feature

Спанулис е нов селектор на грчката репрезентација

Поранешниот ас на кошаркарските клубови Панатинаикос и Олимпијакос, Василис Спанулис е нов селектор на грчката кошаркарска репрезентација.

За ова се шпекулираше и претходните денови, а Спанулис потпиша двегодишна соработка со локалната федерација.

На таа позиција тој ќе го замени Димитрис Итудис, кој поднесе оставка по неуспехот на репрезентацијата на неодамнешното Светско првенство.

За Спанулис селекторската функција ќе биде само втора самостојна работа во тренерската кариера, во која досега беше тренер и на Перистери – и тоа само една година.


Артета носи уште еден фудбалер на Сити на „Емирати“

Ако минатата сезона Арсенал падна играчки во завршницата од сезоната, каде ја испушти титулата, Микел Артета сезонава сака да биде сигурен дека ќе има поконкурентна екипа во битка за титулата.

Арсенал сега се подготвува за евентуалниот трансфер на Калвин Филипс, играчот на нивниот директен ривал за титулата, Манчестер Сити. Со оглед на тоа дека во минатото, Арсенал ги обезбеди потписите на Хесус и Зинченко, ништо чудно доколку се реализира и овој трансфер.

Артета го посакува Филипс веќе во јануари, а веќе биле пуштени тимови на преговарачи за договор меѓу клубовите.

Англискиот фудбалер сезонава има само 170 минути на терен во тимот на Гвардиола, а во моментов е ставен на листата на играчи кои веројатно ќе заминат.


Левандовски следен на листата на саудиските клубови

Претходното лето не сакаше да слушне за Саудиска Арабија, но догодина, по се изгледа полскиот репрезентативец Роберт Левандовски ќе тргне по патот што го поминаа голем број светски ѕвезди последните месеци.

Во летниот преоден рок, тој имаше одлична финансиска понуда од Абха, ама одлучи да остане во Барселона. Интерес за него покажуваат и други клубови од Саудиска Арабија и најверојатно Лева нема да остане имун на нив. Иако има договор со Барселона до 2026 година, многу е веројатно дека нема да го одработи до крај.

Левандовски стигна во Барса ланското лето од Баерн, а досега за новиот клуб одигра 55 натпревари и постигна 39 гола.


Николовски повторно ќе седне на клупата на Победа

Јане Николоски е нов тренер на второлигашот Победа од Прилеп.

Николоски во Победа го наследува Филип Мирчевски кој доби отказ по слабиот старт на сезоната во ВМФЛ. Јане Николоски е големо фудбалско име во македонската јавност, а во кариерата како тренер ги водеше екипите на: АЕЛ Лимасол, Хоризонт Турново, Победа, Слога Виница, Борец…Исто така беше задолжен и за младите категории во Победа.

Последниот ангажман во македонскиот фудбал пред враќањето во Прилеп, Николоски го имаше во Шкупи каде што работеше како спортски директор.


Саки одушевен од Пиоли и новиот Милан

Ариго Саки особено го пофали Милан после победата во дербито против Лацио.

Саки е еден од најдобрите и најтрофејни тренери во историјата на миланскиот гигант, а вели дека на моменти овој Милан го потсетува на неговиот.

Милан против Лацио, посебно во второто полувреме беше на работ на перфекцијата.Беа организирани, агресивни и сите фудбалери си помагаа еден на друг.Топката постојано беше на теренот, немаше непотребни долги топки, сите линии беа добро поврзани. А, во вакви услови, дури и фудбалер како Леао даваше максимум и имаше одличен настап“.

„На моменти Милан потсетуваше на тој од „златната ера“, од мое време и воопшто не претерувам“, изјави Саки.


Бензема во изолација во Саудиска Арабија заради ковид-19

Карим Бензема завршил во изолација во Саудиска Арабија откако добил позитивен тест на ковид-19.

