feature

УЕФА го објави конечниот распоред на Македонија во квалификациите за ЕУРО 2024

УЕФА излезе со финален распоред на натпреварите во Ц-групата од квалификациите за пласман на Европското фудбалско првенство кое во 2024.година ќе се одржи во Германија.

Македонија е во група со селекциите на Италија, Англија, Украина и Малта. Нашите фудбалери квалификациониот циклус ќе го отворат во март 2023.година против Малта на домашен терен, а ќе го затворат на гости против Англија во ноември 2023.

1. коло: 23. март 2023. Македонија – Малта
2. коло: 26. март. Македонија слободна
3. коло: 16. јуни 2023. Македонија – Украина
4. коло: 19. јуни 2023. Англија – Македонија
5. коло: 9. септември 2023. Македонија – Италија
6. коло: 12. септември 2023. Малта – Македонија
7. коло: 14. октомври 2023. Украина – Македонија
8. коло: 17. октомври Македонија слободна
9. коло: 17. ноември 2023. Италија – Македонија
10. коло: 20. ноември 2023. Македонија – Англија


УЕФА нема да го прошири Европското првенство

УЕФА одлучи да не го прошири Европското првенство. Форматот со 24 тима ќе биде задржан. УЕФА ја разгледа можноста за зголемување на бројот на учесници на 32 земји, објави „Скај њуз“.     

Организацијата сметаше дека обезбедувањето дополнителни места ќе го девалвира квалификацискиот циклус на турнирот, што ќе ги направи натпреварите помалку атрактивни и ќе бара ревизија на форматот. 

За денес во 12 часот е закажана ждрепката за квалификациите за Еуро 2024 година. Македонската фудбалска репрезентација се наоѓа во четвртиот шешир.


Канте го напушта Челзи

Медиумите од Англија пренесуваат дека фудбалерот на Челзи Нголо Канте не успеал да се договори со челниците на клубот околу продолжување на договорот и на крајот од сезоната најверојатно ќе си замине од Стенфорд Бриџ како слободен играч.

Францускиот фудбалер имал барање за нов тригодишен договор со Челзи, меѓутоа челниците на клубот од Лондон не се согласуваат со условите на Канте чиј договор истекува на крајот од сезоната.

Според информациите управата на Челзи не сака да го пушти Канте без обештетување па се бара начин тој да му биде понуден на некоја екипа во зимскиот преоден рок.

Канте е член на Челзи од 2016.година кога тој пристигна од Лестер.


Далот на радарот на Чави во Барселона

Манчестер Јунајтед сака да го задржи португалскиот репрезентативец Диого Далот, но интересот за него е се поголем. Шпанските медиуми пренесуваат дека Барселона сериозно се вклучила во траката за потписот на Португалецот.

Далот влезе во последната година од договорот, но Јунајтед има опција за еднострано продолжување до 2024 година.

Далот игра добро под водство на Тен Хаг од почетокот на сезоната и „црвените ѓаволи“ сигурно ќе ја актувираат опцијата за продолжување на договорот.

Чави е во потрага по десен бек и верува дека Далот идеално ќе се вклопи во неговиот систем на игра, па веќе стапиле во контакт со неговиот менаџер.


Потер го враќа Тами Абрахам во Челзи

Тами Абрахам би можел да се врати во Челзи по крајот на сезоната, тврдат медиумите на Островот.

Абрахам направи вистински потег со трансферот во Рома каде доживеа целосна афирмација и го привлече интересот на бројни клубови. Меѓутоа, италијанските медиуми откриваат дека во договорот на напаѓачот постои клаузула со која Челзи ќе може да го врати на „Стенфорд Бриџ“ за 80 милоини евра.

Со оглед на одличните игри на Абрахам и фактот што Челзи е во потрага по напаѓач, „сините“ сакаат да ја искористат опцијата и да го вратат во своите редови.

