција. 

Според проценките, се очекува фудбалската топка да постигне продажна цена помеѓу 2,5 и 3 милиони фунти. Топката ја продава тунискиот фудбалскиот судија Али Бин Насер кој ја делеше правдата на дуелот помеѓу Аргентина и Англија, и го призна голот на Марадона наречен „божја рака“, со кој го совлада англискиот голман Питер Шилтон.

Аукцијата на која ќе се продава топката е закажана за 16.ноември и ќе биде во склоп на настаните пред започнувањето на СП во Катар.


Еспирито Санто повторно на клупата на Вулверхемптон?

Според пишувањата во некои англиски медиуми, поранешниот тренер на Вулверхемптон, Нуњо Еспирито Санто, би можел повторно да го преземе водењето на екипата после 17 месеци откако беше отпуштен од тренерската позиција во клубот.

После отказот на Бруно Лаж и пропаднатите преговори со фаворитот за тренерското место, шпанецот Хулен Лопетеги, челниците на Волвс размислуваат да му понудат нова шанса на Еспирито Санто, кој во моментот е тренер на клуб од Саудиска Арабија.

Вулверхемптон во новата сезона има освоено само шест бода и по се изгледа на клубот му треба брза одлука за назначување нов тренер.