Подолго време вестите за коронавирусот не се актуелни, но сега таква информација ни пристигнува од Саудиска Арабија. Бензема почувствувал симптоми по што му бил направен тест и било утврдено дека се заразил со вирусот кој еден период го парализираше светот во сите полиња.

Како што пренесуваат медиумите, тој веднаш бил изолиран од соиграчите и засега не е познато колку време ќе биде одвоен од тимот.


Лина Ѓорческа блиску до својот најдобар ВТА ранкинг

По вчерашниот триумф на фјучерсот во Куршумлиска Бања и освоените 70 поени од турнирот и со вкупно 399 поени се искачи на 186. место на ВТА листата.

Таа е сега многу блиску до својот најдобар ранг кога беше 170-та на ВТА листата (12.јуни 2017). Во конкуренција на двојки Ѓорческа има пад за шест места и сега се наоѓа на 309. место со 256 поени. Магдалена Стоилковска исто така има скок од седум позиции и сега се наоѓа на 1237. место со 8 поени. Во конкуренција на двојки Стоилковска е на 1475. место со 6 поени и таа како и Лина во оваа конкуренција има пад за шест позиции.

Оваа недела активна на тениските турнири ќе биде единствено Стоилковска која ќе настапува на фјучерс турнирот во Шибеник.


Реал го доби првото „Ел Класико“ во новата сезона на АЦБ лигата

Откако пред две недели ја победи во Суперкупот на Шпанија, Реал Мадрид денеска беше подобар од од Барселона и во третото коло од домашното првенство.

Вицешампионот настапи значително ослабен на овој натпревар, но и покрај тоа славеше со 86-79 и остана со максимален ефект на почетокот од новата сезона во АЦБ лигата. Одговорноста кај Реал ја презеде Венсан Поарие кој постигна 22 поена, но и 16-годишниот Исмаил Диањ кој доби место во почетната петорка и додека беше на теренот, Реал водеше со 11-2. На крајот, тинејџерот постигна 9 поени и 8 скока од кои 6 офанзивни, во дуелите со Јан Весели и Вили Хернангомес. Мора да се истакне и Факундо Кампацо кој одлично ја организира играта на Реал, а постигна и 17 поени.

Хернангомес повторно беше тотално неутрализиран, како во мечот од Суперкупот. Вечерва постигна само четири поени и два скока за 11 минути во игра и уште еднаш отвори сомнеж дали може да биде вистинско засилување за Барселона и да го замени Никола Миротиќ кој си замина во текот на летото. Дарио Брисуела со 14 поени беше најефикасен кај Барса.


Лисандро мора на операција на стапалото, се враќа за три месеци

По четвртиот пораз во сезоната, од Кристал Палас на домашен терен, за Манчестер Јунајтед доаѓа уште една лоша вест.

Аргентинскиот стопер Лисандро Мартинес денеска ќе мора на операција откако ја обнови повредата на стапалото, доживеана уште во текот на минатата сезона, против Севиља во Лигата Европа. Потоа Лисандро паузираше 11 недели, но на почетокот од оваа сезона се обиде да игра со инјекции против болки и тоа се покажа како лоша одлука.

По операцијата, тој нема да биде на теренот во следните три месеци што значи дека евентуално би се вратил на почетокот на 2024 година. Тоа е лоша вест за Ерик Тен Хаг кој во одбраната нема голем избор и до неодамна не можеше да смета на уште четворица фудбалери.


Ренџерс го сменија тренерот Мајкл Бил

Глазгов Ренџерс по поразот на домашен терен од Абердин го отпушти Мајкл Бил. Тој на кормилото на шкотскиот состав во 42 натпревари имаше 30 победи, 4 нерешени и 8 порази.

„Јасно е дека резултатите не ги оправдаа очекувањата на управата, навивачите и самиот Мајкл“, коментираше претседателот на Управниот одбор на Ренџерс, Џон Бенет.

Ренџерс е трет во шкотскиот шампионат со 12 бодови или седум помалку од лидерот, Селтик.