Потер е голем симпатизер на неговата игра и му ветува дека ќе има важна улога во тимот.


Тите заминува во пензија, Бразил ќе добие нов селектор

Претседателот на Фудбалската федерација на Бразил, Едналдо Родригез, изјави дека Абел Фереира, Доривал Жуниор и Фернандо Диниз, се најсериозни кандидати за нов селектор на Кариоките, објавија денеска локалните медиуми.     

Актуелниот бразилски селектор Тите одлучи да се повлече од должноста по завршување на Мундијалот во Катар. 

„Бразилскиот фудбал има непресушен извор на фантастични тренери. Можам да потврдам дека кандидати за селектор се Фереира, Жуниор и Диниз, но не е фер да зборуваме само за нив и да ги заборавиме другите, бидејќи имаме уште барем најмалку десет квалитетни кандидати“, изјави Родригез.

Тој најави дека наследникот на Тите ќе биде познат по Мундијалот во Катар. 

„Во моментов сме фокусирани на подготовките за Катар. Одлуката за наследникот на Тите ќе ја донесеме по завршувањето на Мундијалот“, изјави првиот човек на бразилскиот фудбал.


Гасли е замената за Алонсо во тимот на Алпин

Француската екипа Алпин, чиј сопственик е Рено, објави дека во следната сезона во Форммула 1 нејзини возачи ќе бидат двајца Французи, Пјер Гасли и Естебан Окон.     

Гасли доаѓа во екипата како замена за поранешниот светски првак, Шпанецот Фернандо Алонсо, кој кариерата ќе ја продолжи во Астон Мартин. 

Досега Гасли беше член на Алфа Таури, а неговото место во таа екипа ќе го пополни холандскиот возач Ник де Врис од Мерцедес.


Клоп го исклучи Ливерпул од трката за титулата

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, по вчерашниот пораз во дербито со Арсенал, изјави,  дека „црвените“ се отпишани од трката за титулата во Премиер-лигата.

„Имаме проблеми но, мора да продолжиме.  Така беше и во претходната сезона. Направивме клучни грешки и примивме лесни голови“, потенцира Германецот.

Ливерпул во наредниот викенд ќе го пречека Манчестер Сити. На врвот во Англија е екипата на Арсенал со 24 бодови пред „граѓаните“ со 23.


Мурињо ги шокира аргентинските фанови – Дибала го пропушта Мундијалот во Катар?

Аргентинскиот фудбалер Паоло Дибала беше стрелец на гол од пенал во победата на Рома против Лече од 2:1 во деветтото коло од Серија А, но набрзо после погодокот тој беше приморан да го напушти теренот поради повреда.

После завршетокот на дуелот, тренерот на Рома Жозе Мурињо изрази стравување дека повредата на Дибала е посериозна од очекуваното, и дека играчот би можел да го пропушти СП во Катар.

„Повредата изгледа многу лошо, а после разговорот со Дибала искрено мислам дека се работи за доста лоша повреда. Тешко дека ќе го видиме повторно на фудбалскиот терен пред 2023 година“, изјави Мурињо.


Зорман со многу проблеми ќе ги чека евро-квалификациите

Селекторот на машката ракометна репрезентација на Словенија, Урош Зорман пред неколку дена го објави списокот на играчи за подготвителниот период пред квалификациските натпревари за пласман на Европското првенство 2024 година.

Зорман одлучи да го прошири списокот пред двата квалификациски натпревари и да повика дополнително уште тројца играчи. На местото на повредените Гашпер Маргуч, Борут Мачковшек и Тадеј Мазеј, словенечкиот стратег реши да ги повика Домен Новак, Алекс Кавчич и Дарко Цингесар.

Зорман и неговите избраници на 9 октомври ќе го имаат првиот собир, додека на 13 и 16 октомври ќе ги одиграат првите квалификациски натпревари против БиХ, односно Косово. Ракометарите на Словенија и на двете средби важат за големи фаворити.