feature

Надал: Чувствував дека не можам да дишам во еден период од натпреварот

Рафаел Надал не успеа да влезе во сезоната на земја со перфектен скор. По титулите во Мелбурн, Австралија Опен и Акапулко, Шпанецот беше неочекувано поразен во финалето на турнир од „Мастерс“ серијата од Американецот Тејлор Фриц со 6-3, 7-6 (7-5).

„Искрено сакав да ја завршам оваа сезона со победа во Индијан Велс. Сите знаат дека ова е еден од моите омилени турнири на тврда подлога. Жал ми е што не можев да дадам максимум поради повредата. Тоа искрено најмногу ме боли“, истакна Надал.

Шпанецот имаше одредени потешкотии и во полуфиналето против неговиот сонародник Алкараз, а во финалето двапати побара помош од физиотерапевт.

„Имав проблеми со дишењето. Не знам точно што е. Кога се движев, се чувствував како да имам грутка во грлото. Исто така чувствував болка во моите ребра. Сето тоа целосно ме спречи. Многу повеќе ме загрижува овој проблем отколку поразот, кој веднаш го прифатив“, вели Шпанецот кој се проби на третото место на АТП листата.

Тој му честиташе и на Фриц, кој го постигна најголемиот успех во кариерата.

„Браво за Тејлор. Ја заслужи титулата. Дадов се од себе во овие две недели, жал ми е што не победив на крајот“, изјави Надал.

Сопственикот на 21. Гренд слем титула сега се упатува кон сезоната на земјена подлога, откако претходно најави дека ќе го прескокне турнирот во Мајами, кој никогаш не го освоил во кариерата.


Дибала одбил продолжување на договорот со Јувентус

Пауло Дибала ја одбил понудата за продолжување на договорот со Јувентус, пренесуваат бројни италијански медиуми. На последната рунда преговори не бил постигнат договор и како што сега стојат работите, Аргентинецот на лето ќе го напушти клубот како слободен играч.

Според написите , раководството на „бјанконерите“ значително ги променило условите на договорот кои ги понудиле во октомври. 

Тогашната понуда кон Дибала беше 10.000.000 евра по сезона, од кои 8.000.000 фиксен дел, и соработка на четири и пол години, која Дибала беше подготвен да ја прифати. 

Челниците на Јувентус сега ја променија својата понуда и фиксниот дел го спуштија на 7.000.000 евра, за со бонуси цифрата да стигне до 10.000.000 евра. Во понудата е намалена и должината на договорот, односно сега е предложена соработка на три години.  

Пауло Дибала не се согласил со понудените услови и тоа веќе му ги соопштил на потпретседателот на клубот Павел Недвед.


Анчелоти: Не треба да правиме драма од овој пораз

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, изјави дека тој е виновникот за тешкиот пораз од Барселона  во неделното Ел Класико.

Гостите од Барселона славеа на „Сантијаго Бернабеу“ со убедливи 4:0 во 29.коло од шпанската Ла лига.

„Тие играа подобро од нас. Ние имавме лоша вечер и тоа е тоа. Секој Ел Класико натпревар е тежок. Многу ми е жал за поразот, меѓутоа треба да останеме мирни, и не треба да правиме драма од ова. Треба да го заборавиме поразот и да гледаме напред“, изјави италијанскиот тренер.

Реал Мадрид се наоѓа на првото место од табелата со освоени 66 бода, додека Барселона е трета со 54 бода и натпревар помалку.


Анчелоти: Жал ми е, јас сум виновен за овој пораз

арло Анчелоти ја презеде одговорноста за тешкиот пораз од 0-4 од Барселона во „Ел Класико“.

Барселона синоќа ги надигра Мадрид, нанесувајќи им убедлив пораз и прекинувајќи ја серијата од шест меча без победа.

„Тие одиграа подобро од нас. Имавме лоша ноќ и тоа е тоа. Тешко е затоа што ова е „Ел класико“, игравме против Барса. Жал ми е. Но, мора да бидеме мирни. Не треба да правиме драма од ова. Мора да го заборавиме ова и да гледаме напред. Им кажав на играчите дека е моја вина“, рече Италијанецот.

Реал е прв на табелата со 12 бода повеќе и натпревар помалку од Барса.

„Имаме голема предност. Сега имаме репрезентативна пауза. Се надевам дека играчите кои беа повредени ќе се вратат“, додаде Анчелоти.


Таљафико потврди дека во јануари преговарал со Барса

Николас Таљафико потврди дека во јануари бил блиску до трансфер во Барселона, но Ајакс го блокирал трансферот во последен момент.

Барселона го сакала Аргентинецот на позајмица со право на откуп, но Ајакс не се согласил и не дошло до договор помеѓу двата клуба.

Таљафико се надева дека на лето повторно ќе биде актуелен трансферот во Барселона и дека ќе се пресели на „Камп Ноу“.

„Барселона ме сакаше, преговараше со Ајакс, но не дојде до договор. Во јануари беше комплицирано, но се надевам дека на лето лесно може да се реализира трансферот“, изјави Таљафико.

Не е тајна дека Барселона сака да ја засили конкуренцијата на левата бековска позиција и да донесе алтернатива за Жорди Алба.


Ѓоковиќ пак е број еден на АТП листата

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се врати на врвот на АТП листата!

По краткото владеење на Русинот Данил Медведев, Новак се врати на тронот и ја започна 362-та недела на врвот на светскиот тенис.

Ѓоковиќ сега има 20 бода повеќе од Медведев, кој оваа недела настапува на Мастерсот во Мајами.

Ѓоковиќ не може да губи бодови, бидејќи минатата сезона не играше на овој турнир, додека Русинот треба да брани четвртфинале.

По уште еден одличен резултат, на третото место излезе Шпанецот Рафаел Надал, додека на четвртата позиција падна Александар Зверев.


Рашфорд подготвен да замине од Манчестер Јунајтед во Ливерпул

Маркус Рашфорд сериозно размислува за својата иднина на „Олд Трафорд“, пренесуваат англиските медиуми.

Рашфорд се уште не донел конечна одлука за својата иднина, но сериозно размислува да ги напушти „црвените ѓаволи“ на крајот на сезоната.

Тој има договор до 2023 година и на лето ќе влезе во последната година од договорот, па треба да донесе одлука.

Извори блиску до играчот за англиските медиуми потврдија дека неговиот телефон постојано звони и агентите му презентираат интерес од многу клубови ширум Европа.


Милан и Наполи подготвуваат трампа во која е вклучен и Елмас

Италијанските медиуми пренесуваат дека Милан е силно заинтересиран за македонскиот репрезентативец Елиф Елмас и сака да го донесе на „Сан Сиро“.

Милан е во потрага по офанзивен фудбалер за врска, а тренерот Пиоли е голем симпатизер на квалитетите на Елмас. Наполи нема лесно да се откаже од „дијамантот“, но Милан е спремен да понуди трампа, пренесува „Калчомеркато“.

Имено, Наполи е силно заинтересиран за Анте Ребиќ, во кого гледа наследник на Инсиње, а „росонерите“ се спремни да понудат трампа. Вредноста на Елмас и Ребиќ е приближна на 30 милиони евра, па останува да видиме дали Наполи ќе се согласи на ваква трампа.


Фриц го сопре Надал и го освои првиот Индијан Велс

Американскиот тенисер Тејлор Фриц ја освои својата прва мастерс титула во кариерата. Тој во финалето на Индијан Велс успеа да го совлада Рафаел Надал со 2:0 во сетови и му го нанесе првиот пораз сезонава.

Фриц е првиот Американец кој го освои турнирот во Индијан Велс уште од 2001 година кога шампион беше Андре Агаси.

Благодарение на освоените бодови, Тејлор Фриц за прв пат ќе се најде меѓу 15. најдобри тенисери на АТП листата, заземајќи го 13-тото место.


Оливеира со триумф на Мото ГП трката во Индонезија

Возачот на КТМ, Мигел Оливеира, победи на трката за Големата награда на Индонезија, која беше втора од овогодинешниот Мото ГП шампионат.

Трката се возеше по дождливо време и истата започна после повеќе од еден час одложување. Португалскиот мотоциклист на патеката „Мандалика“ ја оствари својата четврта победа во кралската класа, и вкупно 16. во кариерата.

Второто место на трката го освои бранителот на титулата, Фабио Квартараро на Јамаха, додека трет беше возачот на Прамак Дукати, Жоан Зарко.